1. Прилеп знае да биде специфично место за креирање на уметници. Впрочем и голем дел на музичари, писатели, сликари и промотори на културата се баш од Прилеп. Иронијата, мајтапот и енциклопедијата на личности кои може да ги сретнат во чаршијата знаат во секого да испишат интересна приказна. Која е улогата на Прилеп во твојата приказна?
Јездиќ: Секој човек најубаво се чувствува кога е во родниот град, тоа барем важи за мене. И покрај тоа што се тешки условите за живеење за луѓето во секој град во Македонија, и покрај тоа што Прилеп веќе неколку години е скоро мртов град при испуштање на последниот здив, внатрешното чувство, топлината, атмосферата што ја создава градот е нешто што го носиме во нас од нашето појавување на овој свет.
Во Прилеп на 13 г. почнав да свирам во неколку краткотрајни, а малку подоцна во посериозни бендови. Почнав да се дружам со повозрасни луѓе кои повеќе го искусиле животот од мене, во тој период. Имав можност уште од рана возраст да се оформувам како музичар соработувајќи со музичари кои беа повозрасни од мене. Сето тоа има некакво влијание, на ваков или онаков начин, свесно или потсвесно.
2. Свирки во живо, концерти, студиски снимања… Кој е твојот префериран начин на комуникацирање на твојата музика со јавноста?
Јездиќ: Не можам да одберам само еден начин на комуникација со слушателите преку музиката. Најкреативен сум кога сум затворен в соба, кога сум во свој свет или кога сум во студио за да го снимам тоа што сум го направил. Но, музичар без живи настапи, тешко дека ќе издржи. Тоа е исто така друг свет. Друг вид на возбуда и исполнетост. Редовно свирам во кафичи, но често сум свирел и на големи сцени пред повеќе илјади публика. Проблем е тоа што нема многу места каде што можи да се свири авторска музика. Знаете дека имате квалитет, имате што да пренесете преку вашите настапи, а најчесто само тезгарите. Сепак, музичари сме, тоа ни е работа, мора да се прилагодиме на некои работи, да заработуваме за да преживееме и на тој начин да вложуваме во себеси и во нашата уметност. Тука настапува создавањето музика, кога сме затворени во соба или во студио, во свој свет. Не само што е зависност од креативна сатисфакција, туку тоа држи и баланс. Го одржува креативниот дух. Без тоа… Не ни сакам да помислам како би било. Покрај свирките и концертите, пред една година почнав да свирам во прилепскиот театар во претставата ”Дупло дно”. Се почесто сум таму. Убаво ми е кога сум на таа сцена заедно со актерите и останатите музичари. Потребно ми е и свирење во живо и снимање музика во студио.
3. Секој има различна животна приказна и различна причина зошто направил одредени одлуки поврзани со неговото живеење. За тебе, што беше пресудно да донесеш одлука да се занимаваш со музика??
Јездиќ: Љубовта и интересот кон музиката верувам дека ми се пренесени преку ДНК, генетски кодови или како и да се викаат, бидејќи од многу рана возраст тоа се забележувало кај мене, а јас не сум бил ни свесен за сопственото постоење во тој период од мојот живот. Тоа не значи дека еден човек со сигурност ќе одлучи музиката да му биде професија. Рок музиката и групите кои што ги слушав во детството беа силна искра и причина за да речам со возбуда ”ова е тоа што сакам да го работам”.
4. Која е најтешкото прашање кое си го поставуваш себе кога е во прашање музиката?
Јездиќ: Најтешко е одржувањето баланс помеѓу самокритичноста и помислата да не бидеме премногу строги кон себеси. Самокритичноста е потребна и здрава карактерна особина бидејќи ако нема самокритичност настапува стагнирање, вртење в место, што е многу лошо за еден музичар или било каков уметник. Без самокритичност нема напредување, но тоа да не премине во преголема строгост кон себе. Дефинитивно сум имал такви периоди кои траеле долго време, со години… Вечната борба со себе. Тоа е најтешко. По некое време од таа борба може да резултира со челична самодоверба, но потребно е истрајност и работа на себе.
5. Сите ние различно ја доживуваме музиката. Некои сакаат да си потсвирнуваат или пеат дел од нивната песна, некои со ентузијазам ги свират омилените акорди или рифови. Како ти уживаш во музиката?
Јездиќ: Музичарите секогаш поразлично слушаат музика од останатите луѓе кои не се музичари. Тоа е слушање со анализирање. Додека слушаме анализираме композиција, аранжман, структура на песната, изведба, продукција. Едноставно не можеш поинаку. Понекогаш се трудам да не правам такви анализи. Едно е заедничко за музичарите и другите слушатели кои не се музичари – енергијата и чувствата што ги добиваме при слушање на некоја музика.
6. Речиси сите во даден момент се запрашуваме за она што ќе го одбележи нашето живеење и уште повеќе како ние ќе го обележиме периодот во кој живееме и твориме. Што би било она по што би сакал да те паметат како музичар? А по што како човек?
Јездиќ: Секој уметник сака делото да му биде забележано, видено, слушнато и вреднувано. Добро би било доколку уметникот го почувствува тоа дури е жив. Од историјата знаеме дека тоа често се случува и постхумно. Верувам дека ако нешто е квалитетно, секогаш ќе си го пронајде своето место. Вчера читав едно интервју со Влатко Стефановски и ми се допадна една негова мисла. Кажува дека работите се вредни онолку колку што ние внесуваме енергија, љубов и труд во нив. Би сакал да бидам запаметен како добар музичар кој оставил нешто квалитетно позади себе, нешто во кое сум внесувал многу енергија, љубов и труд. Само најблиските можат да те паметат приватно како човек, како карактер. Секојдевно се трудам да бидам се подобар и подобар и верувам дека сум добар човек 🙂
7. Која е музиката која ја имаш во твојот телефон? Како и зошто ја одбра таа музика?
Јездиќ: Да бидам искрен, немам никаква музика во мојот телефон, освен обични, мали идеи кои ги снимам со телефонот за да ги разработам и обликувам во нови песни.
Периодов го слушав Чајковски и нешто од Edith Piaf. Паралелно го гледав филмот Tchaikovsky (1970) направен за неговиот живот исто и филмот La Vie en rose направен за нејзиниот живот.
8. Накратко кажи која беше инспирацијата позади „Срцето чука повторно“?
Јездиќ: Уште од средношколските денови имав замисла да направам музика во која сам ќе ги свирам сите инструменти. После подолго време успеав да го реализирам тоа. Кога се случи пандемијата и не затворија со месеци дома, тогаш одлучив дека е време да правам и снимам моја авторска музика, настрана од музиката на бендовите со кои имам снимано албуми. Музички можам да бидам инспириран од се што ќе слушнам доколку ми се допадне. Некогаш свесно го забележуваме влијанието, а некогаш тоа се случува потсвесно. Текстуално пишувам за вечната борба со себеси. Мислам дека не е потребно премногу да се објаснува некое уметничко дело бидејќи секој треба да го почувствува на свој начин. Во тоа е убавината на уметноста. EP-то ”Срцето чука повторно” има 4 композиции, две инструментални и две со пеење. Достапно е на YouTube и платформите за слушање музика како Spotify, а пред две недели го објавив и на CD. Можеби ќе биде почеток на еден поголем солистички опус.
10. Што не те прашав, а сакаше да бидеш прашан?
Јездиќ: Доволни се овие прашања. Се трудев да бидам што пократок во одговорите, бидејќи може да се пишува по 2-3 страни зa едно прашање.
Ви благодарам за интервјуто и интересот за тоа што го работам.
Интервјуто го подготви: Дражен Котески
Фотографии: Филип Јездиќ