Илија. Случајна средба во „Калинка“ и муабет низ смеа. Уште поубаво интервју.
1. Во Прилеп, мајтапот, пркосот и енциклопедијата на личности кои можете да ги сретнете во чаршијата во секого испишале интересна приказна. Што испиша Прилеп во твојата приказна?
Волчески:
Прилеп нема некое посебно место во мене. Приказна уште помалку. Град како и сите други. Сеедно дали прашањето ќе беше поставено за Прилеп или за било кој друг град…
Се разбира дека се шегувам, ова беше да го оправдам делот од прашањето со „мајтапот“.
Пораснат сум баш во прилепската Стара чаршија и плоштадот. Имам спомени од секоја уличка и секое „чоше“ низ чаршијата. Долги летни прошетки со моите, возење на малиот „Москвич“ на педали со дедо ми, први љубови, први сведоштва на пороци, чаршински муабети, информации и дезинформации, слобода, инспирација за творење и т.н. Пола сум битолчанец, така што и Битола има посебно место во мене.
2. Филмското платно или театарските штици? Што подобро ја осветлува приказната и емоциите?
Волчески:
Во театар работите треба да се пласираат поголемо, појако, но да се внимава да нема преглумување. Во театар си сега и овде, нема назад, нема повторување. Тоа е многу возбудливо. На филм можеш да вратиш толку колку што треба, но еден поглед, една игра со очите на филм може да замени 1000 зборови. Двете уметности ми се возбудливи и сакам да ги работам, но моментално мала предност давам на филмот.
3. Малкумина знаат дека Илија во еден период се занимаваше со музика. Дали и колку остана врската со музиката?
Волчески:
Уште сум во музичките води. Активно свирам со Андријана Дукоска со која имаме дуо. Со Филип Стевановски планираме некои поголеми музички проекти, а и со неколку колеги од прилепскиот театар направивме бенд и планираме, ако даде Господ, да направиме албум со авторска музика, а и да излеземе во јавност со неколку настапи. Музиката ми била и сеуште ми е филтер кога сум преоптоварен со глумењето, а скоро секогаш сум (позитивно кажано), што значи таа е неизбежна во моето секојдневие.
4. Карате? Зошто и кога?
Волчески:
Музиката е виновна за моите почетоци со каратето. После еден час по кларинет, уште кога бев основно, со професорот и карате мајсторот Драгољуб Бузески, отворивме тема за боречките вештини, самоодбрана и т.н. и така со малку теорија, малку пракса почнав со каратето. Не планирав да тренирам активно, ама баш тоа се случи. Каратето ме научи на дисциплина пред сѐ, а и убаво се чувствувам кога сум физички активен. Секој спорт е добар за психофизичкото развивање на една личност, но јас ги преферирам боречките вештини.
5. Умешноста на добро реализирана улога според мене се состои во доловувањето на карактерот на ликот кој се глуми и проекцијата на неговите емоции на публиката. Дали емпатијата е нешто што мора да го поседува секој актер или пак може и само технички добро да се одиграат одредени улоги?
Волчески:
Сме учеле на академија различни методи на работа. Исто така и работата со режисерите на тетарска претстава е некаков метод на работа. Но, за еден актер да си има/да си направи свој метод на работа треба да има доста искуство. Сум пробал и технички да одиграм улога и со емпатија и преку физичко дејство да дојдам до некаква емоција, ама на крај е комбинација од сѐ.
6. Која е најтешката улога која си ја реализирал? Која емоција е најтешка да се одглуми?
Волчески:
Улогите кои ми изгледале дека се „лесни“ и дека ќе ги направам веднаш, без многу впуштање и истражување туку дека природно ќе ми дојде, ми направиле поголеми проблеми. Не е сѐ така лесно како што изгледа, но некогаш и не е сѐ така тешко како што изгледа.
Не можам да издвојам една улога која ми била најтешка баш поради овие причини, но сепак мислам дека улогите, односно сцените во кои треба да се одиграат повеќе емоции одеднаш се најтешки, посебно ако треба да играм и повеќе улоги во една претстава.
7. Речиси сите во даден момент се запрашуваме за она што ќе го одбележи нашето живеење и уште повеќе како ние ќе го обележиме периодот во кој живееме и твориме. Што би било она по што би сакал да те паметат како актер? А по што како човек?
Волчески:
Најважно во еден театарски или филмски проект е процесот. Би сакал колегите да ме паметат како актер на кој може да се потпрат и да се чувствуваат слободно на сцена со мене, да ми веруваат како партнер, да црпат од мене мотив и инспирација, а публиката да ме памети по барем неколку добри главни улоги. А, како човек е многу поважно. Сакам да ме паметат онака како што сум заслужил и направил. Сите правиме грешки и убаво би било да учиме од нив. Би сакал да напредувам во добрите дела, верата, хуманоста. Би сакал да помогнам секаде и кај секој колку што можам. Да ме запаметат луѓето скромно, како добар човек, би бил пресреќен.
8. Колку актерството дава простор да се биде критички настроен кон секојдневните случувања?
Волчески:
Тоа ни е ветар во грб кога сакаме да кажеме нешто јавно на сцената, а и кога не сме на сцена. Ми дава храброст да го кажам моето мислење за повеќе работи и дома и јавно, но некогаш е подобро да се премолчат некои работи, а тоа не значи дека немам став и мислење.
9. Одредени случки со својот интензитет и контекстот во кој се случиле знаат да бидат многу битни во формирањето на нечиј карактер, но и животна приказна. Дали можеш да издвоиш вакви случки и како тие се одразиле на тебе?
Волчески:
Сум се променил и од неубави и од убави случки. Јас сум човек што повеќе го мотивираат убавите работи. Некогаш тоа се ситници. Неубавите оставиле трага за подобро утре, но нека останат таму назад во минатото. Сум давал многу повеќе внимание на работата отколку на себе си или на блиските околу мене. Моја среќа што и Господ и тие околу мене го разбирале тоа. После една непријатна случка поврзана со мене почнав многу повеќе да обрнувам внимание т.е. да ги ценам луѓето околу мене, а не работата. Таа случка сигурен сум дека имаше и големо влијание и врз другите колеги. За некои работи треба кочница, за некои туража. Треба да сме свесни кога едното, кога другото, оти тоа ги променува нашите животи, но патот на вербата, надежта и љубовта е секогаш вистинскиот.
10. Иако сите трагаме по одговори кои најчесто не ги добиваме, мое мислење е дека прашањата се далеку поважни од одговорите. Што е она што често се прашуваш а сѐ уште немаш одговор?
Волчески:
Во една прилика разговарав со една личност која беше и сеуште е поискусна од мене на едно поле од животот. На личноста отворено ѝ кажав дека имам 100 прашања. Таа ми одговори: Ако одговориме барем пола, ќе биде супер. Јас се насмеав и тогаш одговорот не ми значеше ништо повеќе од обична шега. Во Новиот Завет на едно место пишува дека секој ден има довлно зло во него, да не мислиме за тоа што треба да биде утре. Затоа се водам по тоа „помалку е повеќе“ и „полека – подалеку“. Не бркам резултат и одговор на прашањата, не бркам некогаш ни прашања. Едноставно сами доаѓаат во свое време и прашањата и одговорите.
Интервјуто го подготви: Дражен Котески
Фотографии: Илија Волчески