Зорица е генерален менаџер на Кариера.мк и еден позитивен пример на успешна жена која зад себе има успешна бизнис приказна. Но, како тоа да не е доволно, Зорица има и свое хоби во кое исто така е доста успешна и зад кое се крие нејзината креативна потреба да ги отслика различните расположенија на живеењето преку сликањето. Автор е на многу уметнички слики кои инспирираат со своите визуелни моменти и несвојствениот приказ на различни расположби.
Следи кратко интервју каде ќе ја доближиме нејзината приказна за љубовта кон уметноста.
Како започна твојата љубов кон сликањето?Дали ти го пронајде сликањето или сликањето те пронајде тебе?
Креативниот порив во мене го носам од многу мала, моите родители секогаш раскажуваат дека во секоја игра сум наоѓала начин како да бидам креативна преку цртање, избор на облека, декорирање, јас отсекогаш го сакав убавото. Сликам оддамна, ама пандемијата исклучително многу ми го вклучи чувството за изразување на се она што е во мене.
Така, официјално и настана Gallery of the Soul, мојата онлајн галерија од која во последните 3 години излегоа преку 300 дела, насликани од мојата душа и вдомени во еден куп домови и канцеларии низ државата.
Колку време посветуваш на твоето хоби, сликањето?
Сликам речиси секој ден, иако во првиот дел од денот имам сериозни обврски, попладне речиси и да нема ден кога не сум пред мојот штафелај. Времето поминато пред моите дела ми дава простор да го искажам се она што поминува низ мене во текот на денот и за мене сликањето во тишина е најубавата форма на ослободување од се она што понекогаш ми тежи. Сликам и рано наутро и доцна навечер во сабота или недела, за празник, секогаш кога ќе почуствувам дека е време за сликање без ограничувања. Многу пати се шегувам на моја сметка дека најубавите дела ги создавам кога сум нерасположена, нервозна и љута а немам одоговор како е тоа поврзано со сликањето.
Која е техниката во која ги работиш сликите и што се најчесто мотивите кои се отсликани на платното?
Мојата омилена техника е акрил на платно, работам со текстури и 3d моменти, внесувам форми и содржини што ми се допаѓаат и пробувам да експериемнтирам но и да останам во мојот свет и стил.
Бидејќи сликам апстракции, мотивите во мојата глава се од секојдневниот живот, можам да кажам дека љубовта и страста се две емоции кои најмногу ме придвижуваат и моите дела се олицетворение на чувствата. Сите мои дела се мој приказ на одредена ситуација, чувство или план.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате во усогласувањето на кариерата и креативниот процес на сликање?
Интересно е што многу луѓе не знаат како изгледа еден процес на создавање на едно уметничко дело. Од оптегнување на памучното платно на блинд рам штици, до хефтање, сликање, завршно заштитување, врамување, пакување и достава на делото, тоа е еден обемен процес кој го правам со огромна љубов и одзема доста време.
Сликарството е често пати хаотично, бои, течности, мириси и тоа многу малку луѓе може да го поврзат со мојот лик и постоење во првиот дел од денот кога секој ден сум нашминкана и на потпетици, што е сосема различно од моментите на макотрпно создавање на уметност, многу пати со еден куп флеки од акрил на облеката, со врзана коса сама во мојот свет кој сама си го градам секојдневно. Но, спојот на овие две работи ме прави токму она што сум, хаосот за мене секогаш бил поинтересна ситуација за снаоѓање отколку совршената подреденост на работите.
Дали сликањето влијае на вашата способност да мислите креативно и иновативно во вашата улога како генерален менаџер и како?
Апсолутно, мојата работна позиција е одговорна и бара многу енергија, лично ја имам привилегијата да работам со огромна бројка на клиенти од различни индустрии и секојдневно се соочувам со нови барања на кои треба да им се даде одгвор по иновативен пат.
За среќа сликарството е процес кој ја буди интелектуалната моќ исто толку колку што ја разгорува и креативноста и многу ми помага во фунционирањето и флексибилноста наспроти одговорностите кои ме чекаат во мојата канцеаларија или надвор од неа. Бидејќи компанијата која ја водам е во HR светот, сите мои одговорности се тесно поврзани со функционирањето на луѓето во различни бизнис култури па често пати ме става во позиција да морам да размислувам и креативно не само професионално како би биле оригинални во она што го испорачуваме како компанија.
Каде можат да се видат и купат твоите дела?
Делата кои ги создавам се прикажани на официјалниот инстаграм профил GalleryoftheSoul преку фотографии и видеа каде може да се долови секој најмал момент. Многу сум среќна што во петок на 26.5.2023 како дел од првиот роденден на Ротари клуб Исток ќе се одржи и лицитација на неколку мои дела и средствата ќе бидат донирани за отворени проекти на кои работи клубот. Настанот ќе се одржи во Бис бар од 20:00h и добредојдени се сите кои сакаат да донираат а истовремено и да си купат мое дело.