Честопати се запрашуваме како изгледа светот низ очите на уметниците, на оние кои знаат преку своите дела да ги мултиплицираат размислувањата, чувствата и да ги пренесат на својата публика. Да направиме мал обид да се пренесе таа слика на сите оние кои ја слушнале музиката на Филч или Фулишгрин и уште повеќе на оние кои би требало да ја слушнат.
Секој во различно време и заради различни причини имал допир со музиката. Кај некого тој допир бил поинаков и оставил поголеми траги отколку кај другите. Што беше пресудно за да во даден момент не можеш да ги тргнеш рацете од гитарата?
Стојоски: Идејата да свирам гитара веројатно се појави како една наивна тинејџерска потреба за внимание. Приказната доби малку поинаква димензија кога успеав да ја отсвирам првата мелодија. Фасцинантно е чувството кога со комбинирање на неколку ноти успеваш да отсликаш чувство на среќа, тага, возвишеност, гнев или било каква емоција. Тоа беше пресудно за да се посветам на музиката.
Музика, евенти, wannabee музичари, шаренило. Иако во преголема количина сепак впечатокот е дека премногу квантитет обично значи и мал квалитет. Што е квалитетна музика и колку време ти треба да ја препознаеш?
Стојоски: Добра музика или општо добра уметност за мене претставува успешно пренесена емоција. Доколку почуствувам дека има емотивна вредност во неа, тогаш за мене музиката е добра. Сите имаме моменти кога инстантно нѐ допира музиката што ја слушаме, но има и примери каде што ми требало неколку години за да разберам одредена музика или автор и која е емотивната вредност на тоа. Таков беше примерот со Tom Waits.
Имавме прилика да се пошегуваме за бројот на гитари кои ги имаш и зошто толку? Одговорот беше ретко добар, но ќе го оставиме за следна прилика 🙂 Која е твојата омилена гитара и зошто баш таа?
Стојоски: Да кажам која ми е омилена гитара е исто како да кажеш која ти е омилена песна 🙂 Таман ќе се одлучиш да посочиш една и веднаш ти текнува на уште 5 други.
Последниве години најчесто свирам телекастери, особено еден што го купив пред околу 2 години. Она што ми се допаѓа во тој тип на гитари е дека е многу искрена за свирење. What you give is what you get. Не можеш да ја потопиш во премногу ефекти и да лажираш. Гитара со карактер!
Успехот сите го дефинираат на различен начин. Дали секогаш пазарот и публиката се пресудни за успехот? Што е успехот за тебе и која е формулата да се успее со еден албум?
Стојоски: Како што си стои во самото прашање, во зависност од тоа како го дефинираш успехот, така и варијаблите пресудни за успехот се менуваат. Јас сметам дека делото е успешно ако перцепцијата на слушателите се поклопува со замислата позади творештвото. Ова правило на успех стои како важечко независно од бројот на публиката.
Сите имаме своја приказна. И сите си ја сакаат на свој различен начин. Која е трагата што сакаш да ја оставиш со твојата музика?
Стојоски: Сакам моето име да биде запишано во песочната плажа на историјата и да стои така до следното бранче од океанот. Сеуште работам на одговорот на ова прашање. Не сум спремен, може следниот час?
Секој уметник има свој начин да дојде до инспирација. Секој креативноста ја опишува поинаку и како постапка и како чувство. Дали можеби позади твојата музика се крие некоја муза или се работи за рандом креативни напади :)?
Стојоски: Нема единствен одговор на ова прашање.
Некогаш се длабоки емоции или големи настани што ме инспирираат, а некогаш се рандом креативни напади. Без разлика како ќе биде иницирано создавањето на делото, до крајот, мора да има добра приказна за раскажување.
Присетувањето на дредени случки не тераат на насмевка или пак на талкање на погледот. Луѓето кои се вешти со гитарата, често се дел од интересни случки. Што би издвоил како најинтересна случка? Барем она што може јавно да се сподели 😉
Стојоски: Пред неколку години имавме серија настани со Foolish Green во градот Улм во Германија. На една од свирките што ги имавме низ градот во публика ни присуствуваа и еден постар брачен пар. Кога завршивме со настапот ни пристапија и ни објаснија дека во својата младост имале прилика да патуваат низ светот со старо комбенце и проследиле голем број на настани од големи рокенрол хипи имиња од тој период и дека сме успеале со нашиот настап да ги вратиме во таа младост. Тоа е еден од најголемите комплименти што сум ги добил.
Некој повеќе, некој помалку се обидуваме секојдневно да издвоиме барем еден час време, исклучиво за нас. Која музика оди во позадина додека поминуваш време сам со себе и се поставуваат милион прашања во твојата глава?
Стојоски: Бидејќи голем дел од времето го поминувам со музика, честопати, времето исклучиво за мене го поминувам во тишина. Доколку пак немам потреба од таа тишина, најчесто “go to” албуми за позадинска музика ми се „Glad to be unhappy“ од Paul Desmond, „Idle Moments“ од Grant Green или нешто од Tom Waits.
Што заборавив да те прашам?
Стојоски: Шо ќе се напиеш? 😀
Интервјуто го подготви: Дражен Котески
Фотографии: Ѓорѓи Вацев