дома Интервјуа Интервју на Мартин Дуридански – сопственик на Ла Крем

Интервју на Мартин Дуридански – сопственик на Ла Крем

Сподели го ова:

Ла Крем е позната дестинација за сите љубители на квалитетни торти и колачи. Сместена во Т.Ц Летокарија, повеќе од 10 години ги нуди едни од највкусните и најквалитетните производи на пазарот. Накратко, со сопственикот на Ла крем, Мартин Дуридански ја откриваме оваа успешна претприемничка приказна за еден фамилијарен бизнис.

Кога и како започна приказната на Ла крем?

-Приказната на Ла Крем започнува во 2014 година. Се започна од идејата на еден млад човек  да создаде нешто свое и уникатно. Главната цел и мисија уште од почеток беше производство на високо квалитетни торти и колачи кои ќе станат препознатлив бренд на пазарот. Приказната започна скромно и со мал буџет, но со добра анализа и визија на пазарот .

Како се одвиваше растот и развојот на компанијата низ годините?

-Како и секоја нова компанија бевме исправени пред многу предизвици и препреки низ годините. Најголем предизвик беше производствениот процес да се издигне на едно високо ниво за да се достигне  стандардот кој го поставивме од самиот почеток . Тоа го постигнавме со постојани инвестиции  во производствените капацитети, но и во нашите вработени кои се најзаслужни за нашиот успех. Исто многу важен дел во развојот е постојаното проширување на нашето портфолио на производи следејќи ги најновите светски трендови.

Конкурентска предност и поставеност на пазарот?

-Нашата идеја уште од самиот почеток на приказната беше да креираме слатки кои ќе го имаат квалитетот како слатките кои ги правеа нашите мајки и баби во детството. Исто така да создадеме една препознатливост и уникатност на нашите производи со која ќе создадеме долгорочна релација со купувачите на истите.  Најголема водилка и мотив во оваа приказна ни се нашите клиенти, кои веќе 10 години го препознаваат домашниот квалитет и препознатлив вкус на нашите слатки. Во изминативе 10 години секогаш се водевме од тоа дека квалитетот треба да биде пред квантитетот, и во тој дел никогаш не отстапуваме во нашето работење.

Планови  за иднината на Ла крем?

-И покрај сите предизвици кои ги носи денешницата,  детално и  внимателно ги планираме нашите следни чекори. Идејата е во наредните години Ла Крем да покрие што поголем дел од  пазарот со торти и колачи во државата и да го зголеми своето портфолио на производи според потребите на нашиот пазар. Секако, постои желба освен на домашниот пазар нашите производи да се пласираат и надвор, но за тоа  треба најпрво добра анализа и планирање. Дополнително во нашите планови е и отворање на ,,програма за слаткари”. Оваа програма би била еден тип на темелна обука за сите нови членови на тимот на Ла Крем за да се запознаат детално со нашиот процес на работа.