дома Вести Аваја е единствен политички легитимен претставник на ромската заедница

Аваја е единствен политички легитимен претставник на ромската заедница

Сподели го ова:

Политичката партија Аваја докажа дека работи исклучиво во интерес на ромската заедница и е на добар пат да го обедини ромскиот електорат, констатираа претседателот на партијата Акиф Кариман и генералниот секретар, Елвис Мемети. На денешниот брифинг со новинарите, тие рекоа дека на овие избори настапиле самостојно и независно во служба на ромскиот народ заради една единствена причина – постигнување колективен напредок. „Аваја одговори на барањата на заедницата, го преземавме ризикот, ја следевме подготвеноста на заедницатa и понудивме избор кој што направи разлика и постави поинаков стандард на политичка борба во интерес на нашиот народ“, рече Мемети.

Кариман, осврнувајќи се на статистичките резултати, наведе дека иако партијата се регистрира две недели непосредно пред изборите и за неполн период од еден месец на дејствување, освои 2909 гласа. Бројот на неважечки ливчиња, според официјалните записници, изнесува 1.250 гласови, затоа што на нив е заокружено за кандидат од некоја од поголемите партии (од кој бил даден поткуп) и заокружен бројот 10, вели Кариман.

Во сите изборни единици во кои настапи Аваја – 3,та 4-та, 5-та и 6-та, добиените политички гласови за партијата направи сериозна разлика во распределбата на мандатите. Излезноста на ромското население, со кампањата на Аваја, се зголеми за 10 до 15 проценти во однос на досегашните изборни циклуси.

„За разлика од поголемите политички партии кои што овие избори ги оценуваат како мирни и демократски, повикувајќи се на генералната слика, за нас и овие избори покажаа дека натпреварот со поголемите партии е невозможен, бидејќи овие партии се фокусираа на најранливата категорија каде што живеат најранливите групации и ромскиот народ и тие беа се, само не и демократски. Нивото на политичка зрелост и култура во нашата земја, се уште, е на незадоволително ниво за да може да кажеме дека живееме во напредна демократија во која борбата е на ниво на идеи и визија за иднината. Овие избори го потврдија тоа и за жал старите пракси на манипулација, корупција и поткуп на гласачи ја нормализираа. Имено како што кажав поголемите политички партии, манипулацијата, корупцијата и поткупот кај нашите маала, го доведоа до ниво на општа пракса и култура“, рече Мемети.

Според него, Аваја е новиот ромски политички фактор во државата. Како партија е на деветтото место од сите седумнаесет учесници на парламентарните избори 2024, додека според вкупниот број освоени гласови на непарламентарните партии, АВАЈА е на високо трето место.

Аваја на овие избори настапи самостојно, со сопствена ромска идеологија, со тим кој доаѓа од секое ромско маaло од овие 9 општини, со јасна визија која во центарот го става колективниот напредок на ромската задница. Резултатите од овие избори не се само охрабрување, туку и глас и повик до Аваја за надеж и верба во нова млада и интелектуална сила. Аваја е новиот ромски политички фактор и резултатите од овие избори го потврдија тоа, при што за споредба со другите политички партии кои настапија на изборите во коалиција со другите партии, освои најмногу гласови на поединечно конто.

Не беше лесно, но сме сигурни дека после овие резултати: поголемите политички партии ќе подразмислат внатре со кого коалицираат од ромските партии, но и ќе го препознаат квалитетот и надежта која ја гледа ромската заедница во нас. Исто така и ромските политички партии ќе подразмислат што и како преговараат и во чиј интерес го прават тоа. Дали е тоа само личен партиски интерес или во интерес на заедницата и колективот?, велат од Аваја.

„Ромската заедница е фактор на одлучување некаде за 3 мандати, некаде за плус еден советник, некаде плус еден градоначалник – не го заборавајте ова, одете до заедницата – асфалтирајте го и тој пат каде што ги купувавте гласовите, вработите повеќе Роми во администрацијата за да ги решат проблемите на нивната заедница, изградете основна инфраструктура во секое маало, за и ромските деца да уживаат во зелени паркови, донесете ДУП-ови секаде каде што живеат Ромите. И за крај, инвестирајте во развој на ромската работна сила и ромските бизниси затоа што тие се моторот за растот на целокупната економија. Ние, како Аваја остануваме посветени на нашата заедница, соочени со идната цел – локални избори“, тврди Мемети.

Во општините во кои Аваја спроведуваше политичка кампања, вкупниот потенцијал на ромски гласачи изнесува од 12.500 до 13.000 гласови. Според просечната излезност тоа се околу 7.500 гласови, од кои Аваја освои 2.909, што претставува 37,8% од гласовите на Ромите кои излегле на гласање на парламентарните избори.

Во изборна единица 3, АВАЈА е веднаш по коалицијата Храбро за Македонија – ГРОМ. Со оглед на тоа дека коалицијата е составена од три партии, доколку истата ја исклучиме од рангирање, АВАЈА е партија со најдобар резултат во ИЕ3. Потоа, во изборната единица 4, АВАЈА го освои првото место, освојувајќи повеќе гласови и од коалицијата Храбро за Македонија – ГРОМ која е составена од три политички партии. Во изборната единица 5, АВАЈА го освои првото место, освојувајќи повеќе гласови дури и од коалицијата Храбро за Македонија – ГРОМ која е составена од три политички партии. Во изборна единица 6, АВАЈА го освои првото место, освојувајќи повеќе гласови дури и од коалицијата Храбро за Македонија – ГРОМ која е составена од три политички партии.