дома Интервјуа Интервју со Марта Димитров

Интервју со Марта Димитров

Сподели го ова:
  1. Што те инспирира да започнеш со пишување на книги? 

    Пишувањето го доживувам како многу интимен чин, па приказните, како што верувам дека е и кај многу други автори, почнаа да протекуваат од лично доживеани настани. Тоа не значи дека настаните се целосно пренесани во сурова состојба како што се доживеани, но многу поенти целосно отсликуваат аспекти од мојот приватен живот. Една важна животна лекција научив уште како дете, а тоа е дека кога е ни тешко нешто да кажеме на глас, ако истото го напишеме ќе ни биде многу полесно. Оттаму преку долги години пишување дневник дојдов до обиди за роман. Со тек на време сфаќав дека создавањето на книги спакувани во вид на роман сепак не треба да служат за ослободување од она што ни тежи затоа што така нашиот товар се пренесува на читателот. Затоа се фокусирав на тоа да го трансформирам доживеаното во нешто што носи лекција и тоа ми е мотив при секоја напишана страница.

  2. Како ги создаваш своите карактери и дали ги базираш на луѓе од реалниот живот?

    Ликовите ми се омилената шанса да излезам од рамките на жанрот на кој припаѓаат романите. И во првиот роман „Разголена душа“ и во вториот „Шардоне и шпагети карбонара“ тргнувам од себе и од луѓе кои биле или или се во моето опкружување. Секако, тоа би значело дека и од мене како личност која стои позади ликовите и од другите кои ги познавам позајмувам само како еден вид костур на целосниот опис на карактерот и околу него додавам или одземам по желба за да се истакне она што сакам да се постигне со книгата. Често пати кога ми се случува да препрочитам некој дел и да сфатам дека всушност секој лик има некоја своја главна нишка, но е креиран со тоа што му се додадени карактеристики од друга личност која ја познавам во реалниот живот. Идеите сепак доаѓаат од секојдневието, барем така беше до сега и сметав дека е невозможна мисија да измислам лик чии карактеристики не ми оставиле впечаток кај реална личност.

 

3. Кој е најголемиот предизвик со кој се соочуваш при пишување на романтични сцени?

Во двата романи – романси кои до сега ги имам издадено дефинитивно избегнував да ги вулгаризирам љубовните сцени и кога сакав да бидам подиректна сметав дека треба некои моменти да се прочитаат меѓу редови. Ова можеби во моментот на пишување било поради некои други причини кои сега не би можела да ги дефинирам, но во секој случај тој генерален став дека не мора да се става во фокус описот на приказната, туку сѐ она што се случило измеѓу, го имам сѐ уште. Тука предизвикот лежи во тоа како сцената да е интересна за да разбуди интерес, да не биде непријатно да се чита, а и да се пишува, но и да е изразена во многу помал процент во однос на тоа што сака авторот да каже. Поголем предизвик, барем до сега ми претставувале многу други ситници, на пример, како во романтичната сцена дијалогот да е поприроден и поблизок до нашето поднебје, како да ја опишам одредена реакција при некоја таква сцена за читателот да почувствува дека ликот е повреден, изнервиран, лут итн. Романсите се често потценети како жанр и се смета дека не треба многу за да се смисли некоја приказна, да речеме со љубовен триаголник, неверство или нешто слично. Сепак, јас се трудам да излезам од тие рамки и одам до подлабоки психолошки описи или необични животни филозофии. Тие ми се на прво место, а случувањата, средбите, љубовните состаноци и врски, сето тоа како средство за да се претстават споменатите длабочини.

4. Кој автор или која книга би ги истакнала како посебни во твојата библиотека? Дали имаш многу романси на полиците?

Интересен факт е дека не читам романси, а ретко читам и модерна литература. Најчесто посегнувам по класици од кој секогаш го издвојувам Достоевски. Се случува некогаш да направам исклучок, но генерално читам литература на која не мора да има име на одреден автор, но која ми служи како духовна храна. Сѐ почесто се интересирам за теми кои официјално доаѓаат од Истокот, а неофицијално водат потекло токму од овие наши простори. На многумина не им се допаѓа кога сретнуваат луѓе кои експериментираат со своите интереси за да си ги задоволат апетитите при потрага по вистината. Сепак, бидувајќи сведок на сѐ што доаѓа од Запад, а тука е и литературата мојата интуиција секогаш ми шепоти кога треба да одберам книга за да ја сместам на полицата или да поминам време со неа. Идеализирањето на љубовта која ја среќаваме во романсите од Запад создава погрешна претстава за партнерствата и верувам дека и затоа некое гласче во мене не ми дозволило до сега да пишувам романтична приказна без да има некое друго продлабочување.

5. Како ги балансираш традиционалните романтични теми со модерните предизвици во љубовта?

Кога ги пишував двете романси токму ова беше еден од предизвиците. Не е лесно да се стави на хартија идеја за љубовта од пред две децении со која јас сум израснала во време кога љубовта како тема има поинаков третман. Сепак, иако ми се јавуваше загриженост дали ќе се задоволат апетитите на публиката која сака такви романи, а воедно можеби навикнала на помодерен третман на љубовта како тема, сепак се трудев да се држам до нешто што мене ми е поприродно, можеби не толку традиционално, но барем искрено и кое го исклучува материјалниот момент во најголем дел. На пример, новите начини на комуникација како социјални мрежи се трудам да ги избегнувам, но од друга страна, послободните врски кои не се официјални ги третирам како тема. Сѐ на сѐ, не можам со сила да додавам од модерното, ниту да се враќам на традиционалното, но тука е некоја средина која и јас сум ја сведочела во раната младост.

6. Кој дел од процесот на пишување ти е најомилен и зошто?

Прватата страница. Често почетокот е најтешко да се дефинира затоа што е и многупати пресуден дали некој ќе продолжи да чита, но првата страница има најмногу врска и со самата идеја затоа што служу како мост до сѐ она што треба да се каже. Текот на пишувањето може да оди различно. Некогаш имаш и време и желба, но речениците не протекуваат низ прстите, а некогаш имаш само половина час слободно време, а содржина за два дена пишување. Во „Шардоне и шпагети карбонара“ пробав да работам со некој однапред смислен концепт, но еве со третиот роман кој е наменет за помлада публика повторно се вратив на спонтаноста. Најважно при пишувањето сега ми е намерата да ми е чиста и искрена. Не сакам да пишувам книги за да бидам писател, за да се продаваат или за да заработувам. Ги создавам затоа што ми шепнал внатрешниот глас и притоа, внимавам при секоја страница дали креирањето на речениците е наменето за некој личен интерес или за повисока цел. Во суштина, учам како тоа што го пишувам да го ставам во служба на другите.

7. Дали имаш некоја специфина рутина или ритуал кога пишуваш?

Кога целев кон моментот писател сакав да имам покрај себе чаша вино и добра музика со намалена јачина на звук во позадина. Сега ми е важно да имам лаптоп со полна батерија или приклучок на струја до мене 😊 . Секако, лимонада, чак, кафе, се случува да имам покрај мене. Најважно, внимавам пишувањето да не ми е, да речам така послободно, издувен вентил. Дури и речениците да се сосема добро формирани, така сметам дека читателот ќе ја почувствува таа токсичност. Важно ми е да е да сум одморена, да не сум во трка со времето и динамиката на секојдневието тие денови и пишувањето да дојде само, а не јас кај него. Мое е да го земам лаптопот и да пишувам. Се почесто верувам дека ниедно дело на уметниците не е целосно нивно и дека тие се продолжена рака на многу помоќно нешто од кое извираат креациите.

8. Како реагираат твоите читатели на твоите книги и дали нивните коментари влијаат на твоето пишување?

Според некоја моја проценка немам голема публика во однос на прозата. За поезијата од „Мојот храм е внатре во мене“ или која ја објавувам онлајн наидувам на одлични коментари. Романите ги пишував и со голема доза на недоверба во моето пишување воопште, особено првиот „Разголена душа“, па ете можеби и тоа е една причина зошто е помал бројот на читатели. Ако јас не сум верувала во себе, зошто би верувал некој друг, нели? Поезијата се појави спонтано. Просто таа цела 2018 година едноставно извираше од мене. Не ми беа потребни повеќе од пет минути да напишам песна на која луѓето се воодушевуваа. Секако, постојат и негативните коментари кои на почетокот потешко ги поднесував, а сега, може да ми предизвикаат интерес да извлечам некоја лекција од нив. Дополнително, има различни вкусови и како мене не ми се допаѓа одредена литература, така и на други може да не им се допадне тоа што јас го пишувам.

9. Кои се твоите идни планови и амбиции како писателка?

Немам писателски амбиции. Таа именка „писателка“ бара многу поголеми заложби од оној слободен стил на создавање што е случај кај мене. Кога ќе има нешто ново ќе го ставам името и презимето на корицата и тоа е тоа. Но, не сум спремна за посериозни писателски заложби. Жанровите се менуваат. Не дека на романсите им „раскинувам“, но мислам дека во поскоро време нема да има нешто такво. Во подготовка е нова книга за помлада публика која би требало да се заврши за многу брзо. После тоа мислам да ги ставам приказните на пауза и да излезам од рамките на конкретни настани и ликови. Живееме во време во кое сметам дека треба да се реагира малку поактивно на разни животни аспекти кои не мора да ги сместуваме во приказни. Заштедувајќи простор на страниците и за да бидеме подиректни за тоа каде се потребни корекции на она што го нарекуваме живот е нешто што мислам дека ќе го применам во блиска иднина. Со делумно присуство на приказната, која би се соединила со мудроста која ни е достапна, сметам дека светот има шанса за целосна регенерација. Тоа е некое мое следно премостување каде ми ставува неважно каков епитет ми стои до името.

10. Што би им препорачала на младите писатели кои сакаат да пишуваат романи?

Често сретнувам млади кои пишуваат, но се срамат тоа што го пишуваат да го дадат на друг да го прочита, или се плашат дека нема да можат да ја завршат, да ја комплетираат цела книга. Тоа се нормални моменти кои многумина ги доживеале, пред сѐ затоа што пишувањето е акт кој е покарактеристичен за луѓе кои се или поинтровертни или за некои теми не им е угодно гласно да зборуваат. Пишувајте, пишувајте, пишувајте! Тоа е мојата порака. Не мора сѐ да се објавува веднаш и да им се допадне на другите. Јас имам напишан роман кој го прочитале можеби само две личности. Имам и многу песни кои долго ми беа неомилени и ми беше нелагодно да ги прочитам и сама. Штом постои некоја нелагодност или несигурност, тоа не значи дека треба да се откажат од пишување, туку дека треба да продолжат да се усовршуваат, а притоа да дојдат до моментот кога пишувањето нема да им биде „издувен вентил“ затоа што притоа ќе научат од животните искуства да влечат лекции кои ќе ги трансформираат во нешто што ќе биде во служба на други. За мене сите уметници имаат света должност. Затоа при чинот на создавање на уметност треба да се има чиста намера, а притоа делата да бидат што помалку искомерцијализирани. Затоа има класици и има книги кои се забораваат два часа по читањето.