Процесот на интеграција на психоделичните супстанции е неминовен процес во современиот свет. Сè поголемата отуѓеност на луѓето од природата и од самите себе и сè големиот интензитет на активности кои предизвикуваат трауми бараат решенија кои ќе го спасат човекот и ќе овозможат понатамошен развој на нашата цивилизација.
Психоделичните супстанции, како што се псилоцибинот, ајахуаската, ДМТ, комбо, пејот, ибогаинот, сан педро, мескалин и ред други растенија, му се познати на човекот од памтивек (од пред десетици илјади години), а дел од нив, од синтетичко и индустриско потекло, немаат ниту еден век старост, како што се ЛСД, МДМА и други. Но, и овие постариве и овие поновиве имаат или може да имаат голем позитивен
импакт врз човековото ментално здравје и когнитивниот развој. Последните случувања во светски размери укажуваат на сè поголема примена на овие
психоделични суспстанции во легален, полулегален или нелегален контекст. Но, она
што е важно е обезбедување на подобро ментално здравје и надминување на траумите и останатите проблеми кај луѓето. Во многу древни цивилизации, употребата на психоделичните супстанции, преку одредени ритуали, била составен дел од нивното постоење т. е. начин на одржување на вредностите и
комуникација со други светови. Едноставно славење на постоењето. Во поново време, во 60-тите години на 20 век, хипи културата прави првичен обид за интеграција на овие супстанции во западната цивилизација. Иако генерално
гледано тоа не беше целосно успешно направено, барем беше засадено семето на психоделичните супстанции во западната цивилизација, во делот на медицинската употреба и културната експлоатација. Само за потсетување: ЛСД како супстанција, lysergic acid diethylamid (LSD), прв ја синтетизирал швајцарскиот научник Алберт
Хофман, во 1938 година, а истиот научник во 1958 година прв ги синтетизира псилоцибинот и псилоцинот од магичните печурки (Psilocybe semilanceata).
Модерната електронска/рејв/драм ен бејс/транс култура исто така придонесе за промоција на дел од овие супстанции, но пред сè од рекреативен и во глобала нелегален аспект (ЛСД, трип, МДМА, екстази…).
Псилоцибинот и процесите на
декриминализација
Но, како и да е, денес во светот почнува еден нов тренд на декриминализација и легализација на голем дел од овие супстанции. Пред сè тука станува збор за декриминализација на псилоцибинот (и псилоцинот) во неколку градови и држави во САД. Тоа се градовите: Денвер (во Сојузната Држава Колорадо) во 2019 година, Оукленд (Калифорнија) во 2019 година (во овој град, освен псилоцибинот, легален е
и пејотот), Санта Круз (Калифорнија) во 2020 година, Ан Арбор (Мичиген) во 2020 година, Вашингтон ДЦ во 2020 година, Сомервил (Масачусец) во 2021 година и Кембриџ (Масачусец) во 2021 година. Во ноември 2020 година, Орегон стана првата сојузна држава во САД која ја декриминализираше употребата на псилоцибинот и истовремено ја легализираше неговата медицинска употреба. Ова нивно решение е познато како Мерка 109 која предвидува дека официјалната здравствена институција на Орегон (Oregon Health Authority, OHA) има период од 2 години да подготви и
развие посебна програма за контролирано користење на оваа супстанција. Главен советник на ова државно тело ќе биде Советодавниот одбор на Орегон за псилоцибин (Oregon Psilocybin Advisory Board, OPAB). Согласно мерката, на клиентите (корисниците на псилоцибин) ќе им се овозможи купување, поседување и консумирање на псилоцибинот и на псилоцинот во посебен сервисен центар за псилоцибин, во контролирана средина, надгледувана од страна на услужен псилоцибин фацилитатор кој поминал одредена обука.
Според легислативата во Орегон, Мерката 109, ОНА ги дефинира критериумите и условите за тоа кој е подобен за да биде лиценциран за фацилитатор, кои се потребните образовни квалификации и обуки, испити за стекнување на звање фацилитатор и дефинира кодекс на правила на работење. ОНА, исто така, ги дефинира дозите на псилоцибин што можат да се користат и правилата за означување и етикетирање на дозите. Според оваа мерка, секоја општина или округ има право да одлучи на референдум дали сака да влезе во овој сектор и да им дозволи на правни субјекти да се занимаваат со производство и продажба на псилоцибинот.
Доколку сакаме да ги заштитиме младите генерации од дрогите и психоделичните
супстанции, ние треба нив да ги легализираме и на тој начин на младите да им понудиме грижа и знаење. Во спротивно градиме општество во кое криминалците и државниот бирократски апарат ќе имаат монопол врз нашата приватност. Магичните печурки ни овозможуваат директно да се поврземе со мудроста на природата преку соодветни неврохемиски процеси кои ја прошируваат нашата свесност.“
Греем Хенкок/Graham Hancock, писател
Според иницијативата за декриминализација на псилоцибинот во Орегон, за псилоцибин производи се сметаат: печурки кои генерираат псилоцибин и мешавини или супстанции кои содржат забележливи количини на псилоцибин.
Според ДЕА (Американската администрација за дроги), псилоцибинот се дефинира како психоактивна халуциногена хемикалија која се добива од одредени видови на свежи или суви печурки (познати како магични печурки или халуциногени печурки). Согласно меѓународните конвенции за опојни дроги и психотропни супстанции, тој е класификуван во Првата категорија на опојни дроги, т. е. како супстанција која нема никаква медицинска употребна вредност, нешто што е целосно неточно и лошо
дефинирано. Но, она што е посебно значајно е фактот дека сè повеќе се зголемува свесноста на употребната вредност на псилоцибинот во современото општество. Доказ за тоа се и веќе започнатите процеси за декриминализација.
Освен граѓанските активисти, свесноста се зголемува и кај политичките лидери кои
гледаат дека психоделичните терапии се еден од ретките методи кои можат да помогнат во надминувањето на траумите, посебно кај ветераните. Исто така и научната и академската јавност е сè повеќе вклучена во дефинирање на конкретни протоколи и терапии за надминување на здравствените проблеми, од кои некои имаат и пандемиска димензија, како што се: депресија, анксиозност и разни видови на зависности.
Во Македонија псилоцибинот не е легален, но сè повеќе се зголемува бројот на луѓе кои наоѓаат спас во него.
АЈАХУАСКА
Ајахуаската (ayahuasca) е јужноамерикански психоактивен напиток/чај (анг. brew) кој се добива со варење на неколку различни растенија, а главно се користи за социјални и духовни цели, и тоа од страна на домородното население кое живее во Амазонската Прашума, а постои и тренд на сè поактивно користење и во
САД и Европа. Психоделичниот чај обично се приготвува од лозата Banisteriopsis caapi (која често се нарекува лоза ајахуаска или „лоза на душата“) и лисја од
растението Psychotria viridis (попозната како чакруна). Ајахуаска долго време се користи од домородните луѓе во церемонии за исцелување во Централна и Јужна Америка. Етничките групи како Шуар од Еквадор, Шипибо од Перу и разните
Тукано групи во Колумбија одржуваат култура на традиционална употреба на ајахуаска, а многу од нивните практики, како и растенијата се транспортирани низ целиот свет со зголемената побарувачка за искуства со ајахуаска. Лицата кои
се задолжени за реализација на сеансите или обредите, на кои се консумира таа, се нарекуваат шамани, што во наједноставен превод би се превело како „оној кој знае“. Природните состојки кои се користат во овие обреди или сеанси не претставуваат супстанции кои се илегални или забранети. Самиот процес на консумирање на
ајахуаска не треба да се асоцира со процесите на рекреативно консумирање на супстанции, за забава, туку тоа претставува процес на чистење или ослободување на луѓето од нивните трауми како основа за понатамошен духовен развој.
„Дали само повторно го откриваме она што отсекогаш го знаеле шаманите? Или дали
има историска импликација овде? Дали би можеле да ги земеме овие растенија (магични печурки, ајахуаска, сан педро…), овие лекови со кои луѓето работеле со милениуми и да направиме нешто зачудувачки со нив што никој досега не го направил? Е токму тоа ни го кажува печурката, вели дека има нешто што треба да се направи, обрнете внимание!“ Теренс Меккена/Terence McKenna, истражувач и психонаут
Процесот на консумирање на ајахуаска почнува со прочистување на телото од сите отрови кои ги внесуваме во нашето тело (ова се однесува на луѓето од западната цивилизација, тука спаѓа: детоксикација од рекреативни дроги, лекарства, преработена храна, алкохол и слично; домородното население кое не е подложно
на вакви штетни супстанции не го прави ова чистење), па следува процес на приготвување на пијалакот/чајот (процес на варење на состојките кој трае 12 часа) и на крајот следува самото консумирање на ајахуаската во присуство на
шаман/шамани. Искуството на земање на ајахуаската е единствено, придружено е со
процес на ревизија на минатото на поединецот (оној кој зема ајахуаска), различни визуелизации, а подоцна во текот на самата сеанса и големо пријатно чувство на љубов и припаѓање кон целината. Всушност, ова не може да се генерализира и зависи од нашите претходни животни искуства.
Сеансите со ајахуаска и шамани се ретки во Македонија, но се случуваат, еднаш до два пати годишно. Но, дел од нашите сограѓани слободно патуваат за вакви искуства во Грција, Австрија, Шпанија, па и во земјите на Јужна Америка.
Бројот на туристички агенции кои ги нудат овие услуги е сè поголем. Многу интересен факт во овој процес е што понекогаш самите шамани, кои доаѓаат од земјите на Ј. Америка, дури ја ризикуваат својата безбедност (лесно можат да
бидат ставени во некој криминален контакст, иако не прават ништо лошо и штетно), но од друга страна се свесни за проблемите во кои е западнат човекот од западната цивилизација и свесни се дека на сите тие луѓе многу им е потребна помош. Креирањето на алтернативна и проширена свесност, преку консумирање на
психоделични супстанции, можеби е единствен излез, единствен спас за човекот од западната цивилизација (заедно со јогата и медитацијата, но за тоа во друга прилика…).
Авторот е долгогодишен консултант во областите добро владеење, локален економски развој, рамномерен регионален развој, рурален развој, туризам и други секторски политики. Работно е активен низ цела Македонија и земјите на Западен Балкан. Од крајот на 2019 година е коосновач и директор на здружението
Канабис Институт Пелагонија, Прилеп, а интересот за психоделичните супстанции е
дел од неговиот личен развој и желбата за нивна интеграција во модерното општество како природен одговор на декаденцијата на западната цивилизација.