Во месецот кога се зборува за важноста на менталното здравје и развивање на свеста за важноста на психотерапискиот процес, психологот Јасмина Василева одговара на значајни прашања за менталната добросостојба.
Најдобро.мк: Јасмина, во психолошка смисла, што точно значи ментално здрав човек?
Јасмина Василева: Ако зборувам со филозофски јазик ќе речам: менталното здравје е СВЕТЛИНА, чист зрак на нашата душа, мисла полна со љубов, храброст и слобода. За мене како психолог, менталното здравје е многу повеќе од само отсуство на психичка болест. Тоа е чувство на благосостојба, удобност во својата кожа, мир и баланс во својот мисловен процес. Многу е важно да напоменам дека ментално здравите луѓе ги прифаќаат своите емоции и соодветно без никого да повредат ги изразуваат. Ментално здрав човек ќе препознаеме по тоа што тој/таа имаат трајни релации и токму тоа придонесува за емоционалното здравје, сепак ви треба друштвото со другите за да се чувствувате и функционирате најдобро. Ментално здравите луѓе знаат дека луѓето се социјални суштества со емоционални потреби за врски и позитивни врски со другите, впрочем тоа нив ги прави среќни. Имаат почит кон себе и кон другите и апсолутно почитуваат разлики. Почитта е здрава за нашата менталност затоа што таа гради чувства на доверба, безбедност и благосостојба. Она што можеби е клучно да го кажам за ова прашање е дека ментално здравите луѓе многу добро се справуваат со стресните ситуации што секојдневно ги нуди животот.
Најдобро.мк: Што кажува вашето искуство, колку младите се свесни за важноста на менталната хигиена?
Јасмина Василева: Ако нешто ме радува во мојата професија, токму тоа се младите кои се екстремно свесни и грижливи за своето здравје, емоции, релациите што ги имаат со блиските и мислите кои ги обземаат. Сакаат да гледаат во својата личност, да ја разбираат, поставуваат безброј прашања кои се во насока на нивен личен раст. Со голема сигурност можам да кажам дека нашите млади копнеат по благосостојба и се насочени кон психичкото здравје.
Најдобро.мк: Што им препорачувате на младите како препорака за да си го негуваат менталното здравје?
Јасмина Василева: Правете повеќе од она што Ве прави среќни!
Најдобро.мк: Кои возрасти најчесто бараат помош, се обраќаат кај вас како терапевт?
Јасмина Василева: Најчесто доаѓаат помеѓу 25 и 50 години тоа е фазата на зрелост, кога човек се соочува со многу секојдневен стрес, професионален ангажман и желба за напредок, остварување на семејство и борба низ брачниот и родителскиот живот. Зрелоста е период кога сме многу свесни за себе, многу зафатени со обврски и со многу стрес.
Најдобро.мк: Колку грижата за менталното здравје може да влијае врз квалитетот на живот?
Јасмина Василева: Човек што се грижи за себе и се труди да биде подобра личност од вчера, апсолутно може да биде пред се општествено корисен, за своето семејство со полна пареа присутен и за своите пријатели пријатен.
Најдобро.мк: Kолкава е достапноста на добри психијатри и психолози во Битола и во земјава?
Јасмина Василева: Битола има преголем избор на квалитетни психијатари и психолози кои имаат преголемо познавање за својата работа, голема емпатија за клиентите и екстремна доверливост. Сакам да ги охрабрам сите на кои им треба ваква услуга, да знаат, да се свесни дека во Битола има навистина професионалци за менталното здравје кои веќе се докажани затоа што јас секојдневно ги слушам пофалбите за моите колеги од страна на клиентите.