Mеѓународниот студентски конгрес за студенти од техничките факултети „Science@FEIT“, минатата недела, по шести пат се одржа на Попова Шапка. Според организаторите, Факултетот за електротехника и информациски технологии и Факултетското студентско собрание при ФЕИТ, годинава конгресот за прв пат се одржва надвор од Скопје. На конгресот учествуваат 100 учесници на разни предавања, работилници и панел-дискусии водени од членови на ФЕИТ алумни заедницата, професори, како и експерти од индустријата со долгогодишно искуство.

„Science@FEIT“ од конгрес целосно прерасна во платформа која директно ги поврзува студентите со индустријата и ја зајакнува нивната соработка со професорите. Традиционално, беа презентирани најновите истражувања во областа на техничките науки а студентите имаа можност да слушаат предавања и да дискутираат на теми како што се енергетската транзиција, иднината на вештачката интелигенција во модни додатоци, патентирањето иновации, иднината на сензорите и полупроводничката технологија, развојот на системи за детекција на депонии и заштита на водите. Секако, не беше изоставен и делот на меки вештини, каде што студентите добија кариерно советување од страна на експерти од бизнис-заедницата, професори и млади истражувачи“, велат организаторите.
Овој конгрес е поддржан и од бизнис-заедницата, пред сѐ од компании од неколку различни индустрии – телекомуникациите, банкарскиот сектор, енергетиката, информатичката технологија и други полиња од областа на инженерството. Претставниците на компаниите имаа можност за презентација на иновациите имплементирани во нивното работење и условите за работа пред студентите во завршните години од своето образование.
„Во време кога технолошкиот развој, дигитализацијата, вештачката интелигенција и иновациите го менуваат начинот на кој живееме и работиме, поврзувањето меѓу академската и деловната заедница е поважно од кога било. Преку ваквата соработка се овозможува размена на знаења и искуства, се поттикнуваат нови идеи, истражувања и иновации, а студентите добиваат можност континуирано да ги надградуваат своите компетенции. Наша цел како Факултетско студентско собрание е да придонесеме кон создавање средина во која студентите ќе стекнуваат практични и современи знаења усогласени со потребите на пазарот на трудот и активно ќе учествуваат во унапредување на високото образование. Особено сме благодарни за силната поддршка од професорите и целокупниот научно-наставен кадар на ФЕИТ и од компаниите и институциите кои ја препознаваат важноста на инвестирање во младите инженери. Веруваме дека оваа соработка ќе продолжи да се развива и во иднина, создавајќи нови можности за студентите и за целокупната академска и професионална заедница“, истакнаа од Факултетското студентско собрание при ФЕИТ.







