Дебитантската стихозбирка „Прости песни [на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе]“ од Александра Спасеска, во издание на ПНВ Публикации, ќе биде промовирана пред прилепската публика.
Промоцијата ќе се одржи во киното „Мис Стон“ во рамки на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, на 3 јуни, сабота, од 19 часот.
Заинтересираните можат да добијат повеќе информации на следниот линк.
По успешната промоција на „Прости песни“ на Саемот на книга 2023, и распродадено прво издание за само 13 дена, авторката, новинарка и преведувачка Спасеска се претставува пред публиката во градот под Марковите Кули, каде израсна и заврши основно и средно образование.
Модераторка на настанот ќе биде д-р Јосипа Ризанкоска, која низ разговор со авторката Спасеска и илустраторката на дизајнот за корицата, м-р Марија Конеска, ќе го доближи креативниот процес до публиката.
„Возбудата и радоста се неизмерни пред промоцијата на моето првенче пред публиката во Прилеп. Засега книгата има одличен прием, во тек е печатењето на второто издание, и со нетрпение чекам да видам какви ќе бидат впечатоците на прилепчани, луѓето со кои се описменив и израснав, во градот со богата културна традиција и непоштедно искрена критика“, вели Спасеска пред промоцијата.
Дебитантската стихозбирка на Спасеска содржи шеесетина песни поделени во три циклуса: „Писма до неа“, „Песни за неговата песна“ и „Земање збогум“, како и поговор од Снежана Стојчевска.
Во освртот кон книгата поетесата Д. А. Лори ќе рече дека „’Прости песни‘ во себе го носи гласот на авторката Александра Спасеска, што се јавува како на сон или во мигови на длабоко, мисловно вникнување, и нѐ води низ лавиринтите на она што е таа-жената, лавиринтите на чезнеењето по другиот, таа е гласот што ја исцртува мапата на интимни патувања во себе, длабоко во нејзиниот свет.“
Додека, пак, во поговорот поетесата Снежана Стојчевска ќе истакне: „Со оваа книга Спасеска го продолжува везот на проста и строга македонска песна, ткаена од копнеж и болка и успева да изгради музеј на болката“.
Во насока на поддршка за малите бизниси водени од жени, во рамки на промоцијата присутните ќе може да се запознаат и со работата на Ема Миткоска, креативка која се занимава со рачна изработка на накит под брендот „Урбан ера“.
Александра Спасеска е родена на 23 јули, 1984 година во Кавадарци. Основно и средно образование завршува во Прилеп, а од запишувањето на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје во 2003 година, живее и работи во Скопје.
Од 2008 година работи како преведувач и уредувач на вести во дневниот весник „Вест“ речиси до неговото згаснување, а во 2017 година доаѓа во Редакцијата на Кајгана Медиа каде денес работи како заменичка на главниот уредник. Дел е од тимот на ДИЈАЛОГ- Центар за делиберативна демократија, пишува за феминистичката платформа Медуза и е со-координаторка на македонскиот огранок на организацијата Модна револуција. Авторка е на блогот Александрина Везилка. Нејзини текстови биле објавени и во Pixel.mk, платформата Bastet Noir и блогот Culture Matters на Europe House.
Нејзината поезија досега била објавувана во неколку онлајн изданија, меѓу кои книжевниот прилог „Ш“ на студентското списание „Излез“; како и печатени антологии, меѓу кои Антологијата на младата македонска авангардна поезија; таа е првата поетеса од земјава застапена во првото печатено издание на книжевниот зборник The San Antonio Review од Сан Антонио, Тексас; била учесничка во Астални проекции и застапена е во истоимениот зборник; објавена е во панорамата Допир (2019), и списанието за литература „Современост“; има учествувано во неколку изданија на поетската манифестација „100 илјади поети за промена“ како авторка и преведувачка; на манифестацијата по повод Меѓународниот ден на културната разноликост на ОН и УНЕСКО во организација на ПЕН, како и на манифестацијата Песнило во организација на МКЦ. Има соработувано со неколку македонски автори како преведувач и препејувач.