Имав можност да го запознаам подетално на неколку настани поврзани со стартАп заедницата во Македонија и Грција. Она што прво го забележав е дека е исклучително позитивна личност, дружељубив и полн со идеи. Димитар е релативно млад човек кој успеа да реализира една голема идеја која успешно ги поврзува компаниите со студенти или млади лица кои сакаат професионално да се надоградуваат и да ја започнат својата кариера. Додека неговите врсници размислуваат што треба да прават со себе, Димитар ја материјализираше својата идеја и се етаблираше како еден од најмладите лица на македонската СтартАп сцена. Што беше пресудно за да зачекориш во претприемачки авантури?
Митревски: Најпрво благодарам за ова интервју, многу ни значи поддршката која е доста битна кога сакаш да направиш некоја поголема промена. Па, пресудно да се втурнам во претприемничките авантури беше мотивот да се размислува и делува поинаку. Сметам дека за да се реализира некоја бизнис идеја потребно е да се размислува и делува надвор од кутијата, под кутијата подразбирам она што повеќете луѓе мислат дека е возможното поточно просекот. Исто така гледам дека имаме доста проблеми за решавење во нашето општество, но тие за мене не се проблеми туку предизвици, возбудливо и мотивирачки е кога работиш за решавање на нешто поголемо од тебе. Многу е важно како ги гледаш работите, бидејќи како е внатре, така е и надвор.
Секоја компанија решава некој проблем на пазарот и зависно од тоа колку добро го решава таа има потенцијал да расте и влијае. Што е она што го решава Бинтерн како платформа? Во што е поинаков од конкуренцијата (доколку ја има)?
Митревски: Bintern е платформа која го решава проблемот со невработеноста на младите. Она што воочивме кај младите е дека по завршување на студиите тие не се компетeнтни и конкурентни на пазарот на трудот поради недостиг на практично искуство. Нашата платформа ги поврзува студентите и дипломците со компаниите за пракса и вработување. Нашата мисија е да им помогнеме на што повеќе млади луѓе да ја започнат својата кареира. Секако дека конкуренција постои и ја има. Но, главно она што ние се фокусираме да го направиме е поврзување на високообарзован кадар (студенти и дипломци) со компаниите за пракса и вработување. Ние сме како мост кој ги поврзува формалното образование и практичното знаење кое го нудат компаниите.
Да се биде претприемач значи секојдневно да се решаваат многу проблеми, најчесто и онакви со какви не си се сретнал претходно. Како изгледа еден обичен работен ден на Димитар?
Митревски: Морам да признам интересно и тешко прашање. Најпрво кога си претприемач деновите не се обични туку се невообичаени, како што спомна секогаш решаваш некој нов проблем и константно учиш и се подобруваш. Воглавно, најголем ден од денот го посветуваш на бизнисот, комуникација со клиенит, развој на продуктот и константна комуникација и водење на тимот. Во стартап скоро секој ден или секоја недела се менуваат приоритетите, брзо се носат одлуки, и брзо се учи. Во денот можеби носиме стотици мали одлуки кои го движат стартапот напред према нашата цел.
Малку полични прашања. Кој е мотивот констатно да се работи на идејата без оглед на подемите и падовите со кои сите се соочуваме?
Митревски: Инспирацијата за да се направи нешто без разлика дали ќе успее или не, е да се иницира моментум дека нешто може да се направи или промени. Ние сите знаеме дека нашиот колективен менталитет е дека “Не сме ние Запад и неможе да успее тоа кај нас”, но како може тоа да го промениме ако лично најпрво не се промениме и лично го трасираме патот за идните генерации, бидејќи секој почнува од нула. Исто така на ова би додал и тоа дека за да се порасне или да се научи нешто не треба да се плашиме од падови, бидејќи стравот не држи во комфорната зона и не лимитира од правење на големи работи.
Мала проекција нанапред во времето. Да замислиме дека Бинтерн е светска компанија која сериозно ги менува работите помеѓу бизнисите и студентите. Која е визијата и што е тоа што дефинитивно не би било исто пред и после Бинтерн?
Митревски: Јас би рекол се би било исто, не дека ние нема да промениме нешто, туку дека некој друг ќе го направи тоа наместо нас. Бидејќи во светот постојат многу претприемачи кои прават исти или слични работи но на различни начини. Она што е нашата визија е да бидеме платформа од рангот на LinkedIn за студенти и почетници во кариерата.
Што би им препорачал на сите студенти и млади во овој момент? Што е она што мислиш дека би ги променило нивните животи во позитивна насока?
Митревски: Она што би им го препорачал е да престанат да слушаат што кажуваат “другите” (било кој). Ја знаете или можеби сте ја слушнале приказната со жабите кои се качувале на дрво но никако не стигнувале до врвот, туку паѓале многу блиску до него. И еден ден една жаба се качувала додека пак другите жаби викале “Врати се нема да успееш!” и така таа се искачила до врвот и се вратила назад, кога пак ја прашале како успеа таа не одговорила ништо бидејќи била глува. Поентата на ова е дека ако слушате секој тогаш веројатно ќе ви кажат дека нема да успеете, а вие и можеби нема никогаш да се обидете. Секогаш барајте повратна информација од некој што е релевантен, односно е таму каде што вие сакате да одите.
Ви благодарам за ова прекрасно интервју, а доколку некој од читателите е во потрага по пракса или работа тогаш го повикувам да ја погледне нашта платформа https://bintern.com
Интервјуто го подготви: Дражен Котески