Лидерските вештини најчесто се користат кога организирате други луѓе за да постигнете заедничка цел. Без разлика дали сте на менаџерска позиција или водите проект, лидерските вештини бараат од вас да ги мотивирате другите да завршат низа задачи, да ја вклучат нивната креативна и рационална енергија и знаење за да постигнат заедничка цел.
Некои од најуспешните менаџери можат да се наречат лидери и лидерството е причината за нивната упешност. Лидерството е комбинација од неколку различни вештини кои се надополнуваат едни со други и кои придонесуваат лицето кое ги поседува да биде исклучително.
Исклучително за себе, за својата околина, за тимот, за организацијата.
Ефективните лидери се од суштинско значење за секоја организација. Тие можат да помогнат да се изградат силни тимови во рамките на бизнисот и да обезбедат успешно извршување на проектите, иницијативите или другите работни функции.
Добрите лидери го зголемуваат ангажманот на вработените, поддржуваат позитивна средина и помагаат да се отстранат пречките за нивниот тим. Доброто лидерство е исто така заразно, и ги инспирира колегите да применуваат позитивни лидерски особини во сопствената работа.
Речиси секоја позитивна мека вештина може да се смета за лидерска вештина. На пример, активното слушање им помага на лидерите да ги довршат проектите со слушање на идеите и грижите на тимот. Емпатијата, на пример, им помага на лидерите да разберат како се чувствува нивниот тим за нивниот обем на работа, околината и односите на работното место.
Постои голема листа на лидерски вештини кои се битни за успехот на лидерот и неговата препознатливост како лидер. Сепак како најчести се сметаат следните 6 вештини:
1. Одлучност
Ефективни лидери се оние кои можат брзо да донесуваат одлуки со информациите што ги имаат. Ефективното одлучување доаѓа со време и искуство. Одлучноста се смета за вредна лидерска вештина, бидејќи може да помогне да се движат проектите побрзо и да се подобри ефикасноста.
2. Интегритет
Интегритетот често се гледа како само вистинитост или чесност, но во многу случаи, тоа значи и да се има и да се стои зад збир на силни вредности. Сите бизниси бараат да ангажираат работници, а посебно менаџери кои имаат силно чувство за интегритет.
3. Градење на односи – релации
Лидерството бара способност да се изгради и одржува силен и соработувачки тим од поединци кои работат кон истата цел. Градењето тим бара други предности на лидерството, како што се ефективни комуникациски вештини и решавање на конфликти.
4. Решавање проблеми
Добрите лидери се вешти во решавање на проблеми кои се појавуваат на работното место. Ефективното решавање на проблемите често бара да се остане смирен и да се идентификува ефикасно и брзо решение.
5. Сигурност
Да се биде доверлив лидер значи дека луѓето можат да веруваат и да се потпрат на вас. Доверлива личност ги следи плановите и ги исполнува ветувањата. Силните односи изградени од доверлив лидер создаваат отпорен тим кој може да ги надмине тешкотиите што се појавуваат во работењето.
6. Способност за подучување и менторство
Една вештина што го разликува лидерството од многу други компетенции е способноста да се подучува и менторира. Ефективното учење на колегите придонесува растеж во нивните кариери и им помага на организациите брзо да растат. Често, оваа вештина бара лидерите да размислуваат помалку за себе, а повеќе за тоа како да го направат својот тим како целина успешен. Лидерите секогаш повисоко ги третираат целите на тимот отколку само своите лични цели.
Лидерството секогаш е посакувана карактеристика кај сите менаџерски тимови. Добро е да се знае дека освен што одредени лица во себе носат поголем лидерски потенцијал, сепак најголем дел од лидерските вештини можат да се научат и практично да се применуваат. Останува на самите поединци и на организациите кои ја препознаваат потребата од развој на лидерски вештини да вложат во себе, односно во своите вработени. Само преку лидерство организациите можат да практикуваат исклучителност, а со тоа и да станат успешни.