Сеуште сме под импресии на Скопскиот Маратон, а за сето тоа придонесуваат врвните резултати кои ги покажуваат нашите млади атлетичари. Следи кратко интервју со човекот кој веќе сите го познаваат. Успешна приказна за еден врвен спортист, голем човек и миленик меѓу атлетичарите во Македонија.
Најдобро.мк: Кој е Дарио Ивановски во неколку реченици?
Игор МЦ Јакимовски: Дарио Ивановски, најголемиот и најуспешен атлетичар во 75 години македонска атлетика. Спортист кој плени со својата појава и е вистински миленик на љубителите на кралицата на спортовите. Секогаш коректен, фер плеј спортист, насмеан и омилен кај публиката. Неверојатно интелигентен спортист кој дефинитивно својата кариера после трчањето со сигурност ќе ја продолжи во професионалните тренерски води и раководните структури на нашата атлетика. Поседува висок рејтинг на Балканот кај сите високи авторитети во атлетиката и почитуван на највисоко ниво од конкуренцијата токму на Балканот. Неговата најголема одлика во досегашната каиера е неговата воинственост, борбеност и успех токму на најјаките меѓународни натпревари во трките со најдобрите. Токму на тие натпревари кога се трча во светиот дрес тој го покажува најдоброто од себе и ги постигна најголемите успеси во кариерата.
Најдобро.мк: Што те натера да трчаш, дали имаше некој на кого се огледуваше (рол модел) или пак едноставно те привлекуваше како активност?
Дарио: Мојата страст, љубов и пасија кон атлетиката и професионалниот ангажман е приказна која ја имам прераскажано на многу интервјуа, но никогаш не е доста пак да се спомене и јас да се потсетам, нели?! Јас долги години како пионер и младинец бев активен и успешен репрезентативец во неколку дисциплини од боречките спортови со меѓународни успеси. На почетокот на 2015 година доживеав повреда на клучната коска (скршеница) која ме примора да направам пауза. Започнав со рехабилитација и со џогинг во мојата населба Илинден. Тогаш го забележав мојот тренер Игор Јакимовски како тренира долж патиштата низ нашата населба и го прашав за да трчаме заедно. Тој со задоволство прифати и после неколку тренинга ми предложи да тренирам заедно со него поспецифични атлетски тренинзи затоа што констатирал дека трчам многу лесно и брзо за почетник во овој спорт. Го направивме првиот засилен брзински тренинг и тогаш тој ми рече дека ако продолжам во атлетиката дека со гаранција ќе успеам. Го прифатив тој предизвик и за 1 месец јас излегов на мојот прв официјален настап во април 2015 година. На мојата прва трка на 10.000 m истрчав време од 37 минути и од трка на трка ги подобрував времињата. За два месеца веќе го победив и тренерот, а веќе во јуни остварив и норма за настап на младинското балканско првенство каде истрчав 5000 m за 15.58 минути. Мојата одлука да ги напуштам боречките спортови и да се натпреварувам во кралицата на спортовите се покажа повеќе од успешна. Верувајте мојот живот целосно се промени во позитивна смисла и навистина сум среќен што сум дел од оваа бескрајна игра. Од тогаш поминаа цели 7 и пол години, а јас сеуште сакам да се докажувам и натпреварувам како да ми е прва сезона во атлетиката. Верувајте ми дека со секоја нова сезона се повеќе уживам во кралицата на спортовите и се надевам дека уште долги години ќе ја имам желбата за да успеам во истата.
Најдобро.мк: Колку време дневно/неделно поминуваш во тренинг и колкава е твојата просечна неделна измината километража?
Дарио: Мојот нормален ден од спортски аспект значи два пати тренирање. Еднаш наутро и еднаш попладне. Со оглед на поставените цели, мојата тренинг програма е точно подесена за да успеам во истите кога се работи за обемот и интензитетот на тренирањето. Аналогно на тоа мојата неделна километража може да варира од 140 до 180 километри. Меѓутоа успехот дефинитивно доаѓа од максимално сериозниот пристап и исполнување до крај на сите зацртани тренинзи. Не постои никаква импровизација и калкулирање со тренинг кога се работи за атлетиката. Со прости зборови – она што ќе го покажеш на тренинг ќе го добиеш и на трка.
Најдобро.мк: Омилена трка/победа? Најдобро истрчано време до сега?
Дарио: Па искрено имам неколку навистина драги и незаборавни трки со издвојувани победи, но ете ако морам некоја да издвојам тоа е мојата прва балканска шампионска титула кога во февруари 2021 година издвојував убедлива победа на 3000 m на балканското првенство во сала (Истанбул, Турција). Тогаш тргнав без никаков респект кон конкуренцијата и без никакви калкулации. На половина од патеката веќе бев во голема предност која ја зголемувам со секој истрчан круг. На крајот победив убедливо и се чувствував можеби најубаво во животот, симнав голем товар од грб, бидејќи навистина ми недостасуваше тој момент да бидам балкански шампион.
Најдобро.мк: Која ти е омилената патека за трчање?
Дарио: Онаму каде штo почнав со трчањето, таму секогаш и ќе ми биде мило да трчам, односно да ја имам мојата омилена патека за трчање. Тоа се локалните патишта во мојата општина Илинден. Всушност со мојот тим и тренерот Игор сите должински тренинзи и долги тренинг трчања ги реализираме долж сите населени места во општината Илинден. Навистина понекогаш ме будат силни емоции додека трчам со помислата дека тука почнав да трчам и пак се враќам на истите патеки.
Најдобро.мк: Од неодамна си Олимписки стипендист за Париз 2024. Како се квалификуваше и што значи поконкретно ова за оние што не знаат?
Дарио: Олимписката стипендија ја стекнав на крајот од сезоната 2021. Довербата која ми ја додели МОК за да бидам заслужен стипендист доаѓа токму од мојата најмоќна сезона во кариерата – 2021 год. Токму во таа сезона успеав да освојам титула балкански шампион, да освојам 4 медали на балканските првенствата, да станам шампион на европското првенство за мали земји, да срушам во 10 наврати национални рекорди и да остварам норма за настап на европско првенство во сала со мој највреден резултат на кариерата. Сите овие мои успеси и постигнувања беа забележани од раководството на МОК и јас во целост ја заслужив стипендијата за настап на ЛОИ 2024 година во Париз.
Најдобро.мк: Следни цели кои сакаш да ги постигнеш?
Дарио: Моите следни цели се во сезоната 2023. Нова титула балкански шампион, настап на европското првенство во сала во Истанбул и настап на светското првенство на отворено во Будимпешта. Најпрофесионално ќе тргнам по овие цели веќе од декември 2022 година со стартување на моќни подготовки и се надевам дека ќе стигнам до посакуваниот пласман и успех.
Најдобро.мк: Што би им препорачал на сите онике кои сакаат да започнат да се занимаваат со трчање? Што се добрите, што се лошите страни доколку ги има?
Дарио: Има неколку цели кои љубителите на трчањето си ги поставуваат во атлетиката. Некој трча за резултат, некој за забава, некој за рекреација, некој како начин на живот. Во секој случај трчањето е во огромен подем и кај нас и во светот што јасно се гледа и по стартот на неодамна завршениот Скопски маратон. Во секој случај има многу позитивни страни, а негативни скоро и да не постојат. Им препорачувам на сите прво да ги одредат своите цели во трчањето, а потоа да бидат упорни и да стигнат до остварување на истите. Секој ќе го пронајде својот пат до успехот.