Кога Тишината говори, всушност, говори внатрешната персонална Вистина на Постоењето. Во оние мигови кога ќе останеме сами со себе и кога ќе се соочиме со внатрешниот мир, токму тогаш на „сцена“ настапуваат сите спреги на Вистината.
Малкумина успеваат во оваа исконска можност и моќ. Затоа што, како личности кои живееме во градските средини, осиромашени сме со можноста да го слушнеме и почувствуваме тивкиот „глас“ на природата. На цветот кој зуи, на тревата која музицира, на реката која шумоли и на планинскиот ветер кој ги комбинира овие мелодии. Скратена ни е можноста (или сами ја скратуваме) да уживаме во енергетските звуци на Универзумот, кои се заматени и/или се недостапни поради буката која не оптоварува.

Од друга страна, не знаејќи да живееме и да се скротиме во Тишината, постојано зборуваме. Без разлика дали некој не слуша или дали некој внимава што зборуваме. Навикнати сме на СМС пораки, телефонски разговори, скролање на тастатура, музика. На непотребната бучава и гласноста на празните разговори, разјарените мотори, високо-туражните возила и прегласните звуци на, од човека, создадената музика.
Едноставно, научниците објаснуваат дека, на овој начин, се обидуваме да ја „пополнниме“ Тишината со екстерна содржина. Веројатно, не сме способни или не сакаме да се соочиме со Тишината која говори со интерна вредност.
Верувам дека сте доживеале чувство на празнина (тишина) кога некој/а личност не ве комуницира бидејќи ја завршила својата „мисија“. Тогаш празнината претставува намалена вредност на моето Јас. „Паузата во комуникацијата може тивко да ја еродира довербата“, ќе напише Вања Танчева, бидејќи таа знае дека ние не знаеме и не сфаќаме оти токму тишината толкува и разјаснува. Затоа што, вели таа, „довербата не се крши кога луѓето говорат помалку, туку се крши кога тишината не е објаснета“, бидејќи ја толкуваме како отуѓување, дистанца, неприфаќање, опасност.
Напротив, тишината не претставува недоверба, туку можност во времето да (си) објасниме многу случувања и ситуации околу Нас. Тишината е можност да го слушнеме и разбереме внатрешното Јас и обидот Јас да Ви покаже дека е тука, присутно и свесно за вашата „изгубеност“. Ќе слушнете многу неочекувани зборови, ќе освестите многу нејасни ситуации, ќе се инфилтрирате во длабочините на своето Јас, ќе успеете да се победите себе си. Ќе се изненадите што СЕ има во внатрешното Јас. Дозволете и на Тишината да проговори. Затоа што токму Тишината ги изговара најтешките зборови.
Кога ќе почнеме да се осознаваме преку Тишината – многу од нештата околу нас ќе добијат поинаква димензија. Или ќе ја изолираме буката за да се „конектираме“ со Универзалната природа или ќе останеме „врзани“ за секојдневните Татнежи на околината во која опстојуваме. Сами одлучуваме.
Тишината постојано ја говори Вистината. Или како што прочитав на едно место „Само тој што ја победил тишината во себе, може да го победи светот надвор од себе.“
Тодор Стојчевски








