дома Личен развој Што треба да знаете кога избирате осигурување?

Што треба да знаете кога избирате осигурување?

Сподели го ова:

Осигурувањето има историја која датира од античкиот свет. Со текот на вековите, тоа се разви во модерен бизнис за заштита на луѓето од најразлични ризици. Индустријата е доста профитабилна и е важен аспект на приватните и јавните долгорочни финансии.
Сепак, многу аспекти на оваа индустрија и работење терминолошки не се јасни за одреден дел од корисниците. Текстот претставува обид да се објаснат основните работи поврзани со осигурувањето и начинот како најдобро да се донесат одлуки во процесот на избор на осигурителен производ.

Што е осигурувањето?
Осигурувањето е финансиски инструмент кој ви обезбедува пари потребни за да ги поправите загубите што можат да настанат како резултат на неочекуван настан, познат како загуба. Со други зборови, кога правите осигурување, вам ви се нуди парична заштита што ќе ви овозможи да ги амортизирате штетите што можат да произлезат од најразличен вид на неочекуван настан што би можел да ве погоди.
За крајните корисници е важно да знаат дека осигурителни компании имаат начин статистички да пресметаат колку е можно да бидете погодени од несреќен случај, па затоа создаваат ваш профил врз основа на вашата возраст, занимање, пол и дури и навики. Во повеќето случаи, износот за кој ќе бидете осигурени ќе зависи од овој профил, како и од премијата за плаќање и условите утврдени во полисата.

Како функционира осигурувањето?
Сите осигуреници ја плаќаат својата премија во заеднички фонд во друштвото за осигурување. Колку повеќе осигуреници има друштвото за осигурување, толку е поголем заедничкиот фонд. Секогаш кога одреден клиент ќе побара исплата на штета, исплатата се исплаќа од заедничкиот фонд. Вашиот имот е изложен на ризик од различни видови загуба (пожар, поплава, сообраќајна несреќа, кражба итн.). Цената на осигурувањето, односно премијата зависи од оценката на ризикот согласно со условите за осигурување пропишани од друштвото за осигурување.
Целта на осигурувањето е да се пренесе ризикот што може да предизвика материјална и нематеријална штета од поединецот кон друштвото по пат на склучување договор за осигурување (полиса).

 

Важни работи кои мора да ги знаете пред изборот на осигурителен производ

Купувањето договор за осигурување е многу важна одлука, па за да ја направите морате да се информирате колку што е можно повеќе пред да одберете кој осигурителен производ или услуга најмногу му одговара на вашиот профил на ризик.

За да знаете дека сте ја направиле вистинската одлука мора да имате одговор на следните прашања:

  • Што осигурувате и кои се придобивките од оваа постапка?
  • Дали ги разбирате ризиците што се покриени со типот на осигурување што го купувате?
  • Дали сте информирани за вашите права и обврски коишто произлегуваат од договорот за осигурување и дали истите се соодветно заштитени?
  • Дали сте сигурни дека можете да ја исплаќате премијата?

 

Работи кои треба да ги знаете за постапката за склучување на договор односно активирање на полисата

Пред склучувањето на договорот за осигурување, друштвото за осигурување е должно на совесен и чесен начин на потрошувачот да му даде точни, целосни разбирливи и корисни информации во врска со предметот на договорот за осигурување, карактеристиките на производот или услугата, да му ги предочи општите и посебните услови за осигурување, плаќањето на обврските, како и сите други информации побарани од потрошувачот, односно осигуреникот.

  • Средствата кои што во вид на премија осигурениците им ги доверуваат на друштвата за осигурување, друштвата ги вложуваат во сигурни и неризични пласмани.
  • Кога настанува штета (осигурен случај), друштвото за осигурување е должно да ја исплати осигурената сума, односно да го исплати надоместот на осигуреникот согласно со договорот за осигурување.
  • Кога пријавувате штета во друштвото за осигурување, ги доставувате сите потребни документи заради одлучување и исплата на штетата.

Заради комплексноста на информациите кои мора да ги имате, односно одговорите поврзани со носењето на одлуката, се препорачува секогаш кога се наоѓате во ситуација кога треба да изберете осигурителен производ, да се консултирате со овластено лице кое има соодветно искуство и професионален однос.

MSc Димитар Тренчев