Интервју за „Најдобро“ со Шабан Салиу
- Зошто токму сега се кандидирате за градоначалник на Шуто Оризари?
Општината предолго функционира во режим на привремени решенија и договори во тесен круг, наместо по основ на јасни правила и мерливи обврски. Кога одлуките немаат трага, последиците се видливи во секојдневието на моите сограѓани од Шуто Оризари. Улици што се распаѓаат и тонат во кал, недостиг на јавно осветлување, непредвидлив јавен превоз и претрупаност со ѓубре. Таквата практика не е само технички пропуст, туку удар врз достоинството на жителите и врз довербата во локалната власт.

Моето кандидирање е понуда да се прекине со овие импровизации и да се воведе институционална нормалност во раководењето со единствената ромска општина во Европа. Мора да имаме процедури што важат за сите, јавен увид во трошоците. Верувам дека политиката мора да служи како гарант за правичност и достоинствен живот, а не како алатка за привилегии, затоа барам мандат со кој од првиот ден ќе се работи на подобрување на животот на Ромите по систем.
- Кои промени ќе почнат реално да се чувствуваат во првите месеци од мандатот?
Во првите месеци приоритет ќе има воспоставувањето ред во управувањето со отпадот, бидејќи тоа директно влијае на здравјето. Планот подразбира темелно расчистување на дивите депонии, ревизија на сите рути на собирање на сметот, динамика на празнење што спречува преполнување и поставување пунктови за селекција во населбите.
Паралелно ќе се работи на воспоставување на достапен и предвидлив јавен превоз. За што веднаш ќе отпочнам со координација со ЈСП за усогласен распоред со работните смени и училишните часови, јасно означени постојки и онлајн следење на навременоста.
Фокус ќе биде Шуто Оризари да го извлечам од мракот, односно замена и доградба на светилки во критичните зони, со брзи интервенции на најоштетените светилки, со цел да се обезбеди нормално движење во вечерни часови. Овие линии на работа ќе се врзани со конкретни носители, рокови и јавен статус, за граѓаните да можат да проверат што, каде и кога е сработено.
- Каков е вашиот економски модел за локален развој и нови работни места?
Локалниот развој го гледам преку рационално управување со ресурсите, намалување на трошоците за деловно работење и активирање на талентот кој веќе постои во заедницата. Управувањето со отпадот може да стане извор на приходи. Веднаш ќе се отпочне со процес кој ќе доведе до изградба на фабрика за отпад, во која ќе се врши селекција и преработка, а ќе се произведува струја и топлинска енергија. Оваа фабрика ќе бара разгранета логистичка мрежа, односно ќе доведе до отворање на нови работни места. Околу тој капацитет природно ќе се развиваат мали бизниси како сервисирање, пакување и транспорт. Дополнително, ќе развиеме микро-индустриски зони со заедничка инфраструктура (струја, вода, пристап, складишта) кои ќе им овозможуваат на занаетчии и мали компании пониски фиксни трошоци и поголема безбедност, со јасно дефиниран услов за локално вработување. Трет елемент е инкубатор за млади и жени со менторство, микро-кредити и ваучери за современи вештини (ИТ, дигитален маркетинг, е-трговија, занаети), како и програма за повратници што сакаат да отворат бизнис дома, во Шуто Оризари. На тој начин, наместо да зависиме од една гранка или од едно ветување, ќе создадеме мрежа на можности што ќе ја задржат вредноста во општината.
- Ромите се најдискриминираната заедница во Македонија. Како вашиот политички пат и идните политики ќе го адресираат тоа?
Мојата јавна ангажираност повеќе децении се движи по една линија, а тоа е правата на Ромите да се обезбедуваат преку институции и системски механизми, а не како привремени гестови. Дискриминацијата често се манифестира тивко, преку изоставени населби во инфраструктурни планови, недоволен пристап до здравствени и образовни услуги или симболично вклучување без вистинско учество во одлуките.
Како градоначалник ќе инсистирам на рамноправен пристап до општински услуги, партиципативно буџетирање по населби и мерливи цели за опфат во образование, вработување и превентивно здравје.
Шуто Оризари не смее да биде фигура во туѓи кампањи, мора да биде субјект што сам артикулира приоритети и добива фер удел од јавните политики. Тоа е начинот да се намалат структурните нееднаквости и да се зајакне довербата дека правдата е достапна, а не привилегија.
- Како ќе гарантирате транспарентност и контрола над злоупотребите, за граѓаните реално да имаат увид?
Транспарентноста мора да стане рутинска обврска, а не маркетинг. Ќе се објавува читлив буџет, договори и фактури со целосна документација, како и интерактивна карта на проектите со рокови и изведувачи. Поголемите зафати ќе поминуваат низ јавни расправи и независна ревизија, а материјалите за седници ќе бидат навремено достапни за јавноста.
Дополнително, ќе воведеме дигитална алатка преку која секој жител ќе може да пријави проблем и да следи статус со рок за постапување. Таквиот систем ќе го стеснува просторот за калкулации и ќе овозможува одговорност по службена должност, а не по притисок. На крај, довербата почива и на лична одговорност, односно на личен став дека со јавниот интерес не се тргува и дека правилата важат еднакво за сите.








