Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, во Март 2020г. започна со пружање бесплатни специјализирани услуги за жени и деца жртви на насилство со отворање на советувалиштето во Скопје. Подоцна во 2021г. советувалиштето го доби називот Женски центар за поддршка – Скопје, а ист таков центар Мрежата отвори и во Тетово, во Декември 2021г. Во текот на 2022г. Националната мрежа отвори уште 2 нови Женски центри за поддршка, од кои едниот е лоциран во Кавадарци е регионален советувалиштен центар за Тиквешкиот регион, а другиот е отворен во Битола.
Женскиот центар за поддршка – Битола е отворен со финансиска поддршка на Општина Битола, а го раководи Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство во соработка со Здружението на граѓани „Одраз“ од Битола. Со цел одблиску да се запознаеме со работата на овој центар, поразговаравме со Наташа Бекирова, психолог и семеен советник во центарот.
Најдобро.мк: Наташа, колку време постои Женскиот центар за поддршка во Битола?
НБ: Центарот официјално започна со работа на 9ти Декември.
Најдобро.мк: Кој е концептот на ваквиот женски центар и кои услуги ги нудите?
НБ: Женскиот центар е специјализирано советувалиште за жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство, и обезбедува бесплатни и доверливи услуги за овие корисници.
При првиот контакт со жената, се врши т.н. влезно интервју или првичен разговор во кој жената може да сподели за каков предизвик се работи, во каква ситуација се наоѓа и каква помош и е потребна. Врз основа на овој разговор, тимот во центарот понатаму прави план за работа и обезбедува средби со психолог, правна советничка, кариерна советничка, или пак ја поврзува со друга услуга/ институција која и е потребна. Притоа, најважно е што жената е придружувана од социјалната работничка или правната советничка кога треба да се упати во друга институција, со цел да и се даде целосна поддршка и да и се обезбедат сите права и услуги. Ова е особено важно кога жените се охрабруваат да го пријават насилството односно да го направат првиот чекор, па понатаму и да донесат одлука да го напуштат насилникот. Тимот на центарот ја следи жената во целиот процес од пријавување на насилството па се до нејзино целосно осамостојување, односно целосна реинтеграција и рехабилитација во општеството.
Tимот кој ги пружа услугите се социјална работничка, правна советничка, психолог и кариерна советничка. Концептот всушност обезбедува пакет услуги кои може да се добијат на едно место, а тоа се советување и поддршка за остварување на социјалните права, придружба и упатување до надлежните институции, правна помош и поддршка, психосоцијално советување, како и индивидуално или групно советување со психолог/психотерапевтка, и кариерно советување и професионална ориентација со помош при вработување. Овие услуги се обезбедуваат за жени жртви на било која форма на родово базирано и/или семејно насилство, но и за нивните деца без разлика дали децата биле директни или индиректни жртви (сведоци) на насилството.
Најдобро.мк: Како жените кои сакаат да побараат услуга од вашииот центар, можат да стигнат до вас?
НБ: Секоја жена која во моментот се справува со насилство, или пак во минатото преживеала некоја форма на насилство може да побара помош на телефонскиот број 075 393 626 или да пише на ФБ страницата на Женски центар за поддршка – Битола.
Kрајната цел е секако, да им се овозможи на жените и децата живот без насилство, каде тие ќе бидат целосно зајакнати да живеат без трауми од насилството, да бидат економски независни и да можат да обезбедат сопствено живеалиште каде ќе бидат долготрајно безбедни.
Најдобро.мк: Каде се наоѓа овој Центар за женска поддршка во Битола?
НБ: Женскиот центар за поддршка е сместен во новиот Дом за стари лица „Софија“ во Битола, во старата Касарна на ул.Митрополитска 13А. Обезбеден и опремен е убав и удобен простор за корисничките да се чувствуваат пријатно и безбедно, каде ќе можат да добијат доверливи услуги.
Најдобро.мк: Кој се може да ги користи вашите услуги?
Нб: Начелно центарот е наменет за корисници од Општина Битола, односно за жени и деца кои преживеале некаква форма на родово базирано и/или семејно насилство.
Насилството може да се случило во минатото, но последиците од истото сеуште да бидат присутни, може тековно да се случува, но може и да не се случило, но да постои одреден ризик дека ќе се случи. Сите жени кои се наоѓаат во ваква ситуација може да побараат помош и поддршка во центарот. Секако, иако е лоциран во Битола, во Женскиот центар се јавуваат и жени од Охрид, Ресен и други соседни општини, и во можност сме да обезбедиме телефонски или онлајн услуги и за овие жени.