Меѓународниот CMC стандард и МКА 2000 клучни филтри за квалитет на консалтинг пазарот
Влатко Данилов, м-р по финансиски менаџмент, е водечки меѓународен и домашен експерт со над 30 години професионално искуство во менаџмент консалтингот, стратешкото планирање и реформите во јавниот и приватниот сектор. Тој е еден од првите носители на престижната глобална титула Certified Management Consultant (CMC) во земјата, верификувана од страна на ICMCI. Во текот на својата кариера дал значаен институционален придонес како поранешен Претседател и член на Управниот одбор на Асоцијацијата за менаџмент консалтинг МКА 2000 Скопје. Зад неговото портфолио стојат над стотина успешно имплементирани и евалуирани комплексни проекти поддржани од Европската Унија, Светска Банка, USAID, UNDP и GIZ низ целиот регион. Тој е ко-сопственик на БАСМЕ консалтинг и тренинг ДОО со мото: „ВИСТИНСКА ОДЛУКА ВО ВИСТИНСКО ВРЕМЕ“.

Во време на брзи технолошки промени, глобални пазарни флуктуации и зголемени барања за ефикасност, менаџирањето со организација – без разлика дали е во приватниот или во јавниот сектор – станува покомплексно од кога било. Како менаџмент консултант со три децении меѓународна и домашна пракса, оваа професија никогаш не била само советување, туку инженеринг на деловниот успех и партнерство во најтешките одлуки. Низ одговорите сакам да ја доближам вистинската, мерлива вредност на сертифицираниот консалтинг, соголена од теоретски фрази и поткрепена со реални практични докази. Ова е поглед „од внатре“ во механизмите кои ги трансформираат организациите.
Што е тоа менаџмент консултант и зошто работата на консултантите е од корист и потреба за менаџерите?
Знаете, наједноставно дефинирано, врвниот менаџмент консултант не е некој надворешен набљудувач кој доаѓа само да констатира состојби и да паметува. Тој е катализатор на промени и пред сè, партнер во онаа добро позната „осаменост“ при менаџерското одлучување. Оваа улога, која во современата менаџмент теорија, за првпат, детално е дефинирана од професорот по бизнис Дејвид Улрих (Dave Ulrich), има една многу јасна и практична филозофија: професионалниот консултант не влегува во организацијата за да фати корен и да остане таму засекогаш. Нашата мисија е со наменска динамика да овозможиме трансформација, да го оспособиме внатрешниот тим и потоа, едноставно да излеземе од системот, оставајќи ја организацијата трајно променета и способна сама да ја тера работата и да генерира повисока вредност.
Во секојдневната трка со оперативни предизвици, лидерите неминовно се соочуваат со феноменот на „организациско слепило“ – тоа е онаа природна состојба во која внатрешниот тим, бидејќи е премногу инволвиран во дневните обврски, почнува да ги игнорира системските аномалии. Овој феномен најпрецизно го опишува еден од татковците на модерниот менаџмент, В. Едвардс Деминг (W. Edwards Deming), кој во својата култна системска премиса јасно ќе посочи: „Еден систем не може да се разбере самиот себе. За трансформацијата е потребен поглед од надвор“. Внатре во куќата, девијациите по извесно време стануваат „невидлива оперативна реалност“. Со други зборови – со текот на годините, аномалиите и пропустите кај нас почнуваат да се доживуваат како: „Еј, кај нас тоа отсекогаш така се работело, тоа е нормално“. Е, не е нормално. Затоа, надворешниот увид е чиста системска потреба.
|
Како консултанти носиме три клучни ресурси што една организација ретко ги поседува истовремено во својата структура: апсолутна објективност, концентрирано мултидисциплинарно знаење стекнато од различни индустрии и пазари и наменски дијагностички алатки кои овозможуваат брза коренска анализа (Root Cause Analysis) на проблемите.
|
За да не останеме само на празна теорија, користа најдобро се гледа преку еден многу едноставен пример од нашата пракса.
Почетна состојба: Локална фирма со годишен приход од 500.000 евра со години тапкаше во место со профит од само 25.000 евра (маргина од 5%). Сопственикот буквално „се давеше“ во оперативни работи, работеше деноноќно, а профитот му се топеше низ неефикасни процеси кои не можеше да ги лоцира поради организациско слепило.
Консалтинг интервенција: Како ангажиран консултант, направивме брза дијагностика и реструктурирање на ценовната стратегија и продажниот процес. Инвестицијата во консалтинг услуги изнесуваше 10.000 евра.
Резултат по интервенцијата: Уште во првата година, со новите процеси, профитната маргина скокна на 8%. На малку зголемен приход од 550.000 евра, фирмата оствари чист профит од 44.000 евра.
Мерлива корист: Со инвестиција од само 10.000 евра, сопственикот оствари дополнителен чист профит од 19.000 евра уште во првите 12 месеци. Фирмата ја врати инвестицијата во консултантот за нецели 6 месеци, а системот продолжи да работи профитабилно и во следните години. Токму затоа, консалтингот е вистинска потреба за менаџерите – тој купува време, крати скапи стратешки грешки и директно влијае на крајниот биланс на успех.
Која е користа од користење сертифициран наспроти несертифициран или случаен консултант кој работи само повремено како консултант?
Ова прашање го засега срцето на професионалните стандарди на пазарот кај нас. Постои длабока, суштинска и структурална разлика меѓу чисто теоретското советување на академските професори или повремените советници и строго регулираната дејност на Сертифициран Менаџмент Консултант (CMC – Certified Management Consultant), верификуван според строги меѓународни стандарди.
|
Кога ве боли заб, барате сертифициран забар, кога градите, барате овластен архитект. Зошто различно би се однесувале кон својата фирма? За да го разбереме кредибилитетот на CMC титулата, мора да кажеме дека се доделува според глобалниот меѓународен стандард ISO/IEC 17024 за сертификација на лица. Тоа не е обична хартија добиена по тридневен курс. Тоа е сериозен трифазен испит пред ИЦМЦИ (ICMCI – International Council of Management Consulting Institutes):
Длабинска проверка на портфолиото: Кандидатот мора да поднесе писмени студии на случај (Case Studies) за 3 до 5 комплексни проекти кои минале низ независна проверка и писмена евалуација со директно контактирање на клиентите. Комисијата се јавува кај вашите клиенти да провери дали навистина сте го сработиле тоа.
Двојни писмени квалификации: Полагање испит за Општото јадро на знаења (Common Body of Knowledge – CBK) и посебен ригорозен Испит за Етичкиот кодекс.
Устен испит и Peer Review: Одбрана на проект пред тричлена стручна комисија од искусни CMC оценувачи кои го тестираат вашето реално консултантско однесување под стрес.
Во нашата држава, единствен легитимен чувар на овој глобален стандард е Асоцијацијата за менаџмент консалтинг МКА 2000. Таа е полноправно тело акредитирано од ICMCI (CMC-Global), кое неодамна прослави значаен јубилеј – 25 години професионализација на пазарот. МКА 2000 редовно подлежи на меѓународни реакредитации, со што се гарантира дека критериумите во Скопје се идентични како оние во кој било светски деловен центар. Дополнително, CMC ознаката нема доживотен рок. Секој менаџмент консултант е професионално обврзан на секои три години да помине низ детален процес на ресертификација пред МКА 2000. Ние мора да докажеме активна практична работа (минимум 84 консалтинг денови годишно) и одново писмено да се обврземе на Етичкиот кодекс на ИЦМЦИ (ICMCI Code of Professional Conduct). Случајните консултанти не сносат професионална одговорност за исходот, немаат развиени алатки за имплементација. Сертифицираниот CMC консултант нуди решенија базирани на стандардот ISO 20700:2017 со целосна етичка, правна и професионална одговорност за реалниот исход на терен.
Која порака би ја дале на бизнис менаџерите и менаџерите во јавниот сектор во врска со користење на услугите на менаџмент консултантите, како да направат избор и како најефективно и најефикасно да ги користат нивните услуги?
Мојата главна порака до менаџерите во приватниот сектор и лидерите во јавниот сектор е коренито да го променат менталитетот: ангажирањето врвен консултант не е признание за слабост или неспособност, туку врвен стратешки чин на зрел менаџмент кој сака да престане да „купува прескапи предавања“ и сака да премине кон водење со високи перформанси. За пример само, Мерцедес, Ауди, Фолксваген секоја година планираат огромни буџети за услуги на менаџмент консултанти и покрај огромниот внатрешен капацитет.
|
Лично искуство од јавниот сектор:
|
Кога зборуваме за конкретна оптимизација, професионалните консултанти се обучени за користење методологии како Lean Six Sigma за елиминација на административен отпад (Waste Elimination) и комплетниот Реинженеринг на деловни процеси (BPR – Business Process Reengineering) кои даваат одлични резултати. Замислете државна агенција која ги процесира барањата за 45 дена. Со елиминација на непотребните чекори, тоа време паѓа на само 7 дена (намалување од 84%), а институцијата прави огромна заштеда годишно на буџетски средства. Ова е чист пример за исход заснован на докази (Evidence-based outcome) каков што бараат современите стандарди на ИЦМЦИ.
Како да направите правилен избор на консултант? За да бидете сигурни дека добро сте одбрале, барајте ја ознаката CMC и акредитација од МКА 2000, побарајте директен контакт од претходни клиенти, проверете ги референците наведени во CV-то. Врвниот експерт има сериозен пристап и најпрво долго ќе ве слуша за да го разбере проблемот, а нема веднаш да ви дава препораки од ракав. За да го извлечете максимумот, процесот мора строго да го следи Животниот циклус на консалтинг ангажманот на ИЦМЦИ: прецизно договарање и дефинирање на опсегот на работата. Пред да започнете, јасно дефинирајте што е успех и кои резултати треба да се постигнат (KPIs), потоа мора да се обезбеди комплетна поддршка на консултантот и отворен пристап до податоците, како и внатрешна инклузивност на тимот и инсистирајте системот да може да продолжи да работи самостојно и по заминувањето на консултантот.
Мојата крајна порака до сите менаџери и лидери е едноставна: не се плашете да побарате надворешен, објективен увид во вашите процеси. Врвниот успех не доаѓа од тоа да се преправате дека знаете сè, туку од храброста да ангажирате меѓународно верификувана експертиза тогаш кога таа е најпотребна. Вратите на МКА 2000 и на нас, сертифицираните CMC консултанти, се секогаш отворени за оние кои се подготвени конечно да преминат од менаџирање на хаос кон управување со системски перформанси.








