СЕ е толку едноставно само доколку САКАМЕ

Една обична краткотрајна прошетка низ „центарот“ на Скопје ја соголува едноставната вистина дека ние, граѓаните на Македонија, не се сакаме ниту себе си, ниту соседите, ниту државата, ниту природата. Едноставно, не знаеме или не умееме да сакаме. Сериозна длабинска анализа, веројатно, ќе покаже дека емоцијата САКАЊЕ, исчезнала од нашата индивидуална и колективна ДНК.

Не се сакаме себе си. Толку едноставен и моќен заклучок. Затоа што доколку барем малку се сакаме како личности, како живи суштества, како граѓани, како „заслужни да го дишеме воздухот“, тогаш нема да дозволиме целосна девастација на вредностите и на Животот. Изопачени сме во сите пори на индивидуалноста. Нам лично ни е поважно цел ден да седиме со едно кафе и чаша обична вода во кафе бар на улица и да оговараме како СЕ не чини.

Поважно ни е да кажеме дека соседот не прочитал ниту една книга, затоа што не сакаме да признаеме дека ние, веројатно, не знаеме ниту да „читаме“. И во и меѓу редови. Не знаеме или не сакаме да свириме одреден инструмент. Не знаеме да ја почитуваме уметноста, културата, музиката. Не сакаме или не знаеме да посветиме некоја секунда да се погрижиме за нашето здравје. Не знаеме или не сакаме да го сочуваме внатрешниот баланс на материјалното и духовното.

Сме се затрчале во Животот да се натрупаме само со материјално богатство, што веќе го изгубивме редот во хаосот. Само трупаме, без да направиме ред. Грабаме безмилосно. Не само за нас, туку и за наредните пет генерации наши наследници. Ама баш ич не ни е гајле за целосната благосостојба и на детето на соседот или на родителите на комшијата.

Една мала споредба со нашите пријатели од Словенија, со кои сакаме да се споредуваме и изедначуваме, ќе покаже огромна вредносна разлика. Не во големината на државата, туку во големината на Сакањето на државата. Тие реално си ја сакаат државата во целост, ние реално си го сакаме само нашето „парче“ од државата. Таму секој се грижи за добро-бита на целокупноста во државата. Ние тука се грижиме само за нашата маленкост.

Да, државата (читај: општината) не е „способна“ да исчисти СЕ што ние сме способни да загадиме. Верувајте, ниту најбогатите општества нема да се способни да исчистат и средат вакво елементарно несакање на Животот. И наместо да ја обвинуваме и напаѓаме „неспособната локална власт“, многу поедноставно е да не го фрламе сопствениот „измет“ на улиците или да не ги оставаме полупразните тегли со ајвар на тротоарите.

Се жалиме дека немаме паркинг позиции за паркирање, но затоа знаеме како милиметарски да ја натокмиме колата до влезната врата на комшијата. Не мрзи да свртиме еден круг подалеку и да го ставиме возилото на прописна позиција, но не не мрзи да го „колнеме“ вработениот во пајак службата до трето колено што го „собрал“ токму нашето непрописно паркирано возило. Не сакаме да платиме ниту 30 денари за службен паркинг, затоа што сме ги „инвестирале“ во нашиот Мерцедес.

Поважно ни е да безделничиме по цел ден по парковите (под флоскулата дека ја сакаме природата), но никако да се освестиме дека нашето безделничење, всушност, само ја уништува и така загрозената природа. Една обиколка после нас ќе покаже дека ѓубрето кое сме го оставиле на тревата или улицата, всушност, било наменето за првиот контејнер или празна канта. Да, точно е дека не секогаш може да најдеме канта или контејнер, затоа што локалната власт или не го набавила или затоа што нашата „маленкост“ го искршила. Но ….

Жално е кога ќе ги погледнам лицата на странците како ја анализираат нашата празнина во Сакањето. Се чудат на тоа колку сме способни да „мразиме“. Намалувањето на водата на Вардар, барем во центарот на Скопје, ќе го покаже нашето лицемерие меѓу зборувањето и делувањето. Жалните врби (за оние кои се сеќаваат на нив) сега се „среќни“ што исчезнаа поради гадотијата која ја вршиме врз природата.

Зелената трева во парковите е „натоварена“ со сите наши отпадоци (шишиња, чаши, кондоми, тенџериња, искинати кондури, делови од кревети ….). Среќа што, барем во зима воздухот е толку загаден надвор, за да може државата да „одмори“ од нашиот порив да ја уништиме.

А СЕ е толку едноставно само доколку САКАМЕ. Се може да сакаме, но ајде да почнеме да дејствуваме за:

– Да работиме на својата внатрешна емотивна чистина

– Да имаме чист и здрав ум, чиста и здрава животна средина, чисто и здраво срце

– Да имаме здрави животни навики

– Да не фрламе смет каде што ќе сакаме

– Да ги почитуваме луѓето што работат за нас да ни биде убаво

– Да не го отежнуваме Животот на соседите

– Да имаме срдечен пречек на странците кои се движат низ нашата убава Татковина

– Да ја извадиме државата од калта

– Да не покажуваат како позитивен пример дека СЕ се може доколку се САКА

 

Тодор Стојчевски