Потрага по знаење или потрага по карактер?

Како родители, често нè прогонува истото прашање: Дали го правиме вистинскиот избор за нашето дете? Кога бираме училиште, не бараме само зграда и наставна програма. Бараме средина која ќе го обликува интелектот, но и духот. Сакаме место каде што неговата љубов кон науката нема да го претвори во „робот“, туку во емпатична, самоуверена и среќна личност.

Пред неколку недели, на Државниот натпревар по информатика, во просториите на ФИНКИ го добив одговорот на ова прашање сосема случајно. Додека ги чекав резултатите од натпреварот во кој учествуваше мојот син, бев поканет на една презентација која исто така се одвиваше таму. Имајќи вишок време кое морав да го потрошам некаде, решив да видам за што се работи… Е баш таму, имав можност да ги запознаам учениците од Математичко-информатичката гимназија (МИГ).

Во професионалниот живот сум направил, но и сум слушал повеќе презентации отколку што треба, но ова беше поинаку. Не беше уште една шаблонска и сувопарна презентација на која доминираат дваесетина термини кои „интелектуално“ се трудат да зачинат просечност. Напротив. Беше искрена, духовита и неверојатно автентична. Зборуваа за тоа како МИГ е „најдоброто од двата света“ – комбинација од гимназиско образование и стручна експертиза каде што професори од факултети ги учат на програмирање, интелигентни системи, но и хумани науки. Зборуваа за стипендиските можности и за тоа како е да се учи таму каде што фокусот е на она што навистина ги интересира – математиката и технологијата.

Таму го прашав синот:
– Максим, како ти изгледаше презентацијата?
– Убаво – вели.
– Дали виде дека имаат првак во пливање, дете кое свири на гајда, училишен бенд и речиси сите имаат некои награди од програмирање, математика, но и други предмети? – со љубопитни очи, видно возбуден ми објаснуваше.

Потоа продолжи, фасциниран од средбата и односот кон него:
– А едно од децата кои презентираа ми даде и неколку сајтови на кои можам да учам програмирање. Да, тоа високото дете… – продолжуваше да реди зборови.

Но, она што ме „купи“ не беа фактите (иако се импресивни). Ме фасцинираше нивната енергија. Гледав како тие млади луѓе комуницираат. Искрено, самоуверено, но без надменост… Со една неверојатна спонтаност која ретко се среќава. Најсилниот впечаток ми го остави моментот кога тие, како „големи“ средношколци, му пристапија на мојот 12-годишен син. Разговараа со него на исто ниво, со вистинско почитување и поддршка, иако разликата во години беше очигледна. Не видов ароганција, видов само здрава, поттикнувачка култура.

Оваа случајна средба на ФИНКИ ми покажа дека сè уште има места каде што квалитетот не е само мртва буква на хартија, туку се живее преку енергијата на учениците. Можеби МИГ ги учи најмногу на кодирање и алгоритми, но најважната лекција што ја видов таму беше лекцијата за почит, поддршка и вистинска заедница. И тоа е сè што еден родител може да посака.