Овој викенд, Лајонс клуб Вардар го одбележа својот 26-ти роденден со традиционална прослава, која го потврди долгогодишното постоење на клубот и неговиот континуиран придонес во заедницата. Настанот се одржа во пријатна атмосфера, каде што присуствуваа гости и пријатели на ЛК Вардар, членови од други Лајонс клубови, како и високи претставници на Дистриктот 132, вклучувајќи претходни гувернери, сегашниот гувернер и избраниот иден гувернер.
Она што го прави овој годишен настан особено вреден е неговата хуманитарна компонента. Како и секоја година, покрај одбележувањето на годишнината, беше организиран и хуманитарен натпревар за собирање финансиски средства. Дел од собраните донации ќе бидат насочени реализација на хуманитарни активности со што ЛК Вардар повторно ја потврдува својата определба за служба во заедницата.
Во рамките на свеченоста, беа врачени и благодарници на основачите на клубот, кои пред 26 години го поставија темелот на ЛК Вардар и ја трасираа патеката на хумано делување што продолжува и денес. Истовремено, дел од активните членови добија признанија за својата несебична посветеност и особен придонес кон растот и развојот на клубот.
Како дел од програмата свои излагањата имаа и гостите и претставниците на ЛК Вардар. Гувернерот на Дистрикт 132, Хари Коцев, го пофали работењето на клубот и ја нагласи важноста од континуирана соработка, поддршка и развој на хуманите активности. „ЛК Вардар не само што ја продолжува традицијата на служење, туку ја инспирира заедницата да делува, да учи и да се обединува околу хуманите вредности“, потенцираше Коцев.
Излагање имаше и претседателката на ЛК Вардар, Јагода Дренковска, која се осврна на досегашните достигнувања, реализираните проекти и идните планови на клубот. „На овие 26 години постоење, ние не само што прославуваме долга историја на поддршка и грижа, туку црпиме сила и инспирација за идните предизвици и активности,“ истакна Дренковска.
Свое излагање имаше и еден од основачите на клубот, Ставре Џиков, кој сподели спомени од почетоците на ЛК Вардар, нагласувајќи колку е важно да се одржи континуитетот на хуманитарните иницијативи и силниот дух на заедништво.
Во текот на целиот настан владееше позитивна атмосфера и чувството на заедничка мисија, што уште еднаш покажа дека ЛК Вардар неуморно продолжува да ја исполнува својата цел: да служи, да инспирира и да создава подобра иднина за сите.