Златен медал за Македонија на Европската јуниорска олимпијада по информатика 2025

На 9-тата Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2025), одржана од 29 август до 4 септември во Шумен, Бугарија, македонскиот тим постигна историски успех: златен медал за Владимир Грчев од Кочани и бронзен медал за Марко Кренков од Струмица. Во тимот настапија и Зоран Илијоски од Кичево и Јаков Грујовски од Скопје, предводени од лидерите Иван Занов и Петар Ковачовски од ФИНКИ.

Учениците беа избрани преку циклусот натпревари на Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), кој се организира веќе 36 години преку системот mendo.mk, со поддршка од ФИНКИ и компании како Сорсикс, Нетцетера, Семос Едукација и Винчини.

ЕЈОИ 2025 собра 96 натпреварувачи од 22 европски земји и уште две земји-гости (Саудиска Арабија и Киргистан). Според претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов, освоените медали се доказ за знаењето, талентот и посветеноста на младите македонски ученици и нивните ментори.

Следната, јубилејна ЕЈОИ ќе се одржи во Турција (2026), а македонскиот тим наскоро ќе настапи и на Балканската олимпијада по информатика (БОИ 2025) во Удине, Италија (25 септември – 1 октомври).

Веб страна за настанот: https://2025.ejoi.org/.