Ротари Клуб Скопје Исток, иако еден од најмладите Ротари клубови во Македонија, повторно покажа исклучителна посветеност кон подобрување на нашата заедница. Препознавајќи ги предизвиците на современото живеење, особено влијанието на интензивните професионални ангажмани и дигиталните технологии врз семејниот живот, клубот денес успешно реализираше иновативен семеен настан.
Во време кога квалитетното семејно време станува сѐ поретко, а родителите се соочуваат со нови и комплексни предизвици во воспитувањето на своите деца, важноста на едукативни и интерактивни семејни настани е огромна. РК Скопје Исток, водејќи се од оваа потреба, организираше саботно семејно дружење кое ги зајакна семејните врски, понуди вредни совети за родителство и промовираше општествена одговорност.
“Овој настан беше одраз на нашата посветеност кон градење посилни семејства и поздрава заедница,” изјави претседателот на РК Скопје Исток, Игор Николоски.
“Децата учат за животот и учат за емоциите низ директно искуство. Важно е ние како родители да научиме како во желба да помогнеме да не бидеме пречка и да не одмогнеме“ додаде Мирјана Ѓорѓиевска Ѓуров од Симбиотика.
Особено значајно е што сите собрани средства од овој настан ќе бидат наменети за набавка на дополнителна опрема за потребите на децата од Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид “Димитар Влахов” во Скопје.
Оваа иницијатива дополнително го нагласи фокусот на клубот кон поддршка на најранливите групи во нашето општество.
Семејствата кои учествуваа имаа можност не само за квалитетно поминато време со најблиските, туку и за стекнување нови знаења туку и придонес кон подобрување на нашата заедница.
РК Скопје Исток изразува благодарност до сите учесници и поддржувачи кои го направија овој настан возможен и успешен, посебно за Лазар Ѓуров и Мирјана Ѓорѓиевска Ѓуров од Симбиотика – Институт за индивидуален и организациски развој (www.simbiotika.mk) кои се погрижија за едукативниот и забавниот дел од настанот.
Клубот најавува дека ќе продолжи со слични иницијативи во иднина, со цел континуирано да придонесува за подобрување на квалитетот на животот во нашата заедница.
За повеќе информации за идните настани и активности на РК Скопје Исток, ве молиме следете ги на социјалните медиуми.