Активното градење мостови на соработка, хуманост и пријателство, денеска, се потврди на првиот состанок на двата збратимени клубови Ротари клубот Скопје Исток и Ротари клуб Рогашка Слатина, Словенија.
На овој начин, еден од најмладите Ротари клубови во Македонија, ја докажува својата посветеност кон принципите на Ротари Интернационал со визија да внесе свежа енергија и иновативни идеи во ротаријанската заедница во Македонија. Посетата на ротаријанците од Рогашка слатина следува по потпишување на Меморандумот за збратимување меѓу овие два клуба, означувајќи почеток на една нова ера на меѓународно партнерство и заедничко дејствување.
Членовите на клубовите имаа можност да се запознаат со активностите и проектите кои се спроведуваат во двете земји, отворајќи нови хоризонти за соработка во области од заеднички интерес. Особено инспиративни беа дискусиите за иновативни пристапи во служење на заедницата и можностите за заеднички хуманитарни проекти.
„Оваа средба ги зацврсти врските меѓу нашите клубови и ја нагласи важноста на меѓународната соработка во рамки на Ротари движењето. Преку вакви иницијативи, градиме мрежа на поддршка која ги надминува географските граници, овозможувајќи да имаме поголемо влијание во нашите заедници и пошироко“, потенцираше Претседателот на клубот, Игор Николоски.
„Ротари клуб Рогашка слатина на пријателската средба во Скопје, склучи нови пријателства и креиравме заеднички планови. Ротари клуб Скопје Исток се извонредни домаќини и веќе со нетрпение го очекуваме нивната посета во Рогашка Слатина“, истакна Рок Цајзек, претседател на РК Рогашка слатина.
Ротари Клуб Скопје Исток останува посветен на идеалите на служење, пријателство и меѓународно разбирање.