Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, денеска, го презентираше ИПА проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“, поддржан од Европската Унија. Намалување на долгорочната невработеност на лицата од ранливите категории и нивно вклучување во специјализирани програми и услуги за развој на вештини се таргетот за активностите што се спроведуваат преку проектот.
За Штефен Худолин, шеф за соработка во Делегација на Европска Унија во Скопје, ЕУ систематски инвестира во луѓе од 1957 година кога е основан Европскиот социјален фонд.
„Веќе 65 години ги поддржуваме мерките за избегнување и борба против невработеноста, го шириме опсегот на понудени обуки и го подобруваме функционирањето на пазарот на трудот. Добро е што во Северна Македонија се спроведуваат слични практики преку користење на ИПА фондовите. За вклучување на сите, без разлика на нивното потекло или лични тешкотии, обезбедувајќи им поддршка во нивниот развој“, објасни Худолин.
„Живееме во исклучително турбулентно време исполнето со многу неизвесности. И пандемијата, а сега и енергетската и економската криза, наметнаа нови предизвици кои се закана по животниот стандард на граѓаните, особено на најранливите категории на граѓани. Владата презеде низа брзи и времени мерки што беа насочени кон поранливите групи на население со цел да се ублажат последиците од економско-енергетската криза и силниот раст и голема променливост на цените на примарните енергетски и неенергетски производи. Сепак, на долг рок, останува фактот дека пристојната работа е најдобриот и најсигурниот излез од сиромаштијата“, рече заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусеин.
Според него, овие активни мерки „ја зголемуваат вработливоста на барателите на работа и обезбедуваат можности за зголемување на професионалните вештини и за стекнување квалификации што на долгорочно невработените и исклучени лица ќе се овозможи полесен пристап до пазарот на трудот“.
Беким Мурати, директор на Агенција за вработување на Република Северна Македонија, рече дека Агенцијата согласно Националната Стратегија за вработување, како и Програмата на Владата на Република Северна Македонија, континуирано реализира разни видови услуги и активни мерки за вработување за невработените лица.
„Со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2022 година предвиден е опфат на 13.000 невработени лица. Досега постигнавме висок степен на реализација, односно повеќе од 10.000 невработени лица се вклучени во активни програми и мерки за вработување. Од реализираниот опфат, 6.765 (67%) се млади невработени лица; 4.466 (44%) се жени, 414 (4.2%) се невработени лица од ромска националност, а 1.127 се долгорочно невработени лица. Планираниот буџет за имплементација на годишниот Оперативен план за 2022 година изнесува над 1,85 милиони денари или над 30 милиони евра, од кои најголем дел се од буџетот на Агенцијата за вработување“, додаде Мурати.
Проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на труд“ го спроведува Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија и е поддржан од Европската Унија. Сите активности на проектот се насочени кон намалување на долгорочната невработеност на лицата од ранливите категории и нивно вклучување во специјализирани програми и услуги за развој на вештини. Проектот почна со реализација на активности за невработени корисници на гарантирана минимална помош (ГМП), но потоа се прошири и на лица од други ранливи категории, како долгорочно невработени лица, млади до 29 години, жени, Роми и лица со попреченост.