Интервју со Зоран Бајовски, кандидат за градоначалник на Чучер Сандево од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата

Која е главната причина за вашата кандидатура за градоначалник на Чучер Сандево?
Веќе одреден период преку директен контакт со моите сограѓани откривам конкретни потреби и приоритети. Тие теренски разговори ми помогнаа да идентификувам проблеми поврзани со инфраструктурата, социјалната заштита и услугите кои треба да ги нуди општината. Повратните информации од граѓаните јас и мојот тим ги искористивме како основа за креирање на приоритетните проекти за обнова на Чучер Сандево. А овој период редовните средби со жителите на нашата општина ни помагаат да ги прилагодиме плановите во согласност со реалните услови и ресурсите. Целта е да го направиме нашето Чучер Сандево подобро место за живеење.
Кои се најитните инфраструктурни предизвици што општината треба да ги реши?
Клучни се водоснабдувањето и канализациските мрежи, прочистителните станици, депониите кои секој ден се се’ побројни, сите тие предизвици се итни и мора да се решат што е можно побрзо. Но пред се’, потребни ни се систематски планови со јасни рокови, а во имплементацијата на тие планови најважна е транспарентноста и вклучувањето на локалната заедница при изведбата на проектите. Предвидените интервенции вклучуваат и реална проценка на трошоците и изворите на финансирање за истите да бидат одржливи. Плановите ќе вклучуваат приоритети базирани на итноста и влијанието за секоја населба посебно бидејќи Чучер Сандево е на сите нас.
Какви конкретни социјални програми предлагате за ранливите групи?
Досега како општина не можеме да се пофалиме со високо ниво на посветеност на решавањето на проблемите на најранливите групи на граѓани. Затоа градиме дневни центри за лица со попреченост, програми за домашна нега на повозрасните лица и поддршка за здруженијата на лицата со посебни потреби. Тука се вклучени и превентивни здравствени активности и услуги за семејствата во ризик. Крајната цел што сакаме да ја постигнеме е пристапност до услуги, достапни сервиси и интеграција во заедницата, во нашето Чучер Сандево. Овие програми ги реализираме во партнерство со граѓанските организации и експертите кои имаат искуство во овој сектор за да се обезбеди квалитет и континуитет. Предвидени се индикатори за успех и механизми за повратна информација од корисниците.
Како ќе се гарантира транспарентноста и отчетноста при спроведување на проектите?
Активираме механизми како јавни консултации, транспарентно објавување на плановите и буџетите и редовни извештаи за напредокот на секој сегмент од проектите. Вклученоста на граѓаните и на независните надзорни механизми се предуслов за стекнување на довербата кај граѓаните и од тие причини отворениот дијалог и документирањето на резултатите е висок приоритет и за мене и за мојот тим. Ќе се воспостават јасни рокови и одговорности за секој проект и ќе се овозможи пристап до документите за сите заинтересирани страни. Јавноста ќе биде редовно информирана за секој сегмент од работата на општината.
Како планирате да ги задржите младите и како ќе ја поттикнете локалната економија?
Подобрувањето на комуналните услуги е првиот чекор – никој не сака да живее меѓу ѓубре а јас лично избројав барем 32 депонии во нашето Чучер Сандево во изминативе 10 дена (за жал, се уште не се исчистени тие депонии). Следува локалната поддршка за малите бизниси; програми за вработување, обука и партнерства со приватниот сектор а посебно во сегментот за руралниот туризам. Имаме планови за долгорочни инвестициски циклуси и подобрување на условите за квалитетен живот – ова се клучните чекори за задржување на младите. Ќе промовираме пристапност до финансиски и технички поддршки за стартапи и локални компании. Сите активности ќе бидат насочени и кон создавање на услови за балансиран семеен и професионален живот.
На кои начини граѓаните ќе бидат информирани и вклучени во донесувањето одлуки?
Општината ја замислувам како куќа со отклучена влезна врата – таа е дом на сите нас во Чучер Сандево и затоа ќе имаме редовни јавни средби, ќе објавуваме материјали и информации на официјалните платформи и ќе користиме дигитални алатки за собирање предлози. Периодичните извештаи за реализацијата на проекти ќе се достапни за сите бидејќи транспарентноста и двонасочната комуникација се основа за градење на довербата меѓу сите нас ако сакаме ефективна локална самоуправа. Јас сум роден тука, живеам тука и сакам да го направам Чучер Сандево место каде и моите деца и внуци ќе сакаат да живеат тука, дома.








