Што е Instahome и како се роди идејата за ваква платформа?
Instahome е резултат од потребата на пазарот за организирана, лесна и пред се бесплатна поддршка за уредување или реновирање на домот. Платформата нуди софтвер за внатрешно уредување со предлог дизајни за голем број стилови на уредување. Па така, секој корисник на платформата може да продолжи со дизајнирање на својот простор следејќи ги своите желби, вкусови и замисли, а притоа да има на располагање реални производи од голем број салони низ Македонија. Александра е дизајнер за внатрешно уредување повеќе од 10 години и оваа потреба од вистинско скратување на времето при пребарување на вистинските парчиња мебел за уредување на еден простор се сретнува низ нејзината работа секојдневно.
Како втор проблем се јавува и потребата за визуелизација на просторот во безброј варијанти и комбинации на бои, подови, врати, тапети или зидни техники… како тие би одговарале со одбраните парчиња мебел, осветлување или омилената уметничка слика…итн. И секако, голема предност на платформата е што дизајните се креираат со реални производи од македонскиот пазар, па така сите инспирации од Pinterest и Instagram на клиентите им служат како идеја и мотивација, но на крајот реализацијата на просторот ја остваруваат со максимално искористување на потенцијалот на домашната понуда на производи. Од друга страна, целосно сме свесни дека искуството за купување во светот постојано се менува. Онлајн пазарите за мебел се во вртоглав пораст во развиените земји. Иако сме свесни дека купувањето мебел онлајн во Македонија засега е повеќе исклучок отколку навика, сакавме на македонските купувачи на еден интересен начин да им до доближиме пазарот на мебел и уредување целосно на сопствените екрани. Па така, со Instahome, секој може онлајн да добие бесплатни совети за дизајнирање, да направи избор и комбинација на производи за уредување и секако на крај истите да ги нарача онлајн.
Дали е достапно решението и каде може да се најде? Дали платформата е едноставна за користење, со оглед на тоа дека уредувањето и внатрешниот дизајн е доста сложен процес?
Целта на Instahome e да го направи уредувањето побрзо, поекономично и секако помалку стресно😊. Платформата е бесплатна и може да се посети на www.instahome.team.
Многу е едноставна за користење и секој може да ја постигне целта без потреба од поседување на напредни компјутерски вештини. На некој начин Instahome функционира како еден онлајн саем за мебел кој е бесплатен и отворен во текот на целата година. Па така, на платформата може да се најде избор на секаков вид мебел од цела Македонија, посебно се истакнуваат сите попусти и тековни акции на сите салони, а исто така со задоволство ги промовираме и сите нови производи на пазарот за уредување. Блогот на платформата нуди совети за уредување, претставување на најновите трендови, како и специфични информации за производи за уредување кои ретко им се достапни на корисниците кои уредуваат сами, без поддршка на дизајнер и архитект.
Колку компаниите беа соработливи за вклучување во еден ваков проект и кои се вашите планови за во иднина?
Ние сме особено среќни што се менува перспективата на компаниите кои се свесни дека обичната реклама повеќе не е доволна и дека клиентите бараат нови искуства за забава и пазарување. Среќни сме што голем број на компании го препознаа потенцијалот на платформата од самиот почеток, a гледаме и сè поголема заинтересираност од компаниите во последниот период.
Самата платформа е одлична основа за надоградба со нови апликации за кои сме сигурни дека ќе бидат од корист за компаниите, но и за сите ентузијасти кои сакаат сами да го уредуваат домот.