Етиката е основата на успешното консултантство

Љубомир Трајковски, член на МКА 2000 I единствен Сертифициран менаџмент консултант CMC Емeритус во Македонија
Љубомир Трајковски, член на МКА 2000 I единствен Сертифициран менаџмент консултант CMC Емeритус во Македонија

1. Вие сте единствениот консултант со статус CMC Eмeритус во Македонија. Што значи ова и како се добива овој статус?

 

Да, ја имам честа да бидам првиот и досега единствен „CMCÒ Emeritus“ во Македонија. Очекувам оваа титула, во иднина, да ја добијат и останати колеги членови на МСА 2000. „CMC Emeritus“  е меѓународна почесна титула што ја доделува ICMCI (CMC-Global)“ преку националните асоцијации на членки.

Се доделува на искусни менаџмент консултанти кои се стекнале со ознаката Сертифициран менаџмент консултант (CMCÒ) и кои престанале со активна консултантска пракса, но имаат исклучителни професионални достигнувања, високи етички стандарди и долгогодишен придонес кон развојот на професијата.

Во мојот случај, МКА 2000 го оцени мојот придонес како основач и прв претседател, како и повеќе од 30 години работа во менаџмент консалтингот. Оваа титула овозможува да го задржам CMCÒ брендот и да продолжам да придонесувам во делувањето на МКА 2000  преку менторирање, едукација и промоција на професионалните стандарди за членовите на МКА 2000  и за деловното опкружување во Македонија.

 

  1. Како еден од основачите на МКА 2000 и нејзин прв претседател која е визијата на МКА 2000 во однос на консалтингот?

 

Заедно со група колеги, во  далечната 2000-та година, ја основавме МКА 2000 со јасна цел – да ја подигнеме менаџмент консултантската професија на меѓународно ниво во Македонија преку воведување релевантни меѓународни менаџмент стандарди. Визијата на МКА 2000 е да биде признат градител, промотер и подржувач на извонредност во менаџмент консалтингот услугите кај нас. Се стремиме кон професија каде што клиентите јасно ги препознаваат високо компетентните и етички консултанти, преку CMCÒ сертификацијата, следење на нивните активности и нивно континуирано образование. Сакаме да придонесеме кон развојот на компаниите и институциите преку квалитетно советување а истовремено да ја зајакнеме позицијата на македонските консултанти на регионално и меѓународно ниво.

 

  1. Како консалтингот придонесува за развој и конкурентност на компаниите во услови на брзи промени и дигитализација?

 

Во денешниот динамичен свет, компаниите често се фокусирани на секојдневното работење и потребна им е надворешна перспектива за стратешките прашања во нивното работење. Менаџмент консултантите помагаат во идентификација на можностите и ризиците, обезбедуваат насоки за редизајнирање на процесите, воведување дигитални решенија и градење отпорност. Во нашиот случај, македонските компании имаат предизвик во прилагодување кон европските стандарди за извонредност, почитување на европските вредности и етиката во нивното работење.

 

МКА 2000 се труди и помага нивните членови да може да придонесат преку објективна анализа и свежи идеи (процеси ориентирани кон подобрувања, иновативност и успешно работење во ерата на вештачката интелигенција), пренесување на најдобри практики од други индустрии и земји, помош во имплементација на „стратешки промени“ како дигитална трансформација, ESG и нови бизнис модели и развој на внатрешни капацитети/знаења кај клиентите. Резултатот е поголема конкурентност, ефикасност и подготвеност за идните предизвици.

 

  1. Кои се најважните вештини и иновативни пристапи што треба да ги поседува еден современ консултант за успешно да одговори на потребите на клиентите?

 

Денес, добриот и „извонреден“ консултант мора да ги комбинира класичните „стари“ и новите вештини. Најважни знаења на менаџмент консултатите се:

– Длабоко бизнис разбирање и способност за стратешко размислување

– Дигитална писменост – познавање на вештачка интелегенција, анализа на податоци, дигитални платформи

– „Меки“ вештини – одлична комуникација, емпатија, фасилитација на промени

– Адаптивност и доживотно учење

– Етички пристап и фокус на одржливост

Иновативните пристапи вклучуваат „ко-дизајн“ на решенија со клиентот, употреба на **дигитални алатки** за брза анализа, агилни методологии и носење одлуки врз основа на податоци. Најважно е консултантот да не дава „универзални рецепти“, туку специфични решенија прилагодени кон потребите и можностите што функционираат во контекстот на клиентот.

 

  1. Дали и како етиката може да се третира како основа за успешен консалтинг?

 

Апсолутно да. Етиката не е само „дополнување“ – таа е основата на успешниот консалтинг. Без доверба, ниту еден совет не вреди. Во МКА 2000, како дел од Меѓународниот совет на менаџмент консалтинг институти, се придржуваме до строги етички кодекси кои бараат: објективност и независност, доверливост, избегнување конфликт на интереси и одговорност за резултатите од нашите препораки. Етичкиот консултант гради долгорочни односи, ја штити својата но и репутацијата на клиентот. Во пракса, тоа значи да одбиеш проект ако не си соодветен за истиот или да кажеш непријатна вистина кога е тоа потребно. Искуството покажува дека етичките консултанти имаат поголема лојалност од клиентите и подобри долгорочни резултати.

 

  1. Може ли соработката, визијата и професионалното советување да поттикнат долгорочен раст, иновации и одржлив успех на една компанија?

 

ДА! Секако дека може – и тоа веќе е докажано. Успешните компании не растат сами. Тие градат силни деловни партнерства со визионерски менаџмент, при што имаат искуство од соработка со професионални менаџмент советници. Соработката „клиент-консултант“ донесува различни перспективи и заедничко креирање решенија. Јасната визија дава насока а професионалното советување помага таа визија да се преведе во конкретни акции, мерливи деловни разултати  и одржливи процеси. Кога се комбинираат овие елементи, компанијата станува поиновативна, поотпорна на кризи и подготвена за долгорочен успех – без разлика дали станува збор за семејна фирма, средна компанија или голема организација.