Во сè поглобализираниот свет, младите се сè помобилни. Студирањето во странство станува природен чекор за многумина што сакаат академско усовршување. Словенија, како членка на ЕУ со отворени можности за странски студенти, се издвојува како дестинација која создава средина каде што студентот се чувствува подржан, почитуван и вреднуван.
Образовниот систем во Словенија се одликува со комбинација на високи академски стандарди и практична применливост. Наставата ја комбинира теоријата со можности студентите редовно да се поврзуваат со професионалци од своите области, преку пракси, семинари и соработка со компании. Овој пристап создава чувство на реална подготвеност за пазарот на труд и ја отвора вратата за вработување уште за време на студиите.
„Професорите се пристапни и отворени, без комплекси, без дистанца. На многу факултети предаваат и луѓе директно од пракса – што значи не учиме само теорија, туку и од реалноста од терен. Во текот на студиите има и директни контакти со компании – преку кариерни саеми, предавања, пракси. Како студент не си изолиран од “реалниот свет”, туку си активно вклучен во него“, вели Кристијан Поповски, претседател на Македонската студентска организација во Словенија (МСОС).
Институционалната грижа за студентите се гледа и во секојдневните детали, како што се субвенционирана исхрана, прилагодени административни процедури и достапни образовни ресурси. Студентите имаат пристап до добро опремени библиотеки, отворени лаборатории, советувалишта, спортски сали, културни активности и мрежи за поддршка. Овие ресурси се дел од системот кој го препознава студентот како личност што се гради во повеќе насоки.
Словенија го негува и му дава значење на студентскиот активизам. Македонски студенти се дел од универзитетски тела, студентски совети и организациони одбори на настани, со што активно влијаат врз академските политики и животот на кампусите. „Денес имаме македонски студенти во Сенати на факултети, во Студентски совети, во водства на национални студентски организации. Имаме колеги што се во топ 1% на најдобри студенти на својот факултет, со награди и признанија од декани и ректори. Тоа не е случајно, тука се отвора простор кој го користиме“, додава Поповски.
Многумина од македонските студенти се вклучуваат и на пазарот на труд уште додека студираат, преку студентски договори кои се законски уредени, транспарентни и финансиски стимулативни. Притоа, се овозможува реално работно искуство, нешто што подоцна се покажува како пресудно при вработување. „Веќе една година работам во технолошката компанија ЦВС Мобиле д.о.о. во Љубљана во финансии и сметководство, паралелно со студиите на Економскиот факултет каде што годинава дипломирав. Тоа ми овозможи да стекнам реално работно искуство уште за време на студирањето и делумно да го финансирам мојот престој во Словенија“, вели Поповски.
Значајната застапеност на македонски студенти во Словенија е резултат на континуирана соработка и системски пристап кон квалитетното образование. Амбасадата на Република Словенија во Скопје игра активна улога во унапредување на образовните врски меѓу двете земји, промовирајќи ги можностите што ги нуди словенечкиот високо-образовен систем.
Амбасадорот Грегор Прескер вели дека токму квалитетот на универзитетите, пристапноста и отвореноста кон странски студенти се клучни фактори кои ја позиционираат Словенија како атрактивна студиска дестинација.
„Квалитетот на високото образование во Словенија се согледува во неколку клучни елементи: високо професионализиран наставен кадар, силен фокус на научно-истражувачката работа, современи програми усогласени со европските стандарди и акцент на интердисциплинарност и иновативност. Во Словенија има вкупно 7 универзитети и 37 независни високообразовни институции, кои нудат над 1.500 студиски програми на додипломски, магистерски и докторски нивоа. Универзитетски центар е Љубљана, иако и другите градови не заостануваат по квалитетот на студиите. Одлично е што студентите, вклучувајќи ги и студентите од вашата држава, може да аплицира за најмногу 3 различни програми на различни универзитети при аплицирање“, вели амабасадорот Прескер.
Според него, она што ја прави словенечката академска понуда особено привлечна за студенти од регионот, вклучително и од Северна Македонија, покрај бесплатното студирање и уживање на сите права како и словенечките студенти, е и комбинацијата на високи академски стандарди, прифатливи трошоци за студии и живот, можноста за студирање на англиски и словенечки јазик и отвореноста кон странски студенти.
„Јазичните и културните бариери речиси и не постојат. Словенечкиот јазик е сличен на македонскиот јазик и може да се научи многу брзо. Секако дека е пожелно да се стекне претходно знаење. Како предност може да го напоменам фактот што во Словенија се школуваат голем број деца од сите земји од регионот. Покрај тоа, студентите од Словенија се многу пријателски расположени и подготвени да ги прифатат своите колеги од странство“, вели Прескер.
Словенечкиот амбасадор ја потенцира отвореноста на универзитетите кон меѓународна соработка, учеството во програми како Erasmus+ и нивната улога во рамки на Европското образовно подрачје.
„Високото образование во Словенија е признато во целиот свет, а студиите се одвиваат според Болоњскиот систем. Постојат два вида виши установи: стручна виша школа каде образованието трае две години и факултети со основни студии кои траат 3 години. Стручните виши школи се нешто слично на вишите школи во вашата земјата, а нивниот план и програма е насочена кон развивање практични вештини за студентите што поскоро да се подготват за работа. Факултетите обезбедуваат пошироко теоретско образование, а по дипломирањето студентите може да го продолжат образованието на магистерски и докторски студии. Преку заеднички студиски програми, научни проекти и билатерални договори, словенечките високообразовни институции активно придонесуваат во градење академски и професионални мостови меѓу земјите од Западен Балкан“, вели амбасадорот Прескер.
Растечкиот интерес за студирање во Словенија го потврдуваат и најновите официјални податоци. Во академската 2024/25 година, во прва година на додипломски и интегрирани магистерски студии се запишале 14.219 нови студенти, од кои дури 82% како редовни студенти. Жените се благо доминантни со 56,3% од вкупниот број, а студентите главно се на возраст од 19 до 24 години. Значаен е и растот на бројот на странски студенти – нивниот удел во терцијарното образование достигна 14,5%, а највисок е кај докторските студии од 25,4%. Во Словенија сега студираат речиси 12.000 странски државјани – бројка што е за над 12% повисока од претходната година. Студентите доаѓаат од повеќе од 120 земји, а најзастапени се младите од Србија (18,1%), Северна Македонија (16,1%), Хрватска (16,0%) и Босна и Херцеговина (12,6%) – што дополнително ја нагласува улогата на Словенија како регионален центар за квалитетно високо образование.
Податоците од првиот уписен рок за академската 2025/26 година дополнително ја потврдуваат привлечноста на словенечките универзитети. На вкупно 18.800 достапни места за прва година на додипломски и интегрирани магистерски студии, пристигнале 16.254 пријави. Вториот рок за аплицирање за додипломски студиски програми финансирани од државата е закажан за крајот на август, а информациите за преостанатите слободни места ќе бидат објавени на националниот портал за високо образование (eVŠ). Сè уште имате можност да поднесете пријави и за други студиски програми и нивоа.
Во контекст на зголемениот интерес за студирање во Словенија и бројните позитивни искуства на македонските студенти, вреди да се истакнат и конкретни примери на институции што нудат бесплатни студии и поддршка за странски студенти. Меѓу нив се и Факултетот за општествени апликативни студии (ФУДШ) од Нова Горица и Факултетот за информатички студии (ФИС) од Ново Место, кои се истакнуваат со современи студиски програми, практична ориентација и можност за комбинирање на студии со работа.
Студирањето во Словенија не треба да се гледа како отуѓување од државата, туку како можност за стекнување знаење, искуства и перспективи што можат да се вратат назад. Отвореноста на словенечкиот образовен систем кон студентите од Северна Македонија е шанса за градење генерација што размислува глобално, но останува поврзана со својата земја. Мобилноста и размената се дел од современото образование а преку овие мостови се создаваат услови за одржлива соработка и меѓусебно збогатување.