На 05.02.2026 во Скопје, во организација на издавачот АЦТ! ДОО Скопје, беше одржана промоцијата на публикацијата „Коментар на Законот за општата управна постапка“, прв и единствен сеопфатен коментар на еден од најзначајните закони во македонското законодавство.
На настанот беше истакнато дека Законот за општата управна постапка претставува основен столб на правната сигурност, бидејќи по овој Закон постапуваат сите јавни институции при одлучување за правата, обврските и интересите на граѓаните и правните лица. Неговата правилна и воедначена примена е клучна за законитост, предвидливост и доверба во институциите. Во „Коментарот на Закон за општата управна постапка“ секоја одредба е објаснета јасно и практично, со насоки за правилна примена и надминување на честите дилеми во управната практика.

Коментарот е изработен од тим истакнати автори универзитетски професори, судии, адвокати и државен советник, а дел од нив учествувале во подготовката на самиот Закон, и тоа: д-р Ана Павловска-Данева (уредник), професор и судија на Уставeн суд, д-р Борче Давитковски, професор во пензија, м-р Жарко Хаџи-Зафиров, адвокат, д-р Субхи Јакупи, судија на Виш управен суд, м-р Марија Петрова-Блажевска, државен советник во Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен и Светлана Костова, судија на Виш управен суд.
Како промотери на книгата се обратија д-р Ана Павловска-Данева, Горан Минчев, министер за јавна администрација, м-р Панче Тошковски, министер за внатрешни работи и д-р Јелена Ристиќ, заменик претседател на Адвокатската комора, кои ја нагласија важноста на ова дело за јавната администрација, правната фела и граѓаните.








