Од зборот си патиме, со зборот славиме
Цел живот се занимавам со ЗБОРОТ. Изговорениот, напишаниот, но и оној што не излегол на „мегданот“, оној нереализираниот. Во последно време ме фасцинира и окупира мислата на ЗНАЧЕЊЕТО и ВРЕДНОСТА на зборот. Колку вреди еден збор? Како се мери вредноста на зборот? Како се прави размена на вредност со кажан/напишан збор? Свесни ли сме колку лесно се расфрламе со зборовите? Знаеме ли дека и искажаниот / напишаниот збор создава тежина? И дека неискажаниот збор создава вредност? Н создавање, но и на уништување.
Се повеќе ја чувствувам реалноста во која, речиси никому, не му е гајле за искажаниот збор. Нашата реалност е затрупана со зборови без вредност. Речиси секој кажува што сака. Речиси секој изустува, без да размисли. Ве молам, Размислете малку и сетете се колку пати и Вие сте кажале нешто колку да се каже? Сте изустиле, без да ја измерите вредноста на кажаното. Сте напишале без да ја примените онаа нашата „два пати мери, еднаш сечи“? Ех, колку е лесно да се каже, но колку е тешко да се испочитува.

Само еднаш минете по македонските улици и ќе ја почувствувате тежината на лицата кои минуваат крај Вас. Ги мачат зборовите што ги слушнале. Ветувањата кои ги добиле, но не биле реализирани. Љубовта која ја „слушнале“, но не ја почувствувале. Пријателството кое не ја исполнило целосната функција на добродетелство. Доволно е да се свртите околу себе, околу најблиските и да сфатите колку малку или воопшто, не ја знаеме и не ја почитуваме вредноста на ЗБОРОТ.
Колку пати не сме го реализирале она „ќе те барам од утре за кафе“, „ ќе се видиме“, „ ќе ти се јавам“, „планирај заедно на одмор“ и … Колку пати мајсторот за дома ќе ви каже „доаѓам од утре и ќе завршиме работа“ и нормално – го нема никаде. Или „дај пари на заем, ќе ти ги вратам за три месеци“. И – ни трага, ни глас. Или „ќе ја направиме улицата ако ги добиеме изборите“ – а потоа, газите по кал и смет за да излезете од дома. Е токму на вакви едноставни работи се губи довербата меѓу нас. Се губи Човекот меѓу Луѓето.
И незнаењето на вредноста на зборовите придонесува до проблемите со кои се соочуваме. Затоа што многу лесно правиме размена (трансакција) без да ја знаеме вредноста. И дадениот збор има трансакциона енергетска вредност. Со значење. Размена на енергија, на емоција, на значење. И нормално е да не ја знаеме доколку некој во детството не ни ја кажал или покажал. Во градинка, во училиште, на улица, во домот, во институциите, кај лекарот. Напротив, осознавањето на вредноста на зборот ја чувствуваме на наша кожа. Искуствено. Кога некој ќе не повреди или кога некој ќе го исполни зборот. Кога се чувствуваме лошо или убаво. Кога едно добро утро ќе ни го разубави денот. Или кога ќе се уништи денот кога нема да ја добиеме платата што сме ја договориле.
Вредноста на зборот ја дефинира и нашата вредност како човек. Онаа што сакаме да ја покажеме пред себе, но и пред јавноста.
Доколку кажеме „од утре вежбам“, тогаш најдобро е тоа да го почитуваме. Или „ќе прочитам книга додека сум на одмор“. Ќе направам она, ќе направам она. И доколку го направиш – секако, се чувствуваш убаво и корисно. Доколку не го направиш – верувам, го знаеш чувството. Слободно, тестирај ги и двете варијанти и ќе ја сфатиш разликата, но и вредноста и значењето на дадениот збор.
Е сега, откако ќе го почувствуваш тоа на своја кожа, размисли и замисли како му е на другиот. На оној што си му кажал нешто, но не си го исполнил. На оној што требало да му кажеш нешто, но си премолчел. Оној што ти кажал нешто, но си го игнорирал. Оној што не си му дал шанса да ти каже нешто.
И така ….Сите заедно „пливаме“ во океан полн со нереализирани зборови кои ја обременуваат и отежнуваат реалноста. Или „пливаме“ меѓу зборови кои се искажани / напишани без да се знаат нивната вредност и значење. Драги мои, размислете пред да кажете. Измерете пред да изустите. Осознајте пред да напишете. Не се расфрлајте едноставно со вредноста и со значењето на Животот на ЗБОРОТ. Затоа што размената на зборовите е социјален процес кој не дефинира како личности и не разликува од животните.
Тодор Стојчевски, доктор на науки по стратешко комуницирање