
- Колку долго трае вашата љубов кон фудбалот и особено кон македонската репрезентација? Се сеќавате ли на некој клучен момент од детството што ја разгоре оваа страст?
-Уште како дете бев вљубеник во фудбалската игра, тоа го “наследив” од татко ми. Светското првенство во Италија 1990 беше оној тригер што го разбуди интересот и желбата за фудбалот. Се сеќавам, тогаш ги следев сите преноси што ги имаше на ТВ. Редовно слушавме радио пренос од првата македонска лига, а недела навечер се следеше телевизиски преглед на колото. Македонската репрезентација почнав да ја следам од првиот официјален натпревар против Данска во Скопје. Данска дојде како европски шампион, владееше голема еуфорија. Првиот натпревар на репрезентацијата што го гледав во живо е оној против СР Југославија игран на 8-ми септември 1999 година, во Скопје.
- Споменувате дека како дете сте воделе список на натпревари, резултати и статистика на рачна машина за пишување. Како овој ран интерес за евиденција еволуираше во идејата да креирате видео-архива?
-Не би знаел да кажам точно од каде се пројави интересот, едноставно ме исполнуваше тоа. Водев списоци и од домашната лига, европските лиги, од останати спортови кај нас, олимписки игри и сл. И до денес имам зачувано дел од белешките. Во меѓувреме станав и колекционер на музика, албуми со сликички, значки. Од сегашна перспектива си мислам, ако сум имал услови уште тогаш, како дете, можеби ќе сум започнел со креирање на видео-архива, бидејќи навистна ова хоби побарува опрема и финансии.
- Што беше пресвртницата да го претворите хобито во „проект“ и да креирате YouTube канал? Зошто токму јуни 2020 година, во периодот на изолација, беше моментот за тоа?
-Да, во јуни 2020, во периодот на изолација предизвикана од пандемијата, решив да креирам Youtube канал со видео материјали од сениорската репрезентација на Македонија. Едноставно имав повеќе слободно време на располагање и не сакав да седам бесполезно. Како што проверив тогаш, воопшто по социјалните мрежи и интернет имаше околу дваесетина видеа, објавувани на разни канали. Согледав дека има простор за реализација на моите замисли и веднаш, уште истиод ден, се зафатив со работа.
- Каков беше почетниот материјал што го најдовте на интернет? Споменувате дека имало само околу дваесетина видеа. Како успеавте да ја зголемите колекцијата од тој почетен број?
-Имав неколку свои видеа од натпревари и со нив почнав да ги разменувам со колекционери што ги наоѓав на соодветни форуми. Дел од материјалите ги купив, нешто од интернет, нешто од луѓе кои снимале за свои потреби и лични архиви. За една ипол година собрав доста нов материјал. Првичната замисла ми беше колекција само од сениорската фудбалска репрезентација, но со размена на материјалите доаѓав и до видеа од македонски клубови, младата и женската селекција и др. со кои подоцна ја проширив видео архивата. Во јули 2023 година отворив уште еден Youtube канал посветен на македонскиот клупски фудбал.
- Забележително е што сте стапиле во контакт со колекционери од целиот свет, од Јужна Кореја до Бразил. Како ја остваривте таа мрежа на контакти и која беше нивната реакција на вашата иницијатива?
-Најмногу колекционери запознав на најголемиот форум за фудбал bigsoccer, каде имав среќа, па најчесто начекував фер колекционери со кои имав поголеми размени. Со дел од нив останавме во контакт и ден денес и соработуваме еден со друг. Би ги издвоил Виктор од Хрватска, Садија од БиХ и Вахан од Ерменија. Со сите нив делиме слични замисли во овој дел, односно секој од нив е колекционер на видеа од својата репрезентација. Буквално имав контакт со колекционери од сите континенти, најмногу секако од европските земји, но и од Кореја, Кина, Иран, Бразил, Австралија.
- По пет години работа, со право можете да кажете дека е креирана најголемата видео-архива на македонскиот репрезентативен и клупски фудбал. Што значи ова за македонската фудбалска историја и за навивачите?
-Дефинитивно, слободно можам да кажам дека се креираше најголемата видеоархива на македонскиот репрезентативен и клупски фудбал. Секако, недостауваат неколку прегледи, но активно трагам уште по мечот Македонија – Естонија од 1994 година и финалето на Купот на Македонија од 1994 година играно меѓу Пелистер и Силекс. Повозрасните преку овие видеа се потсетуваат на некои минати времиња, а помладите имаат можност да научат нешто за историјата на македонскиот фудбал.
На каналот, исто така, може да се најдат и интересни податоци и факти поврзани со македонскиот фудбал, претставени преку фотографии или исечоци од новини.
- Кои видеа ви се најдраги? Можете ли да издвоите некои кои имаат најголемо значење за македонскиот фудбал, а кои благодарение на каналот првпат се достапни за јавноста?
-Би издвоил некои видео материјали кои мене ми се најдраги и знам често повторно да ги изгледам. Тука е видеото од најголемата победа во историјата против Лихтенштајн 11-1, победите против Кипар, Ирска, Албанија, натпреварите против Кореја, Египет, Јамајка.Тука се и првиот натпревар на младата репрезентација 7-0 против Естонија и првиот официјален против Данска 5-3. Исто така, едно од најдобрите финалиња на Купот на Македонија од 2003 година играно меѓу Цементарница и Слога Југомагнат. Од клупските настапи во европските натпреварувања би ги издвоил: Победа против Перуџа и Парма, Вардар против Рома, Пелситер против Селта Виго и.т.н.
- Освен натпревари, на каналот објавувате и интересни податоци и факти. Каква е реакцијата на јавноста на овие едукативни содржини?
-Едукативните содржини ги воведов малку подоцна. Целта беше да се претстават на следачите на каналот одредени соодветни факти поврзани со македонскиот фудбал, како дополнителна содржина. За таа цел, во период од една година ги прелистав архивските примероци на Нова Македонија и Македонски Спорт за период од 1991 до 2005 година. Ги забележував неофицијалните натпревари на македонската селекција, одредени факти околу осамостојувањето на ФСМ, организацијата и почетоците на македонската фудбалска лига, податоци за младинскиот и женскиот фудбал во Македонија, податоци кои до тогаш не беа објавени на интернет. На пример, податоци за првиот официјален натпревар на женската репрезентација, првата победа на женската репрезентација, првите натпревари на младинските селекции, женската фудбалска лига, шампиони и освојувачи на куп, податоци за ревијалните натпревари на македонската репрезентација и.т.н. Се надевам дека вистинските љуботели на македонскиот фудбал ќе најдат интересни факти во овој дел.
- Наидовте на голема поддршка во Македонија, особено од спортски новинари. Како се одвива соработката со фудбалската заедница (фудбалери, селектори, тренери, коментатори) и колку ви помогнаа тие контакти во остварувањето на целта?
-Со текот на времето стапив во контакт со многу екс-репрезентативци, тренери, спортски новинари и фудбалски работници кај кои наидов на голема поддршка и секој беше спремен да помогне колку што може околу видео материјалите. Со неколкумина останавме во контакт и соработуваме до денес. Дел од спортските портали почнаа да споделуваат содржини од каналот што придонесе побрзо ширење на популарноста на истиот. Тоа навистина ми помогна и ми даде уште дополнителна енергија да продолжам да работам.
- Како ова хоби се вклопува во вашиот секојдневен живот? Колку време посветувате на истражување, контактирање и монтирање на материјалите?
-Со оглед на моите работни обврски, скоро секојдневно наоѓам време да се посветам на моето хоби. Можеби, во просек, по еден час, час и половина дневно. И по толку време, се уште сум со истиот ентузијазам како од почетокот. Пишувам и текстови за младата и женската репрезентација за спортски портал. И понатаму архивата ќе биде надополнувана и со актуелни мечеви. Целта ми е да го одржувам овој проект и во иднина. Можеби за oва мое хоби нема термин во македонскиот речник, но можам да кажам дека преку ова хоби реализирав еден детски сон.
За сите кои сакаат да погледнат дел од видео-архивата, посетете ги Следните Youtube канали.
Македонски фудбал и Македонска фудбалска репрезентација