Најважно од СЕ е да се биде слободен ЧОВЕК

Секој во животот се стреми да ја достигне слободата. Да го живее единствениот живот без обврски, без ограничувања, без условувања, без планирања. Едноставно, да го живее. Да се детоксицира од сите „отрови“ на секојдневието кои го обременуваат едноставното постоење и битисување.

Токму изминативе 40-тина дена (колку еден религиозен пост, иако не сум верник) се обидов и мислам дека успеав (делумно) да ја достигнам слободата. Во својата (нај)висока форма. Да не зависиш од ништо и од никого. Претходно, откако десетина дена судбината ме „закова“ за станот во кој живеам и целосно бев зависен од пријателите, синовите и познаниците (секојдневни намирници – храна, овошје, лекови), одлучив (барем на извесно време) да се „ослободам“ од што е можно повеќе потреби, обврски, желби, очекувања, проекти и од социјализација. Речиси СЕ сведов на минимум.

Верувајте, мачно е. Од ден на ден, се повеќе и повеќе, паѓаа маските на моето Јас. Веќе не бев сопственик на компанија која, последниве 14 години, го одбележа мојот професионален развој. Не бев новинарот кој 11 години ги „остави“ во аулите на новинарската професија. Не бев ниту таткото на два сина, кои самостојно растат и се развиваат. Не бев ниту партнерот. Ниту докторот на науки кој ја ставил својата диплома на полица. Не бев ниту авторот на мудри мисли и позитивни стории. Не бев мотиваторот на луѓето околу себе. Не бев ниту човекот за забави. Не бев ниту човекот што многу патува.

Многу работи не бев. Затоа што свесно одлучив да стиснам на кочницата на Животот.

На сите процеси. На сите надворешни влијанија и мотиватори. Да им дадам можност, во моќта на тишината, да проговорат внатрешните инстинкти, внатрешните желби, внатрешните потреби, внатрешните мотиви. Да се изрази внатрешното ЈАС. Да се „пре-по-роди“ Човекот кој речиси пет децении на себе го носи товарот на маските наречени татко, син, новинар, доктор на науки, пријател, партнер, забавувач, патувач, мотиватор, автор… Се обидов да дојдам до сржта на битието насловено како ЧОВЕК. Се „откажав“ од сите екстерни „окови“ и епитети.

Патем, додека експериментирав, сфатив и прифатив дека СЕ друго околу мене продолжи да функционира, да егзистира, да се развива, да расте и созрева, да се губи во својата немоќ во битката со реалноста и хиперреалноста, да дебатира за очекувањата од вештачката интелигенција, да прави пари, да создава вредност, да гради и урива. Да му дава колорит на животот. Но и да го обременува.

Во оваа слободна фаза сфатив дека во дворот има(м) дрва со овошки на кои пејат птици. Погледнав кон небото да ја „видам“ слободата на неограниченото. Застанав крај реката каде се тече и се менува. Забележав дека соседите пијат кафе, речиси, „на улица“. Го „слушнав“ сопственото дишење и го почувствував ритамот на срцето. Сфатив дека е благослов да пиеш кафе со/во тишината на природата. Ослободив капацитет да го набљудувам Животот како едноставен човек.

Оваа четириесет дневна мозочна егзалтација кон смирение и опстанок до ниво на човечко суштество (ми) дефинираше неколку нови становишта во Животот:

  1. Животот треба да се живее (на максимум)
  2. Сите, пред се, сме луѓе – ранливи, плашливи, полни со желба и надеж
  3. Забораваме дека здравјето е најважно
  4. Сите сме обременети од „надворешни“ стимули во желбата да се „брендираме“
  5. Сите сме во трка со „минливоста“ на времето
  6. Сите забораваме дека „пристигнавме од ништо“ и дека ќе „си одиме со ништо“
  7. Најважно од СЕ е да се биде ЧОВЕК

Размислувај за Вчера, Мисли на Утре, но живеј Денес.