Скопје стана центар за WordPress ентузијасти: Успешно завршен WordCamp 2025

Во саботата, на 18 октомври 2025 година, на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје, се одржа уште едно издание на WordCamp Skopje — конференција која ја обединува WordPress заедницата, маркетери, дизајнери, претприемачи и ентузијасти од целата држава, но и пошироко.

WordCamp е глобално препознатлив формат на конференција, организирана доброволно во многу градови ширум светот, посветена на WordPress платформата и слободното споделување знаење за развој на веб-сајтови, дигитална комуникација и интернет бизниси. Настанот ја има за цел да поттикне заедницата, да создава нови поврзувања, и да овозможи размена на искуства — од почетници до искусни професионалци.

Ова годишното издание во Скопје понуди динамична агенда со актуелни теми како што се автоматизација и персонализација, дигитална трансформација, психологијата на успехот, е-трговија, безбедност и иднината на WooCommerce. Преку девет интерактивни сесии на македонски и англиски јазик, учесниците имаа можност да ги слушаат искуствата и советите на домашни и интернационални говорници.

Покрај работниот дел, конференцијата беше надополнета со можности за вмрежување, заеднички ручек и неформално дружење на завршната забава. Со вложената енергија од организаторите, спонзорите и учесниците, WordCamp Skopje 2025 уште еднаш потврди дека заедницата е сржта на WordPress екосистемот, инспирирајќи ги сите присутни да споделуваат, учат и создаваат подобра дигитална иднина заедно.

Exit mobile version