Република Северна Македонија како аспиративна членка кон ЕУ, која ги почна преговорите со Унијата, е ставена пред сериозен предизвик да одговори на барањата од Зелената Агенда за Западен Балкан која опфаќа пет области: клима, енергија и мобилност; циркуларна економија; спречување на загадувањето; одржливо земјоделство и производство на храна и биодиверзитетот.
Од петте предизвици, прв фокус на Технолошко-металуршкиот факултет како високо-образовна институција е Вториот столб на Зелената агенда – кружната економија, што подразбира стремеж да бидеме штедливи и внимателни со ресурсите што ги земаме од природата. Циркуларната економија истовремено значи дека она што го земаме од природата како суровина останува во употреба што е можно подолго и дека потоа или се користи за други цели или се рециклира. Овој приоритет за нас претставува сериозен предизвик да понудиме спектар на зелени иновации кон бизнис секторот кои ќе произлезат од нашите истражувачки лаборатории по пат на зеленото инженерство.
„Првата конференција за зелено инженерство, одржливи материјали и технологии и циркуларна економија (GREEN CIRC 2024) претставува симбиоза на академскиот потенцијал на целиот факултет, со целата своја инженерска разновидност и развојниот елемент на компаниите партнери. Прв пат организираме конференција на партнерска основа со стопанството, каде претставниците на компаниите поддржувачи и научните дејци од земјата и странство активно ќе учествуваат и ќе ги споделат искуствата од имплементација на решенија со кои се вклопуваат во концептите на зелено инженерство, одржливи материјали и технологии и циркуларна економија, но и предизвиците за постигнување на зацртаните цели“, вели деканот на ТМФ, професор д-р Стефан Кувенџиев.
Технолошко-металуршки факултет – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е организатор на конференцијата, а компанијата Together4circular се појавува како организационен партнер.
Според него, начелата на оваа конференција, која треба да прерасне во традиција, целосно се интегрирани во постулатите на академскиот и стопанскиот развој, повеќекратно потврден од тековните проектни програми на меѓународните и домашните повици и фондови. „Овие начела, кои се дел од развојната парадигма на современите технолошки решенија и се базираат на имплементација на зеленото инженерство, одржливиот развој и принципите на циркуларната економија се насочени кон ефикасно искористување на ресурсите и максимална валоризација на економскиот потенцијал. Како такви, овие принципи не се само обврски предвидени во процесите на интеграција на земјата во европските и светските организации, туку се и недделив дел од долгорочната стратегија за развој“, додаде Кувенџиев.
Затоа, целта на Првата Конференција за зелено инженерство, одржливи материјали и технологии за циркуларна економија е промоција и зајакнување на соработката меѓу научните институции и бизнис секторот во насока на креирање „зелени” и одржливи решенија во доменот на Зеленото инженерство и циркуларната економија, подобрување на иновацискиот индекс на земјата со директно учество на студентите и академскиот кадар од Технолошко-Металуршкиот факултет и истовремено креирање „зелени” работни места од повисоките инженерски профили во насока и поддршка на одржлив економски раст.
Професор д-р Анита Грозданов рече дека ова е прва вистинска конференција која ја покажува соработката меѓу академијата и индустријата. „Решивме денот на конференцијата да биде врзан со Денот на Планетата Земја , а во овие два дена ќе има презентации на фирми и на претставници на академијата. Крајно време е бизнис секторот и нашиот факултет, кој ги покрива сите индустрии, да седнат и да се слушнат, што на полето на иновативните материјали може да се рециклира и да стане дел од циркуларната економија. Или она што им е потребно на компаниите, ние да го вклучиме како наука и најпосле реално да заживее циркуларната економија“, рече Грозданов.
На утрешниот Хакатон ќе бидат презентирани студентски иновативни идеи за ревалоризација на био и индустриските отпадни материјали.