Вчера, 24.11.2026 во Кинотеката на Македонија беше промовиран Дигиталниот архив на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје, нова дигитална платформа која претставува значаен чекор во процесот на дигитализација, зачувување и поголема достапност на македонското фолклорно и културно наследство.

Проектот, финансиран од Министерството за култура и туризам, е резултат на соработката меѓу научно-истражувачкиот кадар и архивистите на Институтот, под раководство на директорот проф. д-р Зоранчо Малинов, со техничка и развојна поддршка од компанијата 4Виртус.
На реализацијата на проектот работеа проф. д-р Јана Манева Чуповска, проф. д-р Александра Кузман, проф. д-р Емилија Апостолова Чаловска, доц. д-р Стојанче Костов, како и архивистите Блага Ангелкова и Цане Серафимовски.
Компанијата 4Виртус беше вклучена во развојот на техничките и идејните решенија за функционалноста и оперативноста на платформата, придонесувајќи за создавање современо дигитално решение во служба на културното наследство.
Со воспоставувањето на Дигиталниот архив се отвораат нови можности за систематизирање, зачувување и презентирање на вредните архивски материјали, како и за нивна поголема достапност за истражувачите и пошироката јавност.
Овој проект е пример за значењето на соработката меѓу научните институции и ИТ секторот во создавањето современи решенија за заштита и афирмација на националното културно наследство.