На 21 април 2024 година (недела), на Школка во Градски парк, во Скопје, од 11 до 14.30 часот, ќе се одржи настанот „Повторно заедно“. Здружението „Аутизам ААМК“ по петти пат го организира настанот, секогаш во април бидејќи април е месец посветен на зголемувањето на свесноста за лицата со аутизам, нивно прифаќање, почитување и инклузија.
„Повторно заедно“ и годинава ќе биде огромна игротека на отворено, со бројни активности: кошарка, ракомет, „Не лути се човече“, големи сложувалки, спортски вежби, забава, музичко и ликовно катче, како и базарче со изработки од лица со атипичен развој.
Сцената на Школка ќе биде богата и шаренолика со бројни настапи, како на типични, така и на атипични деца.
Настанот е од отворен тип, добредојден е секој кој сака да сподели и да добие љубов. А таму со широко раширени раце ќе ве пречекаат многуте волонтери (индивидуалци или организирани групи), стручни лица, млади (студенти и средношколци).
Преку „Повторно заедно“ односно преку играта, сакаме да покажеме и да веруваме дека инклузијата е повеќе од потребна и можна во нашето општество.
Сите деца, иако различни на многу начини, сепак се деца кои сакаат да се дружат, да играат, да пеат и да растат заедно.
„Повторно заедно“ сплоти многу луѓе и компании да се вклучат и да го поддржат настанот, за што сме им многу благодарни. Сите ние, заедно, работиме во интерес на децата, нивната радост и среќа.
На 21 април дојдете на Школка и со себе понесете насмевки и прегратки, за да множиме, делиме и шириме љубов.
Се гледаме
Гуш и бац!