Мотивацијата на вработените е нивото на посветеност, енергија и иновативност што се покажува при работењето. Без соодветна мотивација за вработените, компаниите доживуваат намалена продуктивност, лоша и неправилна комуникација, лоши поединечни и колективни резултати, флуктуација на работната сила и како последица на сето тоа, компанијата ретко кога ги постигнува зададените цели.
Замислете вработен чија работна мотивација е особено ниска. Тој веројатно работи со побавно темпо, избегнува задачи и генерално прокрастинира. Но, најмногу од сè, тој е нефокусиран и не вложува никаква енергија во својата работа. Ова не само што ги троши компаниските ресурси, туку може да има негативен ефект врз другите вработени, при што нагло ќе се намалува и нивната мотивираност во работењето и нивните перформанси.
Од друга страна, мотивираниот вработен е ентузијастичен, позитивен и се гордее со својата работа. Тој брзо ги извршува задачите, презема акција и сака да придонесува, како за себе, така и за компанијата. Знае да ги мотивира и останатите членови од тимот и често ја унапредува и својата работа давајќи препораки и сугестии како може да се подобрат или оптимизираат некои процеси. Ваквите вработени видно ја унапредуваат работата на секторот и на целата компанија.
Организациите кои на своите членови им обезбедуваат значајна, осмислена работа не само што придонесуваат за личниот и професионален раст, туку исто така создаваат чувство на исполнетост и лојалност што одекнува низ организациската култура и личниот живот на вработените.
Кои се придобивките од мотивацијата на вработените?
Генерално постојат голем број на придобивки кои имаат различно значење зависно од индустријата или секторот, но следните придобивки се заеднички и универзални по однос на влијанието кое го имаат, како за тимот, така и за компанијата.
Повисоки нивоа на продуктивност
Не е изненадување што имплементацијата на техники за мотивација на вработените ги охрабрува луѓето да работат продуктивно и резултира со подобри резултати и приходи. Сепак, малкумина знаат дека постојаната пофалба и постојаниот фидбек кон вработените позитивно влијае и на доживувањто на работното место на вработените, бидејќи промовира поголемо задоволство од работата.
Повеќе иновации
Мотивирањето на вработените со награди и други придобивки ја развива културата на иновации. Иновациите можат да бидат најразлични и да се однесуваат од иновирање на производот, услугата, процесот на работа и сл. Кога вработените се чувствуваат ценети и поддржани од нивната организација, тие сакаат да се предизвикаат себеси. Соодветно на тоа, важноста на мотивацијата на работното место никогаш не треба да се потценува, бидејќи таа го стимулира растот.
Намалени отсуства од работа
Работодавците кои ја признаваат важноста на мотивацијата во менаџментот, прифаќаат дека лидерите го извлекуваат најдоброто од нивните тимови кога тие даваат поддршка, а не кога критикуваат. Кога менаџерот се грижи за обемот на работа и благосостојбата на нивниот тим, нивоата на отсуство имаат тенденција да бидат пониски бидејќи вработените се чувствуваат помалку преоптоварени и под помал стрес.
Пониски нивоа на флуктуирање на персоналот
Придобивките и мотивацијата на вработените одат рака под рака и заедно придонесуваат за исклучително високи стапки на задржување на вработените. Кога вработените добиваат поволности, се гради атмосфера на сигурност и поддршка, позитивно се перцепираат различните задачи и полесно се менаџираат. Вработените како резултат на тоа се многу мотивирани и веројатноста да бараат друга работа е многу мала.
Голема репутација и полесно регрутирање
Организациите кои разбираат како да ја зголемат мотивацијата на вработените, често испорачуваат исклучителни искуства на вработените и имаат силен внатрешен бренд. Сепак, ова не се случува преку ноќ. Силен внатрешен бренд е резултат на стратегии водени од одлуки кои се потпираат на повратни информации од вработените. Бизнисите со етаблирани бренд амбасадори, или со други зборови, среќни и мотивирани вработени ги задржуваат постојните и привлекуваат врвни таленти.
Но, мотивацијата на вработените не секогаш доаѓа лесно – тоа е нешто што менаџерите односно лидерите на работното место треба да го негуваат и надгледуваат.
Во контекст на работата, разбирањето на мотивацијата може да се примени за да се подобри: продуктивноста и задоволството на вработените, да помогне да се постават индивидуални и организациски цели, да се стави под контрола стресот и да се структурираат работни места кои нудат оптимални нивоа на предизвик, контрола, разновидност и соработка.
Мотивацијата односно соодветниот третман на вработените е посебно важен кај услужните дејности. Ова уште повеќе станува релевантно кога вработените имаат директна комуникација со клиентите. Специфично за овие вработени е тоа што мора да остварат подлабока комуникација и да резонираат со доверба која доколку биде добиена ќе се одрази на понатамошната соработка. Најрелевантен пример се осигурителните компании и нивните вработени кои мора добро да бидат искусни, мотивирани, да бидат обучени за професионална комуникација и добро да ги познаваат производите кои ги нудат.
Голем мотиватор за кој поретко се зборува е и самата инклузивноста на вработените во процесите на донесување на одлуки. Сама вклученост во процесот значи и доживување на вработениот како креатор на политиките на компанијата. Или како што би рекол еден од најпознатите германски претрпиемачи, Карл Албрехт:
„Во голема компанија главните директори не може да креираат визија сами, мора да ја развиваат организацијата во констелација на тимови, ако сакаат на површина да излезе талентот на поединците“
Димитар Тренчев