дома Вести Лајонсите се лидери во заедницата и пријатели на луѓето во потреба

Лајонсите се лидери во заедницата и пријатели на луѓето во потреба

Сподели го ова:

Интервју: Бети Деловска, гувернер на Лајонси во Македонија

 

Лајонсите се лидери во заедницата и пријатели на луѓето во потреба

  1. Годинава, Вие сте гувернер на Лајонсите во Македонија. Како се развива лајонизмот со сите предизвици кои ги носи ова време?

 

Лајонизмот во Македонија е присутен повеќе од 25 години и во овој период, тој е во постојан развој. Секако предизвици секогаш има, но тие само влијаат врз темпото на развој, кое понекогаш е побрзо, а понекогаш побавно. Последните години на постојани глобални промени, како пандемија, војни, климатски промени и економска криза имаат влијание и врз лајонизмот. Пандемијата имаше влијание врз забавување на активностите и присутноста на клубовите во средините во кои делуваат. Но, од друга страна, токму овие случувања претставуваа дополнителен мотив лајонсите да изнајдат нови начини и форми на дружење и служење на заедницата и во ниту еден момент, тие не престанаа со своите активности. Новата стратегија за развој предвидува развој на сервисните активности, развој на членство и лидерство, поголема транспарентност и отвореност кон надвор, развој на партнерства и поинтензивна внатрешна и надворешна комуникација, со цел заедницата да се запознае со нашите активности и постигнатите резултати.

  1. Што значи да се биде лајон, член на Сојузот на Лајонс клубови во Северна Македонија?

 

Лајонсите се луѓе насочени кон служење и заинтересирани да ја подобрат заедницата. Тие се активни волонтери, членови на реномирана меѓународна организација, лидери во заедницата и пријатели на луѓето во потреба. Лајонсите се луѓе со високи стандарди и вредности кои ги пресликува во заедницата, лидери кои постојано создаваат следбеници со исти и слични вредности и цели, хуманитарци и лица кои се спремни да го вложат своето слободно време за да им помогнат на другите.

Сојузот на лајонс клубови е организација во која секој лајон претставува основна клетка, повеќе клетки се здружени во клуб, а повеќе клубови го сочинуваат сојузот. Токму тоа ја разликува оваа организација од другите – членот е најважната клетка околу која се формира организацијата и затоа организациската структура претставува превртена пирамида. Да се биде член на лајонс семејството претставува чест и гордост за секого, бидејќи организацијата овозможува дружење и служење преку забава, стекнување локални и меѓународни пријателства и можност за личен раст преку помагање на другите.

  1. Која е предноста на организираната хуманост кон заедниците и поединците на кои им е најпотребна? Може ли да се говори и за индивидуален лајонизам?

 

Живееме во време на големи социјални разлики, зголемен степен на сиромаштија, појава на нови болести за кои се потребни нови приоди и методи на лечење и се почести природни катастрофи предизвикани од глобалното затоплување, развојот на технологијата и еволуцијата на човештвото. Од друга страна, нашата држава издвојува се помалку средства за справување со овие современи предизвици и потребата за помош на сите ранливи категории граѓани секојдневно се зголемува.

Постојат многу хумани луѓе кои помагаат на други луѓе преку индивидуални донации во пари или материјали. Во последно време се побројни се индивидуалци, граѓански и бизнис организации кои се посветени на помагање на лица, најчесто преку донации. Нивната помош најмногу е сведена на еднократна помош во пари, храна и други потребни материјали. Понекогаш ние лајонсите се сретнуваме со прашањето: „Зошто да се приклучам кон лајонс заедницата, кога јас и како поединец помагам“? Секако дека индивидуалната помош е потребна и корисна. Но, лајонсите делуваат на поинаков начин. Постои голема разлика помеѓу помош од еден човек и помош од здружени лица. Кога повеќе лица здружено делуваат, помошта која ја обезбедуваат е поголема, без разлика дали се работи за финансиска или друг вид на помош. Покрај донациите кои сами ги обезбедуваат, клубовите и дистриктот креираат партнерства со други домашни и странски донатори преку кои се поддржуваат разни проекти и активности. Како припадници на меѓународната лајонс фондација имаме можност да користиме грантови за финансирање на нашите активности. Исто така, во соработка со дистрикти и клубови од други земји се спроведуваат заеднички проекти кои обезбедуваат трансфер на искуства и методологии на справување со рани проблеми во општеството. Најважната работа е тоа што лајонсите се волонтери кои преку личен ангажман директно се инволвирани во спроведување на активностите. Тие секогаш се на терен и работат заедно со тие на кои им се дава помошта. ТОА Е РАЗЛИКАТА! А за повеќе сервис се потребни повеќе раце. Затоа не може да стане збор за индивидуален лајонизам.

  1. Лајонсите од земјава се дел од меѓународното семејство на лајонси. Каква поддршка даваме, односно добиваме со ова членство?

 

Лајонсите се глобалното семејство кое брои 1,4 милиони членови во повеќе од 200 земји и ако така гледаме на работите, добро знаеме колку е силно семејството наспроти поединецот во обезбедување поддршка, давање помош и работа на терен. Знаеме дека секој член значи 2 раце повеќе во обезбедување на помошта. Како членови на една организација плаќаме членарина кон меѓународната организација и со тоа обезбедуваме неисцрпен фонд на материјали, искуство, поддршка и грантови со кои може да финансираме голем број проекти и акции. Со тоа добиваме право да да користиме средства од меѓународната Фондација. И сето тоа затоа што сме големо семејство и ги користиме ресурсите на сите.

 

  1. Постои ли интерес кај младите личности да биде дел од ваква хуманитарна организација. Како ги привлекувате и како ги задржувате во семејството на лајонсите?

 

Подмладокот во лајонизмот се нарекува леовци и тоа се млади на возраст од 12 до 30 години. Најчесто леовци стануваат децата на нашите членови, кои од најмали нозе се учат на хуманост, волонтеризам и посветеност. Тие ги вклучуваат нивните другарчиња и под менторство на лајонсите, заеднички и/или самостојно спроведуваат акции во училиштата и во заедницата. Тоа што ги привлекува децата да ссе вклучат во лајонизмот е дружбата и енергијата, преку континуирана инспирација, мотивација и личен пример на нивните ментори учат како да бидат хумани.Една од најпознатите акции на леовците е КУПИ ПРОИЗВОД ПЛУС, собирање облека и училиштен материјал, организирање спортски активности, хуманитарни концерти и слично, на кои се собираат пари за потребите на одредени маргинални лица или соученици на кои им е потребна помош. Една од поголемите придобивки е посета на младински кампови во други земји, каде леовци од цел свет се дружат, учат и ги запознаваат културите и навиките на децата од други земји. Така се создаваат трајни пријателства. Како ќе ги насочите децата, какви вредности ќе им вградите, така ќе се развијат. Праксата покажува дека лајонизмот е зараза‚ која преминува во животен стил и леовците понатаму стануваат лајони и во организацијата и во животот. Покрај овие млади луѓе, постои интерес и кај другите млади лица кои следејќи го примерот на повозрасните членови изразуваат желба да се приклучат на организацијата сами, но и со своите партнери, пријатели или бизнис партнери. Најголема мотивација е припадноста кон семејство на волонтери и хумани луѓе кои се вмрежуваат со исти од други земји и истовремено служат на заедницата која сакаат да ја направат подобро место за живеење за сите.

 

  1. Јавноста Ве препознава како организација која нуди и бесплатни скрининг прегледи на очи кај децата. Освен овој проект, на што друго работите?

 

Скрининг на вид кај деца до 5 години е една од нашите имиџ активности која се спроведува во градинките. Благодарение на оваа активност, во Законот за основно образование воведен е задолжителен преглед на очи на децата кои се запишуваат во прво одделение. Лајонсите како витези на слепите лица работат со Сојузот и организациите на слепи и слабовидни лица во земјата и со училиштето Димитар Влахов, обезбедувајќи аудио и литература на брајово писмо, опрема и поддршка за спортската сала, фудбалскиот тим, оркестар, обуки за развој на професионални вештини и друго.  Покрај акции во областа ВИД, лајонсите спроведуваат акции во повеќе области како ДЕТСКИ КАНЦЕР, ДИЈАБЕТ, ЖИВОТНА СРЕДИНА и ГЛАД, но и МЛАДИ, помош при природни катастрофи и друго. Ги поддржуваме сите области на делување кои ги опфаќаат глобалните цели за одржлив развој на Обединетите нации.

Во секоја од областите, сервисните активности најчесто се обезбедување на средства за работа и за задоволување на потребите на корисниците, заедничка работа со нив, обуки за зголемување на свесноста, организирање претстави, екскурзии и присуство на настани на деца со посебни потреби и многу други активности кои имаат поголема вредност од донирање средства. Може да замислите каква е радоста на децата кои се лечат од рак кога во болница им организирате претстава, им исполните желба или заедно со децата со пречки во развојот ја посетите  зоолошката градина, ги одведете на кино претстава, спортски натпревар. Или во дом за стари лица организирате претстава, роденден, базар, поетско читање и многу други работи. Знаете, со пари не можете да купите насмевка, внимание, љубов, време, а токму тоа лајонсите го подаруваат на лицата кои се маргинализирани во општеството и на кои многу повеќе им значи социјализацијата и чувството на вредност и внимание.

Нашата основна цел е делување преку партнерства. Акциите кои ги спроведуваат нашите членови се поддршка и соработка со дневни центри за деца на улица, центри за лица со посебни потреби, мали детски домови, центри за бездомници, шелтери за лица од семејно насилство, домови за стари лица, болници, семејства со еден родител и со сите социјално ранливи групи. Поддршката се состои во обезбедување на потребна опрема, материјали за работа, организирање на настани и дружење со овие лица.