дома Занимливости Интервју со Гоце Јованоски (Фолтин)

Интервју со Гоце Јованоски (Фолтин)

Сподели го ова:

Честопати се запрашуваме како изгледа светот низ очите на уметниците, на оние кои знаат преку своите дела да ги мултиплицираат размислувањата, чувствата и да ги пренесат на својата публика. Да направиме мал обид да се пренесе таа слика на сите оние кои ја слушнале музиката на Фолтин и уште повеќе на оние кои би требало да ја слушнат.

Сечиј животен пат е специфичен, уникатен и интересен. Што беше пресудно за да започнеш да се занимаваш со музика?

Јованоски: Веројатно склоност, од кога знам за себе сум се ,,мотал” со оваа тематика некогаш повеќе, некогаш помалку и во еден општо-познат момент т.н. ,,Животен крстопат” одлучив целосно да се посветам на создавање музика, и еве веќе 20 години го работам тоа.

Премногу содржини, звуци и бои во етерот. Се помалку квалитет и реални носители на музичка свежина. Како го препознаваш квалитетот и кој го дефинира истиот? Публиката, контекстот или нешто друго е пресудно за одредена музика да се нарече квалитетна?

Јованоски: Прво, квалитетна музика е нешто што не би го дискутирал. Тоа е микро свет или секој со својата квалитетна музика. За мене поинтересно е да се слуша музиката вон контекст на времето кога е создадена, секогаш има нешто ново да се пронајде во старите добри Битлси.

Не ме плаши хипер-контент. Во денешницата тоа е само резултат на она по што го препознаваме и славиме новиот милениум, компјутер за секое дете и глобална мрежа. За разлика од предходниот век, на музичрите денес им е многу лесно да ја создаваат и да ја пласираат својата музика, а слушачите имаат пристап и избор како никогаш до сега.

Премногу шум во медиумите и информативниот простор. Кои се медиумите според тебе кои се носители на квалитетни информации поврзани со музичката сцена во Македонија?

Јованоски: Не би ја локализирал темата медиуми но можам да кажам дека кај нас иако во мал број постојат поединци, новинари, уредници и љубители на музиката кои ќе напишат и ќе кажат за некое добро парче музика.

Традиционалните медиуми во голема мера ја креираат публиката, и тие се последното сито пред да излезе една содржина во јавност. Преку нив ја гледаме глобалната слика за тоа како звучи денешната поп музика.

Од друга страна социјалните мрежи претставувани од публиката и неколку светски газди го создадоа најмоќниот медиум досега во историјата на човештвото кој сам по себе си креира трендови. И во двата случаи прашање е дали актуелното е избрано заради тоа што е добро или заради други немузички квалитети.

Различни се причините за успех на музичката сцена. Не секогаш временскиот и енергетски инпут во албумите значи нивни успех и прифаќање. Што според тебе е пресудно за да успее еден албум?

Јованоски: Се сложувам, трудот не е алфа и омега, што мисли публиката на која и се обраќаш е најголемото мерило колку една музика е добра. Потоа се разбира искрената нова публика која што не ни си мислел дека ќе ја допреш, одеднаш станува не само признание, туку и поттик за нова музика. И на крајот, колку долго ќе се слуша и зборува е прав показател за успешен албум.

Почнувајќи од обичните и секојдневни луѓе па се до најуспешните и јавните лица едно е заедничко. Сите сакаат да остават некоја трага, некој печат зад себе. По што би сакал да те паметат?

Јованоски: Не треба да ме паметат, чиста среќа што ова што го работам вклучува и записи кои се сместени на носачи што во себе имаат меморија, така да нема бегање, се е запишано и запамтено.

Сите се гордеат на својата домашна збирка на музички албуми, бидејќи сето тоа ги потсетува на убави чувства и обликување на нивниот поглед на светот. Која музика најрадо би ја издвоил?

Јованоски: Последниве 7-8 години во мојот дом слушаме музика на грамофонски плочи. На моите патувања ја користам секоја прилика да купам по некој винил, три наслови кои би ги издвоил денес се следниве:

За љубителите на thai-funk и Khruangbin, 35 години предходно во Скопска Шутка гитаристот Шезај Бајазитов Драган (Линк)

Бристолското пост-панк освежување The IDLES (Линк)

Мојот пријател од Љубљана KALU со ЛП-то Get Well Soon (Линк)

Која е пораката која сакаш да стигне најдалеку?

Јованоски: Nothing is impossible; the word itself says “I’m possible.” –Audrey Hepburn

Интервјуто го подготви: Дражен Котески
Фотографии: Саша Хузјак