Ива Пројковска, најдобриот фудбалски судија во женска конкуренција во Македонија, која се наоѓа во групата на 20 елитни судии во Европа. Ива Пројковска може да се пофали со своите успеси, како ретко кој фудбалски судија во Македонија, бидејќи им има судено на европските фудбалски гиганти Барселона, Реал Мадрид, Баерн Минхен, Арсенал, Челси, Бенфика, Порто и други. На тој долг список на отсудени натпревари се наоѓаат и сениорските репрезентации на Италија, Германија, Шпанија, Англија, Португалија, Белгија, Норвешка…
Со цел да ја запознаеме подобро, направивме кратко интервју со цел да ја слушнеме нејзинат приказна.
- Како се чувствувавте кога станавте првиот женски судија во фудбал во Македонија?
Па од една страна чувството беше неописливо. Среќна, исполнета, а од друга страна знаев дека и одговорноста е доста голема кога ќе треба да се претставувам не самo себе туку и женскиот род и не само во Македонија, туку и надвор од границите, и не само себе туку и ФФМ и Македонија.
- Кои предизвици ги имаше во процесот на станување судија?
Како и секој друг почеток, така и судењето си има свој предизвици, уште повеќе кога не е својствено женско да се појави на терените. Во почетоците бидејќи се почнува во пониските лиги бев често навредувана, исмејувана, пцуена… Меѓутоа со текот на времето тие “предизвици” беа надминувани и почнаа вистинските предизвици со судење на подобри (дерби) натпревари, стекнување на повисоки категории, полагање на најразлични тестови и сл.
- Кој ти е најголемиот успех како судија до овој момент?
Што се однесува во Македонија – натпревари од Прва Македонска Фудбалска Лига, а во Европа во женските натпреварувања – учество на сениорското Европско првенство во жени и дел полуфинале лига на шампиони за жени, а во машките натпреварувања – главен судија на лига на шампиони за младинци и 4 судија на натпревари од европската конференциска лига и квалификациите за еуро 2024.
- Во кои аспекти мислите дека вашето присуство и учество во фудбалската сцена може да има влијание и подобрување?
Се надевам дека сум и ќе бидам пример за новите млади генерации, поготово девојки/девојчиња да ги охрабрам да се вклучат и тие во фудбалското судење и претставувам мотив за нивно професионално ангажирање и достигнување на уште поголеми успеси од мене. А за младите судии се надевам дека сум добар пример и дека од нашата мала држава со работа, ангажираност, труд, посветеност, желба и цел, може да се биде дел од сите големи фудбалски натпреварувања.
- Како се однесуваат фудбалерите, тренерите и навивачите кон вас како жена судија?
На почетокот не беше лесно да се биде женски судија на терените низ Македонија, меѓутоа со тек на време работите се менуваа и можам да кажам дека денес фудбалерите и тренерите имаат голема почит кон мене како женски судија, а што се однесува до навивачите тука не можам да генерализирам бидејќи има секакви луѓе и не би го коментирала нивниот однос.
- Дали чувствувате дека имате поддршка од страна на вашите колеги судии и фудбалската заедница во целост?
Се разбира, да не беше нивната поддршка немаше да успеам да дојдам до тука каде што сум сега. Голема поддршка имам од постарите и поискусните судии од кои многу научив и се уште учам. Се разбира поддршка имам и од помладите колеги кои сега можат и од мене да учат J . Ја имам поддршката од судиската организација на чело со претседателот, комесарот, тренерот на фудбaлските судии и ФФМ генерално. Ја ценам и голема поддршка од луѓето што го препознаваат мојот труд и успех и го вреднуваа/ат на одреден начин, а не се дел од фудбалската заедница, а се поврзани со спортот во Македонија.
- Како се подготвувате за своите судиски обврски и какви се вашите рутини пред натпреварите?
Тренерот Сашо Даневски ни испраќа тренинг програма секоја недела по која тренираме секојдневно, и во зависност од тренинзите имам по 1 или 2 тренинга на ден од кој едниот тренинг е за сила. Исто така имаме и еден софтвер П4П (perception for perfection) каде што гледаме клипови од натпревари и решаваме видео тестови и на тој начин вежбаме. Некои посебни ритуали немам, внимавам на оброците, задолжително match preparation тренинг на ден пред натпревар, состанок со колегите и сл.
- Како ги управувате критиките и предизвиците кои може да настанат поради вашата улога како фудблски судија?
Па во зависност од тоа за какви критики станува збор и кој ги упатува, различно е управувањето. Со оглед на тоа што секогаш судијата е крив, па дури и кога не е, подготвени сме на се и сешто во нашата кариера. Во принцип сум мирна личност која на свој начин ги решава сите предизвици, а сите критики било позитивни или негативни се мотив за поголем успех и уште по големи достигнувања.
Интервјуто го подготви: Дражен Котески
Фотографии: Ива Пројковска