Здружението на граѓани ФЛОРОЗОН – Центар за еколошка демократија Скопје успешно го имплементира проектот „ЗЕЛЕНА ПРЕТСТАВКА ЗА ЕКОЛОШКА ПРАВДА”, чија главна цел е да ги оспособи граѓанските организации за креирање и имплементирање на законски акти и политики, како и да ја зајакнат улогата за застапување и надзор.
Имплементацијата на овој проект придонесе кон создавање поефикасен и „зелен“ правен систем, овозможи подобрување на владеењето на правото во Македонија и дополнително изврши зајакнување на демократизацијата на институционалните реформски процеси. Покрај ова, проектот ја зајакнува надзорната функција на локалните организации од сите осум плански региони на Северна Македонија, со што им се обезбедува поволна средина за следење и спроведување на политиките за животна средина.
Активностите исто така беа насочени кон унапредување на постоечките капацитети на различни оптештествени чинители во доменот на ефективната практика на еколошкото право со посебен осврт на улогата на Народниот правобранител. Имено, во периодот од 3-ти и 4-ти Октомври во Велес, беше реализирана дво-дневна работилница насловена како “Effective Practice of Environmental Justice” (Ефективна практика на еколошка правда), предводена од меѓународниот експерт на ЕУ за еколошко право, д-р Чаба Киш, од Унгарија. Настанот овозможи компаративен увид на надлежностите на Европскиот правобранител, правобранителелите во земјите од ЕУ и макеоднскиот Омбудсман, а активно учество на работилницата земаа педесет (50) претставници на граѓанските организации, вработените во канцеларијата на Народниот Правобранител, претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за правда, Државниот инспекторат за животна средина, претставници на јавното обвинителство, основните судови од Штип, Гостивар, Тетово, Куманово, Струга и Скопје, како и претставници на Академијата за судии и јавни обвинители.
Во рамките на проектот исто така беа публикувани и следниве производи:
– Документ со препораки за „ЕФЕКТИВНА ПРАКТИКА НА ЕКОЛОШКА ПРАВДА“
– Водич „УЛОГАТА НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ВО ЗАШТИТАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА“
– Промотивно видео за улогата на Народниот Правобранител во заштитата на животната средина
– Промотивен леток за подигнување на свеста за остварување на еколошката правда
Документот со препораки е базиран на заклучоците кои беа усвоени за време на дво-дневната работилница и дава критички осврт на моменталната состојба со еколошкото право во Република Северна Македонија и дава насоки за општо унапредување на оваа специфична област.
Водичот за улогата на Народниот правобранител во заштитата на животната средина, овомозможува детален преглед на надлежностите на Народниот правобранител (посебен акцент на животната средина) и дава насоки за начинот и условите за ефективно поднесување на претставки. Покрај ова, документот дава пример-студија на случај, а како анекс има и формулар за претставка.
Проектот финишира со реализација на промотивни настани во седумте градови во кои Народниот правобранител има локални канцеларии , односно во: Штип, Битола, Тетово, Струмица, Кичево, Куманово и Скопје (централна канцеларија).
Оваа активност е дел од проектот ‘’Зелена претставка за еколошка правда“, поддржан од Механизмот за граѓанска отпорност на ЕУ (МГО), програма за директна поддршка на граѓанските организации започната во рамките на проектот финансиран од ЕУ: Tехничка поддршка за подобрување на овозможувачката средина за граѓанските организации во Република Северна Македонија.