дома Интервјуа Елена Клисаровска за настанувањето на Акаунтинг Солушнс и мали препораки до менаџерите

Елена Клисаровска за настанувањето на Акаунтинг Солушнс и мали препораки до менаџерите

Елена Клисаровска
Сподели го ова:

Пред било што да советувам ќе ја споделам мојата приказна. Истата започна во ноември, 2017 година после долгогодишно искуство во делот на сметководство и финансии и работа со голем број клиенти од различни дејности. Почнаа да доаѓаат идеи како може подобро. Како може да имаш задоволни клиенти и задоволни вработени (или обратно, слично како прашањето за што настанало прво – јајцето или кокошката). Но, колку и да е добра идејата, како и секоја промена, тешко се прифаќа во веќе функционална и формирана група, група која има свој водач, свои навики и веќе прифатен начин на однесување.

Затоа, решив да тргнам самостојно. И така настана АКАУНТИНГ СОЛУШНС. За името, во друга прилика.

Веќе четврта година како работиме. Дали сме успешни не знам. Но, знам дека секој еден клиент кој дошол е третиран со почит и секој вработен е ценет бидејќи вработените се фирмата.

Акаунтинг Солушнс
Акаунтинг Солушнс

Е сега да преминам на главното, она за што и го пишувам текстов.

Менаџери, сопственици, бизнисот е ваша одговорност. Ве разбирам дека сметководството не ви е работа. И не треба да ви биде. Ве разбирам дека сите тие “хартии” се товар за вас кога имате толку многу важни работи за да го одржите и растете бизнисот. Најлесно е да ги предадете тие хартии на сметководителот и тој треба да знае како и што да прави со нив за вие да немате проблем ни со инспекција, ни со задоцнето плаќање или неплаќање давачки и тн.

Но, дали знаете во секој момент каква ви е состојбата со книгите? Дали знаете каков финансиски резултат да очекувате на крајот на годината? Дали знаете колкава ќе ви биде обврската за данок? Не сите приливи се приход и не сите одливи се трошок. Работите не се така едноставни. Затоа, пред да речете не знам, тоа е работа на сметководителот, сетете се дека бизнисот е ваша одговорност, а во сметководството е сокриен голем дел од таа одговорност. Што можете да направите?

Седнете со сметководителот и разговарајте околу планот и очекувањата за резултатот кој го имате во годината. Изнесете ги планираните трансакции. Прашајте како тие ќе се одразат на финансискиот резултат. И за крај побарајте од сметководителот да ви изработува периодични (месечни/квартални/полугодишни зависно од обемот и потребите) извештаи. Побарајте кратка обука како да ги читате тие извештаи. Закажете состанок за сите поважни прашања во врска со извештаите. Не можете (и не треба) да работите сметководство, но ова е тоа што треба и мора да го правите за да го контролирате бизнисот и да се носите со одговорноста која ја имате. Управувајте со финансиите и бизнисот.

 

Искрено Ваша,

Елена Клисаровска

Основач, управител и овластен сметководител на АКАУНТИНГ СОЛУШНС ДООЕЛ Скопје

Exit mobile version
Skip to content