Денес започнува со работа “Mакедонска држава”,најголемата дигитална
библиотека за македонското историско наследство. Платформата стартува со
повеќе од 300 поставени примероци на електронски книги, историски документи и
истражувања кои опфаќаат повеќе од 150 години македонска историја, култура и
поезија.
Зад платформата стои група млади ентузијасти и љубители на македонското
културно наследство, кои во изминатиот период вложија многу труд за да ги
соберат, дигитализираат и систематизираат достапните материјали од различни
библиотеки, архиви, приватни збирки и јавни извори. Нивната визија е едноставна,
македонската историја и култура да бидат зачувани и споделени со сите преку
оваа дигитална архива.
„Македонска држава“ е замислена како постојано растечка дигитална архива чија
цел е да ги поврзе истражувачите, учениците, професорите, новинарите и сите
што ја негуваат љубовта кон македонската историја и култура во заедница што
активно го чува и пренесува националното наследство. Со редовно додавање на
нови содржини, платформата ќе се развива во сè побогата ризница на знаење и
колективна меморија
Иако во моментов е достапна на англиски јазик, уште овој месец ќе ја добие и
македонската верзија, а потоа и преводи на други јазици. Така, библиотеката ќе
биде подеднакво корисна за граѓаните дома, за македонската дијаспора, но и за
меѓународната јавност која сака да се запознае со македонската културна и
историска традиција.
Посетете ја www.makedonskadrzava.com, истражете ја колекцијата и станете дел
од движењето што ја чува македонската приказна за идните генерации.
