Носителите на Цветиновата награда за мир, како членови на Цветиновиот комитет за мир, на иницијатива на македонскиот уметник и хуманист Живко Поповски – Цветин, кандидат за Нобеловата награда за мир, подготвија Декларација за мир во светот и против војните и употреба на нуклеарното оружје по повод одбележување на 79-годишнината од употребата на нуклеарно оружје во Хирошима (06.08.1945) и Нагасаки (09.08.1945).
Декларацијата за мир во светот и против војните и употреба на нуклеарното оружје, освен што е потпишана од сите членови на Цветиновиот комитет за мир, во периодот 06.08. 2024 (вторник) до 09.08.2024 (петок) ќе биде поставена пред Спомен куќата на Мајка Тереза во Скопје, носителка на Нобеловата награда за мир, каде ќе може да се потпишат сите граѓани кои посакуваат мир и просперитет во светот.
Оваа Декларација, членовите на Цветиновиот комитет за мир, ја адресираат до сите држави кои поседуваат нуклеарно оружје, до носители на Нобелова награда за мир, до носители на Нобелова награда за литература, до Нобеловиот комитет за доделување на Нобеловата награда во Норвешка и Шведска, до сите физичари, хемичари, економисти и други научници во програми за нуклеарно вооружување, до Влади и до сите мирољупци и мировни работници со барање сите да се ангажираат во насока на уништување на нуклеарните програми за воени цели и пренамена на средствата кон мировни проекти, идеи и иницијативи.
„Како хуманист и кандидат за Нобеловата награда за мир, заедно со моите пријатели и поддржувачи, ја поднесуваме оваа Декларација за мир во светот и против војните и употреба на нуклеарното оружје со барање државите да не употребуваат нуклеарно оружје на ниту една точка на земјината топка, да ги уништат сите боеви глави кои разоруваат и уништуваат, да не го повторат теророт, страдањата и траумите од употребата на нуклеарното оружје, да не финансираат развој на нуклеарна програма во воени цели и сите научници да не прифаќаат и да не учествуваат во програми со разорна нуклеарна моќ“, вели македонскиот уметник и хуманист Живко Поповски – Цветин.
Речиси околу 100-тина носители на Цветиновата награда за мир, со Декларацијата, се залагаат сите влади, државници, министри и носители на јавни функции да ја поддржат оваа Декларација и да остават аманет за идните генерации, преку сопствен личен пример, да се забрани производство, трговија и употреба на нуклеарно оружје за воени цели, да се уништат и да не се развиваат нови нуклеарни програми за воени цели. Исто така, тие ги повикуваат сите носители на Нобеловата награда за мир и за литература, физика, хемија, економија и другите научници во програми за нуклеарно вооружување, сите влади на држави кои имаат нуклеарно оружје и сите мирољупци и мировни работници да се обединат во мирот и просперитетот затоа што нуклеарната програма разединува и уништува.
Живко Поповски – Цветин ја бие битката за мир и просперитет во светот повеќе од четири децении преку неговата препознатлива мисија „Цвеќе на мирот“, подарувајќи повеќе од 70.000 уметнички слики – цвеќе на државници, поети, музичари, хуманитарни, здравствени и просветни работници, екологисти и друго. Досега организирал над 300 изложби во Македонија, Шведска, Полска, Германија, Италија, Канада, САД, Србија, Хрватска и други земји.