дома Вести Цветин продолжува со разубавување на животот на штитениците во дневниот центар со...

Цветин продолжува со разубавување на животот на штитениците во дневниот центар со церебрална парализа

Сподели го ова:

Македонскиот уметник и хуманист Живко Поповски –Цветин подари уметнички слики на Дневниот центар за лица со церебрална парализа во населбата Капиштец. Со ова, во просториите на овој центар, сместен во општинското основно училиште „Киро Глигоров“ е отворено „Цветиново катче на мирот и хуманоста“.

„Со ваков тип активности, настојувам да ја проследиме пораката за мир и за хуманост во земјава и во светот. Сите нам ни е потребен мирот, но на овие деца со посебни потреби им се потребни и внимание и нега. Хуманоста и мирот мора да ги победат силите на лошото. Затоа, јас со моите пријатели – уметници, поети, творци, хуманитарци, глумци – постојано создаваме и креираме пораки да надвладее мирот и да се зачува планетата Земја“, вели Живко Поповски – Цветин.

Професор д-р Милорад Јовановски од Градежниот факултет и добитник на Цветиновата награда за мир, исто така, го поддржа Цветин при реализација и на оваа активност, истакнувајќи дека хуманоста е двигател на човекот и дека оваа категорија млади лица има потреба од поддршка од секој човек.

„За миг им го разубавивме денот, за миг им покажавме дека не се заборавени и дека некој се грижи за нивната благосостојба. Навистина, респект за сите што придонесуваат кон тоа на овие деца да им се подобри животот, вклучувајќи го и Цветин кој, на секој начин и со сите сили, настојува да го разубави и „расцвета“ просторот каде што престојуваат“, вели Јовановски.

Весна Дамческа Илиевска, доктор на науки за мир и развој и раководител на одделението за социјална, детска и здравствена заштита при Секторот за јавни дејности, која го поддржува Цветин во својата мисија, рече дека на емотивниот настан запознала млади луѓе со волја за живот и успех, полни со благодарност за подадената рака.

„А колкава е нивната мака и на семејствата, тие си знаат. Секој што може да посети ваков центар, да даде поддршка на свој начин. Државата да вложува во отворање на нови и современи центри. Да се едуцира кадар, да бидат мотивирани за работа. А за Поповски – Цветин, неуморниот борец за хуманизирање на човештвото, еден длабок наклон со почит. Подари 10 врамени слики, лично ги местеше, со љубов каква што ретко кој толку може да има и да дарува“, вели Дамческа Илиевска.

Деновиве, вели Поповски Цветин, ќе биде отворено Цветиново катче на мирот и хуманоста и во дневниот центар за лица со попреченост „Порака“ во Капиштец. Токму таму, минатата недела тој организираше и хуманитарен настан со подарување слики, акрил на хамер. Тогаш, писателот Александар Прокопиев ја истакна важноста на хуманоста и на човечноста, читајќи хаику-поезија и повикувајќи ги сите да се приклучат во движењето на Цветин. Овој македонски уметник е кандидат за Нобеловата награда за мир.

На овој настан поезијата читаа и Горан Анчевски, Ванѓа Радевска, Драгица Пандиловска, Лилјана Стоилкова, Лидија Лучко Јеремиќ, Мендо Димовски, Билјана Челик и Миле Јовановски – Поречанец. На настанот беа изложени грнчарски елементи од најмалиот етно музеј во светот и беа пуштени три балони за мир и хуманост во светот.

Skip to content