Реклами

Чест кон себе си и почит кон другите

Реклами

Во еден длабоко умствен разговор за тоа како да ја средиме состојбата во нашата држава, еден мој пријател ми го рече следново: „потребно е луѓето во Македонија да научат да практикуваат чест и почит. Честа и почитта се магичните зборови кои ќе ги средат работите во нашето општество“.

Се уште размислувам и анализирам. Што и како? Од каде и до каде? Дали треба да имаме почит кон себе си, чест кон другите? Или обратно? И секако тука навираат ред мисли, ред внатрешни гласови, ред (не)разумни образложенија, ред туѓи писанија. Но, на крајот, се обидувам да одговорам на едно едноставно, но многу сложено прашање: која е моќта и магичноста на честа и на почитта да совладаат општествен хаос и да направат ред од нередот? Каква ли е таа есенција на мудроста и емотивна егзалтација на народот да преброди Сцили и Харидби за да ги осознае, да ги научи и да ги практикува овие два столба на редот – чест и почит.

Една мудрост вели „не му го прави на другиот она што не сакаш да ти го прават тебе“. Јас би ја парафразирал малку поинаку „прави им на другите тоа што сакаш да ти го прават тебе“. Доколку се почитуваш себе си како човечко суштество со одредени права и вселенски даренија, тогаш зошто не би ги почитувал другите човечки суштества еднакви на тебе? Доколку себе си посакуваш мирен и сталожен живот, исполнет со материјално изобилство и духовна исполнетост, во што е проблемот токму тоа да не го посакуваш и на Другите. Каде се „искривува“ човечката перцепција за Другите?

Нашиот дигитален речник на македонски јазик едноставно наведува дека Почитта претставува „чувство на уважување кон некого“. Значи не се бара ништо повеќе, туку ангажман на една емотивна реакција – нешто што е внатрешно, во човекот, во суштината – да уважиш некого. Да му дадеш значење, вредност, важност. Постојано да си свесен и присутен во сегашноста и да уважуваш дека и Другиот (Другите) с(е) човечко суштество кое го посакува токму истиот третман како што го посакуваш за себе.

Доколку го истражиме зборот Чест во истиот дигитален речник се нотира следново „целокупност од морални особини, сврзани со достоинството на човека, со неговото добро име во општеството“. Меѓу другото, во дополнителното образложение, Честа се поврзува со Почитта, појавата на особено внимание и признание, славење и девственост. Малку посложена структура која имплицира морален интегритет, достоинственост, славење на другиот и искрени, невини умствени ангажмани.

Во овој дуплекс се вмешува и Моралот како тријада на вистинско решение за ситуацијата во која се наоѓаме како колективитет. Додека честа се дефинира како надворешна вредност, односно нешто што го оценуваат другите, Нам ни останува да ја вклучиме и активираме внатрешната вредност – моралот како кодекс на вредности кој е врежан во нашето битие. Моралот одредува какви личности всушност сме, а честа ја покажува нашата надворешна експресија. Но, моралот заслужува и друго писание.

Драги мои, доколку сите малку повеќе го ангажираме нашиот морален компас и наместо само за себе размислуваме и дејствуваме малку повеќе и за Другите ќе ги разбудиме и активираме честа и почитта кон поимот Човек. Во овие околности, нема да дејствуваме само за својот џеб, нема да говориме само за своите успеси, нема да ги уважуваме само нашите дејанија, нема да ги глорифицираме нашите минимални напори, нема да ги минимизираме туѓите победи. Едноставно, ќе внимаваме и ќе ги признаваме Другите, ќе ги славиме и нивните успеси или ќе тагуваме заради нивните неуспеси. Ќе се трудиме да го олесниме и поедноставиме животот на Човекот – без разлика на (не)поврзаноста и (не)познавањето. Доколку се грижиме да не ја уништуваме средината во која живееме, доколку го фрламе ѓубрето токму таму каде што му е местото, доколку одиме по тротоарот и паркираме само на паркинг места, доколку возиме како што е пропишано, доколку наутро велиме добро утро на случајниот минувач и споделуваме насмевка, доколку во умот имаме само позитивни мисли и духовни вибрации и …. уште многу „доколку“ – верувајте: СЕ ќе биде поинаку.

И потоа, како „зараза“ нашата позитивност ќе ги „инфицира“ сите оние што се во нашето опкружување се до фазата кога ќе создадеме колективно чувство на Чест и Почит. Тогаш, кога Општеството ќе биде препознаено како морално интегрирана содржина, во која владеат овие две категории (Чест и Почит), Животот ќе биде поквалитетен, подобар, поедноставен, поблажествен. А дотогаш, имаме уште многу да твориме и да создаваме, да умствуваме и да размислуваме. Да вложуваме напори овие два волшебни збора да го обединат нашето македонско општество на кое потоа ќе ги градиме сите други визии и размисли за иднината. Да почнеме од наједноставното, но најсложеното – да се почитуваме и да покажуваме чест кон се и кон секого околу нас.

Тодор Стојчевски

Exit mobile version