Што треба да знаете за етикетата на храната што ја купувате, за да избегнете производи што се сомнителни?
Храната, која се пушта во продажба, задолжително се означува според точно определена законска регулатива. Нашата моментална регулатива за означување на храната е усогласена со Европската. „Означување“ на храната значи ставање на ознаки на храната на нејзиното пакување или во прилог на пакувањето. Тие ознаки можат да бидат во вид на слика, цртеж, симбол и текст, преку пишување, отпечатување, втиснување, или на друг начин, вклучувајќи и етикета, маркица, налепница или било кој друг начин на означување.
Означувањето на храната се врши заради обезбедување на суштински и корисни информации за производот, како за потрошувачите така и за надлежните органи кои вршат контрола на храната.
Основни податоци што треба да ги содржи етикетата се следните:
Име на храната
Обично стои правно име или доколку нема тогаш стои вообичаеното име или описно име. Некои видови храна имаат задолжителни имиња како на пример: кафе, чоколадо, џем, шеќер и други.
Список на состојките
Листата на состојките се наведува по опаѓачки редослед на етикетата според нивната тежина во производот. Овде важно е да се наведат E-боевите кај адитивите, да се наведат аромите, дополнителни информации доколку во пакувањето се користат одредени гасови, да се наведат засладувачи, пијалаци со висока содржина на кофеин и др.
Листа на состојки не се наведува кај храна од само една состојка, свежо овошје и зеленчук, газирана вода, оцет, сирење, путер и друго.
Декларирање на алергени
Ова се прави така што во листата на состојки се означува со задебелени букви онаа состојка која може да предизвика алергии.
Нето-количината на храната
Нето-количината се изразува во литри (l, ml, cl) или во килограми (kg и g). Отстапки може да има кај храна која се продава рефус, храна која се продава на парче или кај пакувања помали од 5 g или 5 ml, но ова не важи кај зачините.
Рок на употреба
Рокот е означен со зборовите: “употребливо до” или “употребливо до крајот на”. Производи што имаат краток рок на траење до 3 месеци се означуваат со ден и месец. Производи што имаат рок на траење од 3 до 18 месеци, се означуваат со месец и година. Додека кај производи со рок поголем од 18 месеци, доволно е да е означена годината.
Храната која е ставена во промет чиј рок на употреба е поминат, се смета за небезбедна.
Рокот на употреба не се означува кај свеж зеленчук и овошје, вина, алкохолни пијалаци, сол, шеќер, оцет, гуми за џвакање, печива и тестенини кои се конзумираат во рок од 24 часа.
Посебни услови за чување и/или услови за употреба
Доколку производот бара специфичен начин на чување, тогаш тоа задолжително мора да е означено. Таков е примерот со чувањето во ладилник на одредена температура, за храна што е смрзната.
Име или деловно име и адреса на операторот со храна
Името и адресата на операторот со храна под чие име храната се продава (или увозникот во одредени случаи).
Земја на потекло или место на потекло
Земјата на потекло задолжително треба да е наведена кај овошје и зеленчук, храна со заштитено географско потекло, говедско, свинско, овчо, козјо месо и месо од живина, мед, риби, маслиново масло, вино и др.
Упатство за употреба кога е потребно за правилно да се употреби храната
Доколку храната треба да биде приготвена, истото треба да биде јасно означено, особено доколку е потребна посебна техника за приготвување.
Алкохолна јачина
Треба да се означи доколку повеќе од 1,2 % алкохол по волумен на алкохол е содржано во производот.
Информација за хранливата вредност на храната
Потребно е да се означи: енергетска вредност, масти, заситени масни киселини, јаглехидрати, шеќери, протеини и сол. Може, но не е неопходно, да се додадат информации за: мононезаситени масни киселини, полинезаситени масни киселини, полиоли, скроб, растителни влакна и витамини и минерали.
Енергетската вредност треба да биде означена и во kj (килоџули) и во kcal (килокалории). Дополнително, енергетската вредност и количината на нутриенти може да биде изразена според доза и/или според потрошувачка единица.
Се препорачува податоците да бидат во табеларна форма, но доколку не дозволува просторот, означувањето може да биде во линеарен облик.
Соодветното читање на етикетата на производите ќе ни овозможи повеќе работи. На пример како соодветно да ја дозираме храната во оброците. Потоа контрола на безбедноста на храната преку рокот на траење. Просуството на некои алергени во храната кои можеби треба да ги избегнуваме. Присуство на адитиви во храната што би биле штетни доколку конзумираме поголемо количество од препорачаното. Контрола на калориите кои ги внесуваме доколку внимаваме на линијата. Но и можност за споредба на некои релевантни информации меѓу слични производи. Правилното читање на етикетата е клучниот чекор за избирање здрави пакувани производи, кои се точно и правилно декларирани.