Планината е моја пасија исто. Она што го нуди како чувство тешко се опишува, но оној кој за момент ја препознал големината на природата никогаш нема да биде рамнодушен на неа. За твојата љубов кон планината случајно дознав и искрено љубоморев на твојот подвиг да се освои Монблан. Како почна таа твоја дружба со планината?
Ѓорѓиевска: Мојата дружба со планината започна многу одамна, уште од мали нозе благодарение на мојот покоен дедо и татко со кои најголем дел од викендите и слободното време го поминувавме на Селечка планина – најблиската планина до местото каде живеам и планина која е атрактивна во сите годишни времиња.
Мон Блан отвори една сосема поинаква врата кон моето планинарење кое прерасна во пасија за искачување повисоки и технички потешки планини. Идеата за Мон Блан ја имаше друг планинар – познаник кој ја имаше желбата, но можеби помалку храброст за да го направи тој подвиг сам. Бидејќи во принцип јас сум авантурист и сакам предизвици – решив да му помогнам во реализација на таа негова желба, која се претвори во љубов кон искачување на високи планини.
Битен е секој искачен врв, секоја добиена битка и секој решен проблем. Но битен е и патот кој треба да се помине. Што е поубаво според тебе? Самото освојување на врвовите или пак сето она што се случува во нас и околу нас додека чекориме по патеката?
Ѓорѓиевска: Исто како Митот со Сизиф, така е и искачувањето на планината. Патот до определената цел, без оглед дали е врв, битка или проблем е она што не учи како да продолжиме понатаму, да не застануваме и да бидеме истрајни во нашата намера. Секој искачен врв или решен проблем – не прави посилни и посигурни во соочувањето со предизвиците кои ни ги нуди животот, односно планината. Затоа, тешко е да се одвои едното од другото. Патот кој го поминуваме донекаде го дефинира чувството кога ќе стигнеме на врвот, не менува и мотивира, а самото искачување е она што следува како награда за истрајноста.
Секој врв е своја приказна вредна за споделување. Колку врвови освои и кој би го издвоила како поинаков од сите?
Ѓорѓиевска: Така е, не случајно е кажно: Секоја планина – своја тежина. Секое искачување е поразлично од претходното и следното.
Во однос на врвовите, до сега немам освоено ниту еден врв, бидејќи во принцип врвовите ме освојуваат мене, а јас само привремено ги посетувам или ги искачувам. Секое искачување ми е драго и навистина се разликува од другите, без оглед дали станува збор за искачување на еден ист или некој нов врв.
Не можам да издвојам некоја посебно – но би ги спомнала искачувањето на највисокиот врв на Јужна Америка – Аконкагва, највисокиот врв на Европа – Елбрус, највисокиот врв на Алпите – Мон Блан, највисокиот врв на Германија – Жугспиц, потоа Боботов Кук во Црна Гора, Маја Језерце на Проклетије, Полукс во Италија, Тодорка, Мусала, Каранфили, Вихрен, Трем, Кораб, Церн Камен…
Се помалку се среќаваат млади кои слободното време би преферирале да го поминат во природа отколку во својата омилена кафетерија. Што е она што прави повторно да се враќаш во природата?
Ѓорѓиевска: Па би рекла дека последниве години се менуваат работите во однос на сите outdoor активности. Се повеќе, почесто и помасовно можат да се видат млади кои се вклучуваат во овие активности. Планинарењето, високогорството, планинскиот велосипедизам, планинското трчање – секој ден се повеќе и повеќе се популаризираат.
Што се однесува до мене – речиси во секое искачување гледам некоја убавина и ми е убаво на посебен начин. Енергијата која ја добивам после секоја планинарска тура е посебна и од неа човек станува зависен. Тоа е она што ме тера повторно и повторно да се враќам на планините.
За одредени хобија неопходна е соодветна опрема, психофизичка подготовка. За одредени работи е неопходна само желба да се занимаваш со истото. За да се започне со планинарење, што е неопходно знаење и неопходна опрема? Што би ги советувала сите оние кои сакаат да се занимаваат со планинарење?
Ѓорѓиевска: За секој спорт е потребна определена опрема, но пред се знаење. Желбата за планинарење е повеќе од потребна, бидејќи не секој би издржал на +30 или на –25 степени со ранец од 20 кг, понекогаш гладен и жеден, уморен, на средина од планината, каде нема никаква трага од цивилизација, а опкружен си со најразлични животинки, инсекти, тревки, без доволно кислород и слично.
Затоа, за да се започне со планинарење треба најпрво да се има желба, добар водич, силна волја, скромна физичка подготвеност, која од тура до тура се повеќе и повеќе ќе се зголемува, еден пар добри чизми и ранец. Тоа е за почетниците. А за посериозно планинарење потребна е навистина голема психо-физичка подготвеност, челична истрајност и добра опрема која е знае да биде релативно скапа.
Секој оној кој сака да се занимава со планинарење би го советувала да биде внимателен, јасно да размислува, да ги слуша препораките на водичот и поискусните планинари и да не брза. Тоа според мене е суштината во успешното и безбедното одење во планина. Трпението е клучно за остварување на зацртаната цел.
Гледајќи од врвот кон поминатата патека и пространството под планината е чувство кое го знаат само оние кои уживаат во планината. На што размислуваш кога ги завршуваш последните чекори при освојувањето на еден врв?
Ѓорѓиевска: Самото пристигнување на врвот е навистина свет и посебен момент, но тоа е само половина од зацртаната цел. Многу е тешко да се доловат чуствата и да се преточат во зборови за да се опиши самиот момент. Тоа е момент на награда за вложениот труд, сите тренинзи и напори да се стигне на зацртаната точка, а воедно и мотив за понатаму. Навистина посебно чувство!
Поддршка. Колку ти е битна таа? Колку ти е како средината го перцепира тоа што ти го правиш?
Ѓорѓиевска: Поддршката и тоа како е битна. Од една страна, во моментите на слабост и немоќ таа е еден вид на гориво кое ти дава сила, а од друга стана таа е чувство на страв и одговорност за да не ги изневериш. За среќа можам да се пофалам на армија од луѓе кои стојат позади мене и ништо не може повеќе да ме мотивира како мислата дека позади мене постојат луѓе кои веруваат во мене!
Во однос на перцепцијата на средината, нивната реакција е навистина позитивна и посебна. На самите почетоци, но и сега, особено после секој посериозен потфат постојат луѓе кои знаат да ме застанат на улица да ми честитаат и охрабрат да продолжам да се соочувам со предивиците во еден ,,машки“ спорт. По враќањето од Мон Блан, бидејќи бев прва од мојот град која направила еден таков чекор, добив и прекар што ми беше навистина драго и поттикнувачки. Признанието од околината понекогаш и тоа како значи, особено кога девојка им пркоси на машките. Тоа е и една од причините поради која се осмелив да сонувам и да реализирам едно од досега најсериозните искачување и станав четврта Македонка која се искачи на највисокиот врв на Западната и Јужната земјина хемисфера, Аконкагва.
Морам да споменам и дека подршката од бизнис секторот е мошне потребна, особено во делот на финансирањето. Го користам овој момент и да им се заблгодарам за нивниот придонес при реализирањето на моите проекти.
Интервјуто го подготви: Дражен Котески
Фотографии: Маријана Ѓорѓиевска